Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДОДАТОК

Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење

Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење

Јехова очекува оние што се во брак да останат верни на својот брачен завет. Кога ги соединил првиот маж и првата жена во брак, Јехова рекол: „Човек... ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“. Подоцна, Исус Христос ги повторил овие зборови и додал: „Затоа, Бог што составил, човек да не разделува“ (1. Мојсеева 2:24; Матеј 19:3-6). Значи, Јехова и Исус го сметаат бракот за трајна врска која се раскинува само кога еден од брачните другари ќе почине (1. Коринќаните 7:39). Бидејќи бракот е свето уредување, на разводот не треба да се гледа како на нешто безначајно. Всушност, Јехова го мрази разводот кој нема никаква библиска основа (Малахија 2:15, 16).

Но, што претставува библиска основа за развод? Јехова ги мрази прељубата и блудот (1. Мојсеева 39:9; 2. Самоилова 11:26, 27; Псалм 51:4). Тој го смета блудот за нешто толку одвратно, што дозволува да биде причина за развод. (Во 9. поглавје, во 7. пасус е објаснето што е блуд.) Јехова остава на невиниот брачен другар да одлучи дали да остане во брак или да се разведе (Матеј 19:9). Според тоа, ако одлучи да побара развод, не прави ништо што Јехова го мрази. Меѓутоа, во исто време, христијанското собрание никого не поттикнува на развод. Всушност, поради некои околности невиниот брачен другар можеби ќе реши да остане во брак, особено ако сопружникот што направил прељуба искрено се кае. Сепак, оние што имаат библиска основа за развод мораат самите да донесат одлука и да ги прифатат сите последици што ќе следат по таа одлука (Галатите 6:5).

Во екстремни случаи, некои христијани решаваат да живеат одвоено или да се разведат дури и кога брачниот другар не направил блуд. Библијата кажува што треба да се направи во таков случај. На пример, ако една жена реши да живее одвоено од мажот или да се разведе, треба ‚да остане немажена или да се помири со мажот‘ (1. Коринќаните 7:11). Таа не е слободна да стапи во брак со некој друг (Матеј 5:32). Да разгледаме неколку екстремни ситуации што за некои биле основа да си заминат од дома или да се разведат законски (иако не и библиски).

Намерна негрижа за потребите на семејството. Едно семејство може да западне во крајна сиромаштија и да ги нема дури ни основните работи за живот затоа што мажот, иако е способен, не се грижи за семејството. Библијата вели: „Ако некој не се грижи... за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Ако мажот не сака да се подобри, жената ќе треба да одлучи дали да се заштити себеси и децата со тоа што законски (но не и библиски) ќе се разведе или ќе преземе други законски мерки. Се разбира, христијанските старешини треба внимателно да го разгледаат случајот кога некој христијанин е обвинет дека не сака да се грижи за своето семејство. Поради таквиот став може да биде исклучен.

Тешко физичко малтретирање. Едниот од сопружниците може да биде толку насилен што го доведува во опасност здравјето, па дури и животот на другиот. Ако насилниот сопружник е христијанин, собраниските старешини треба да испитаат дали обвиненијата се точни или не. Еден христијанин може да биде исклучен поради изливи на гнев и насилство (Галатите 5:19-21).

Потполно оневозможување да му се служи на Бог. Едниот сопружник можеби постојано се обидува да го оневозможи својот брачен другар да му служи на Бог, па дури и го присилува да ги прекрши Божјите заповеди. Во таков случај, загрозениот сопружник треба да реши дали единствениот начин ‚да му се покорува на Бог, а не на луѓето‘ е да си замине од дома или законски (иако не и библиски) да се разведе (Дела 5:29).

Кога ќе дојде до вакви екстремни случаи, никој не треба да врши притисок врз невиниот сопружник и да го тера да живее одвоено или да остане во брак. Иако духовно зрелите пријатели и старешини може да дадат поддршка и библиски совети, тие не ги знаат сите детали за она што се случува меѓу еден маж и една жена. Само Јехова го знае тоа. Се разбира, една христијанка нема да му донесе чест на Бог или на бракот ако ги преувеличува семејните проблеми само за да не живее повеќе со маж ѝ, и обратно. Колку и да крие некој, Јехова е свесен за сите подмолни планови што ги крои само за да живее одвоено од својот сопружник. „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Но, ако некоја крајно опасна ситуација трае подолго време, никој не треба да го критикува христијанинот кој, како последно решение, ќе одлучи да не живее повеќе заедно со својот брачен другар. На крајот на краиштата, „сите ќе застанеме пред Божјата судиска столица“ (Римјаните 14:10-12).