Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 18

Како се финансира делото за Царството

Како се финансира делото за Царството

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Зошто и како Јеховиниот народ дава финансиска поддршка на сите активности поврзани со Царството

1, 2. а) Како му одговорил брат Расел на пасторот кој сакал да знае на кој начин Истражувачите на Библијата ги финансираат своите активности? б) Што ќе разгледаме во ова поглавје?

 ВО ЕДНА прилика, на брат Расел му пристапил еден пастор од Реформираната црква, кој сакал да знае како се финансираат активностите на Истражувачите на Библијата.

 „Никогаш не ги тераме луѓето да даваат прилози“, објаснил брат Расел.

 „Тогаш како се финансирате?“, прашал пасторот.

 „Одговорот е многу едноставен, ама знам дека нема да ми верувате“, рекол Расел. „Кога луѓето ќе дојдат на состанок кај нас, никогаш не им се става чинија за прилози под нос. Но, тие сфаќаат дека има трошоци. Си велат: ,Оваа просторија сигурно се плаќа... Дали можам и јас да приложам нешто?‘“

 Пасторот го погледнал со неверие.

 „Тоа е чиста вистина“, продолжил Расел. „Луѓето доаѓаат и ме прашуваат: ,Како можам да дадам нешто за вашето дело?‘ Кога некој ќе почувствува благослов и има материјални средства, самиот сака да приложи за Господарот. Но, ако нема пари, зошто да го присилуваме да дава?“ a

2 Она што го кажал брат Расел навистина било точно. Божјиот народ отсекогаш давал доброволни прилози за да ја поддржува службата за Јехова. Во ова поглавје, ќе наведеме некои библиски примери, како и примери од нашево време кои јасно го покажуваат тоа. Додека го разгледуваме начинот на кој се финансираат теократските активности денес, добро е секој од нас да се праша: ,Како можам јас да покажам дека го поддржувам Царството?‘

,Секој што има спремно срце нека донесе прилог‘

3, 4. а) Каква доверба има Јехова во своите слуги? б) Како Израелците ја поддржале изработката на светиот шатор?

3 Јехова има доверба во своите верни слуги. Тој знае дека, секогаш кога ќе им се укаже можност, тие со радост ќе му ја покажат својата оддаденост така што ќе даваат доброволни прилози. Да разгледаме два примера од историјата на Израелците.

4 Откако ги извел од Египет, Јехова им заповедал да го направат светиот шатор. За шаторот и за приборот во него биле потребни прилично многу средства. Преку Мојсеј, Јехова го повикал народот да ја поддржи изработката на шаторот, кога рекол: „Секој што има спремно срце нека донесе како прилог за Јехова злато, сребро и бакар“ (2. Мој. 35:5). Како реагирале Израелците? Иако до скоро живееле во сурови услови и биле ,присилени на секаква ропска работа‘, тие се одѕвале со сето срце (2. Мој. 1:14). Покажале неизмерна дарежливост со тоа што спремно приложиле злато, сребро и други скапоцености, од кои поголемиот дел најверојатно го добиле од своите поранешни господари (2. Мој. 12:35, 36). Бидејќи Израелците приложувале многу повеќе од она што било потребно, на крајот ,не им било дозволено да донесат уште нешто‘ (2. Мој. 36:4-7).

5. Како реагирале Израелците кога Давид им дал можност да приложат средства за изградбата на храмот?

5 Околу 475 години подоцна, Давид приложил од „своето сопствено злато и сребро“ за да ја поддржи изградбата на првиот храм на вистинскиот Бог на Земјата. Потоа им дал можност и на другите Израелци да покажат дарежливост, кога прашал: „Сака ли уште некој денес доброволно да му приложи со својата рака дар на Јехова?“ Како реагирал народот? Библијата вели: „[Тие] му приложуваа на Јехова доброволно со цело срце“ (1. Лет. 29:3-9). Бидејќи бил свесен на кого, всушност, треба да му бидат благодарни за сите тие прилози, Давид му рекол во молитва на Јехова: „Од тебе доаѓа сѐ и, откако го примивме од твоја рака, ти го дадовме тебе“ (1. Лет. 29:14).

6. Зошто се потребни пари за да се извршува делото за Царството, и кои прашања се поставуваат?

6 Ниту Мојсеј ниту Давид не морале да го тераат Божјиот народ да донесува прилози. Напротив, Израелците давале со спремно срце. А како е денес? Сите добро знаеме дека се потребни пари за да се врши делото за Царството. Потребни се многу средства за да се печатат и да се испорачуваат Библии и библиска литература, да се градат и да се одржуваат сали и подружници, и да им се обезбедува помош на соверниците во случај на катастрофа. Затоа, се поставуваат важни прашања: Од каде ги добиваме потребните финансиски средства? Дали врз поданиците на Царот се врши притисок за да даваат прилози?

,Никогаш нема да бара финансиска помош од луѓе‘

7, 8. Зошто Јеховините слуги не молат никого за пари?

7 Брат Расел и неговите соработници не сакале да користат разни тактики за собирање пари како што користеле црквите на христијанскиот свет. Во вториот број на Стражарска кула, под насловот „Сакаш ли да добиваш ,Сионска Стражарска кула‘?“, брат Расел напишал: „Веруваме дека ЈЕХОВА го поддржува списанието ,Сионска Стражарска кула‘ и, бидејќи е така, тоа никогаш нема да моли за пари ниту да бара финансиска помош од луѓе. Кога Оној што вели ,сето злато и сребро на планините е мое‘ нема да ги обезбеди потребните средства, ќе сфатиме дека е време да престанеме да ја издаваме оваа публикација“ (Агеј 2:7-9). Оттогаш поминаа повеќе од 130 години, а Стражарска кула и организацијата што ја издава сѐ уште се движат со полна пареа!

8 Јеховините слуги не молат никого за пари. На нивните состаноци не кружат чинии за прилози. Освен тоа, не испраќаат писма за да изнудат донации од луѓето, и не организираат донаторски акции, црковни лотарии, лицитации и добротворни приредби. Тие се држат за она што пред многу години било напишано во Стражарска кула: „Отсекогаш сме биле уверени дека не е исправно да ги наговараме и да ги молиме луѓето да даваат пари за делото на Господарот, како што прават другите цркви... Сметаме дека за него е навреда да се прибегнува кон разни тактики за да се изнудуваат пари во Негово име. Тој не го одобрува тоа, и нема да ги благослови ниту оние што даваат ниту активностите за кои се користат тие средства“. b

„Секој нека направи како што одлучил во своето срце“

9, 10. Зошто даваме доброволни прилози?

9 Како поданици на Царството, ние не даваме прилози затоа што некој нѐ принудува на тоа. Напротив, среќни сме што можеме да ги користиме нашите пари, како и нашето време и сила за да го поддржуваме делото за Царството. Зошто сме толку спремни да даваме? Да разгледаме три причини.

10 Прво, даваме доброволни прилози затоа што го сакаме Јехова и сакаме да го „правиме она што е прифатливо во негови очи“ (1. Јов. 3:22). Јехова е среќен кога гледа дека неговите слуги се великодушни. Вреди да се забележи што кажал апостол Павле за ставот со кој треба да даваат христијаните. (Прочитај 2. Коринќаните 9:7.) Вистинскиот христијанин не дава безволно ниту затоа што мора туку затоа што така „одлучил во своето срце“. c Со други зборови, тој гледа дека постои потреба и размислува како може и самиот да помогне. Таквиот човек му е мил на Јехова, бидејќи „Бог го сака веселиот дарител“. Еден друг библиски превод вели: „Бог ги сака луѓето што сакаат да даваат“.

И дечињата во Мозамбик сакаат да даваат прилози

11. Што нѐ поттикнува да му го дадеме на Јехова најдобриот можен дар?

11 Второ, ние даваме материјални прилози за да му покажеме на Јехова колку сме благодарни за сѐ што сме добиле од него. Да разгледаме едно начело од Мојсеевиот закон кое може да ни помогне да откриеме што имаме во срцето. (Прочитај 5. Мојсеева 16:16, 17.) Кога доаѓале на трите годишни празници, Израелците требало да принесат дар ,според благословот што им го дал Јехова‘. Затоа било важно пред празникот секој да размисли за благословите што ги имал, и искрено да се преиспита за да избере дар со кој ќе можел да му возврати на Бог на најдобар начин. Слично на тоа, кога размислуваме за сето она што Јехова го направил за нас, и ние сме поттикнати да му го дадеме најдоброто што го имаме. Дарот што му го принесуваме со цело срце — во кој спаѓаат и материјалните прилози — покажува колку ги цениме сите благослови кои Јехова ги излеал врз нас (2. Кор. 8:12-15).

12, 13. Како ја покажуваме својата љубов кон Царот со нашите прилози, и колку дава секој од нас?

12 Трето, со нашите доброволни прилози покажуваме дека го сакаме нашиот Цар, Исус Христос. Забележи што им рекол тој на своите ученици последната ноќ од својот живот на Земјата: „Ако некој ме сака, ќе ја држи мојата реч“. (Прочитај Јован 14:23.) Во неговата „реч“ спаѓа и заповедта да се проповеда добрата вест за Царството низ целиот свет (Мат. 24:14; 28:19, 20). Ние ја држиме таа „реч“ кога правиме сѐ што е во наша моќ трошејќи ги нашето време, сила и материјални средства за да проповедаме за Царството. На тој начин ја покажуваме својата љубов кон месијанскиот Цар.

13 Како лојални поданици на Царството, сакаме спремно да му дадеме поддршка со нашите материјални прилози. Секој од нас донесува лична одлука колку ќе приложи, трудејќи се да го даде најдоброто што може во склад со своите околности. Факт е дека голем број од нашите браќа немаат многу во материјален поглед (Мат. 19:23, 24; Јак. 2:5). Сепак, утешно е што знаат дека Јехова и неговиот Син ги ценат дури и скромните прилози кои ги даваме од срце (Мар. 12:41-44).

Од каде се добиваат потребните материјални средства?

14. Како Јеховините сведоци ја нуделе литературата долго време?

14 Јеховините сведоци долги години нуделе литература за мал паричен надоместок. Тој износ секогаш бил минимален за да можат дури и посиромашните да добијат публикации. Се разбира, ако станарот бил заинтересиран, но не можел да приложи ништо, објавителите спремно му оставале литература. Тие имале силна желба публикациите да дојдат до рацете на искрените лица за да можат да ги читаат и да ја запознаат вистината.

15, 16. а) Во 1990 год., како Водечкото тело го сменило начинот на кој ја нудиме литературата? б) Како некој може да даде доброволен прилог? (Види ја рамката „ За што се користат нашите прилози?“)

15 Во 1990 год., Водечкото тело реши да го промени начинот на кој ја нудиме литературата. Оттогаш браќата во САД почнаа да ги нудат сите публикации на база на доброволен прилог. Во едно писмо до сите тамошни собранија пишувало: „Од објавителите и заинтересираните лица нема да се бара, ни директно ни индиректно, никаков паричен надоместок за да можат да ги добијат списанијата и другата литература... Секој што сака, може да даде прилог за покривање на трошоците за нашето образовно дело. Сепак, литературата ќе ја даваме сеедно дали некој ќе приложи нешто или не“. Со оваа промена, стана сосема јасно дека нашето дело е од непрофитен и религиозен карактер, и дека ние ,не тргуваме со Божјата реч‘ (2. Кор. 2:17). Со текот на времето, и сите други подружници во светот ја усвоија оваа промена.

16 Како некој може да даде доброволен прилог? Во Салите на Јеховините сведоци има кутии за доброволни прилози кои се поставени на неупадливи места. Ако некој сака, може да стави прилог во нив или да го испрати директно до некоја подружница на Јеховините сведоци. Секоја година, во една статија од Стражарска кула се објаснува на кои сѐ начини можат да се дадат доброволни прилози.

Како се користат приложените пари?

17-19. Објасни како се користат прилозите за а) меѓународното дело, б) изградба на сали за состаноци низ целиот свет, и в) покривање на собраниските трошоци.

17 За меѓународното дело. Со овие средства се покриваат трошоците за меѓународното проповедничко дело во кои спаѓа печатењето и испораката на литература низ целиот свет, изградбата и одржувањето на бетелските објекти, како и организирањето на разни теократски школи. Исто така, се користат за потребите на мисионерите, патувачките надгледници и специјалните пионери. Овие прилози служат и за да им се пружи помош на соверниците во случај на катастрофа. d

18 За изградба на сали за состаноци низ целиот свет. Од овој фонд им се даваат средства на собранијата кои имаат потреба да изградат или да реновираат сала за состаноци. Редовното приложување во овој фонд им овозможува и на другите собранија да ја добијат потребната помош за истата цел. e

19 За собраниски трошоци. Овие средства служат за да се покријат трошоците за користење и одржување на салата. Старешините можат да предложат дел од тие прилози да се испраќа до подружницата за поддршка на меѓународното дело. Во таков случај, одлуката се донесува со резолуција која треба да се изнесе пред собранието. Ако таа се усвои, предложената сума се испраќа до подружницата. Секој месец, братот што се грижи за собраниското сметководство подготвува финансиски извештај, кој се чита пред целото собрание.

20. Како можеш ,да му искажуваш чест на Јехова со својот имот‘?

20 Кога размислуваме што сѐ е потребно за да се извршува проповедничкото дело низ целиот свет, поттикнати сме ,да му искажуваме чест на Јехова со својот имот‘ (Изр. 3:9, 10). Во овој „имот“ спаѓаат нашите физички и умствени способности, како и нашите христијански особини. Сигурно сакаме да ги користиме во најголема можна мера за да го поддржуваме Царството. Но, да не заборавиме дека во тој „имот“ спаѓаат и нашите материјални средства. Затоа, да бидеме решени да го дадеме она што можеме секогаш кога ќе ни се укаже прилика. Со своите доброволни прилози, му искажуваме чест на Јехова и му даваме поддршка на месијанското Царство.

a Стражарска кула, 15 јули 1915, страници 218-219 (англ.).

b Стражарска кула, 1 август 1899, страница 201 (англ.).

c Еден изучувач наведува дека грчкиот збор кој е преведен со ,одлучи‘ се однесува на „промислена и планирана постапка“. Потоа додава: „Иако спонтаното давање носи радост, добро е тоа сепак да биде планирано и промислено“ (1. Кор. 16:2).

d Нешто повеќе за помагањето на браќата при катастрофи има во 20. поглавје.

e Повеќе детали за изградбата на сали за состаноци има во 19. поглавје.