Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 9

Резултати од проповедањето — ,полињата се зрели за жетва‘

Резултати од проповедањето — ,полињата се зрели за жетва‘

ТЕМА НА ПОГЛАВЈЕТО

Јехова дава семето на вистината за Царството да расте

1, 2. а) Зошто учениците на Исус биле збунети? б) За каква жетва зборувал Исус?

 УЧЕНИЦИТЕ на Исус биле збунети. Тој им рекол: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ Но, на полињата што се протегале пред нив немало зрело класје. Тие биле зелени бидејќи јачменот штотуку никнал. Учениците сигурно се прашувале: ,За што зборува Исус? До жетвата има уште многу време‘ (Јован 4:35).

2 Меѓутоа, нивниот Учител не зборувал за дословна, туку за духовна жетва, односно за собирање на луѓето во христијанското собрание. Тој сакал да ги поучи своите следбеници за две важни работи во врска со таа жетва. Да го разгледаме подетално овој извештај за да видиме какви поуки им дал.

Неодложна задача која носи радост

3. а) Што најверојатно го навело Исус да каже дека полињата се „зрели“ за жетва? (Види ја и фуснотата.) б) Како Исус го појаснил она што го рекол?

3 Исус го водел овој разговор со своите ученици при крајот на 30 год. од н.е., во близина на самарискиот град Сихар. Додека учениците биле во градот, тој останал покрај еден бунар, каде што разговарал со една жена која веднаш сфатила колку е важно она што го поучувал. Кога учениците дошле, жената брзо се вратила во градот и со воодушевување им го раскажала на другите сето она што го дознала од Исус. Бидејќи тоа многу ги заинтересирало, мнозина од нив веднаш тргнале кон бунарот за да видат кој е тој човек. Веројатно додека гледал кон полињата кои се протегале пред нив, Исус ги видел во далечината Самарјаните кои доаѓале кон него, и тогаш рекол: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ a А потоа, за да објасни дека не мисли на дословна, туку на симболична жетва, додал: „Жетварот... собира плод за вечен живот“ (Јован 4:5-30, 36).

4. а) Кои две поуки во врска со духовната жетва ги дал Исус? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

4 Кои две важни поуки за духовната жетва ги дал Исус? Прво, жетвата е неодложна. Кога рекол дека ,полињата се зрели за жетва‘, тој, всушност, ги повикал своите следбеници веднаш да се зафатат со работа. За да им помогне да сфатат колку таа задача е итна, Исус додал: „Веќе жетварот прима плата“. Значи, жетвата веќе била почната — немало време за чекање! Второ, работниците ќе бидат радосни. Исус рекол дека и оние кои сеат и оние кои жнеат ќе „се радуваат заедно“ (Јован 4:35б, 36). Исто како што самиот тој сигурно се радувал бидејќи ,многу Самарјани поверувале во него‘, така и учениците многу ќе се радувале додека со сета душа учествувале во жетвата (Јован 4:39-42). Овој извештај од првиот век е од посебна важност за нас бидејќи дава сликовит опис на она што се случува денес, во текот на најголемата духовна жетва на сите времиња. Кога започнала оваа жетва? Кој учествува во неа? И што било постигнато досега?

Нашиот Цар ја предводи најголемата жетва на сите времиња

5. Кој предводи во „земната жетва“ низ целиот свет, и како видението на Јован покажува дека таа е неодложна?

5 Преку едно видение кое му го дал на апостол Јован, Јехова открил дека Исус ќе предводи во една симболична жетва на луѓе која ќе се врши низ целиот свет. (Прочитај Откровение 14:14-16.) Во ова видение, Исус е прикажан со златна круна на главата и со срп во раката. Круната е симбол на неговата царска власт, а српот ја истакнува неговата главна улога во жетвата. Преку еден ангел, Јехова рекол дека „земната жетва е зрела“. Со тоа нагласил дека таа е неодложна. Навистина ,дошол часот да се жнее‘ — повеќе нема време за чекање! Послушен на заповедта што му ја дал Бог, Исус ,замавнал со српот‘ за да ,ја пожнее земјата‘, односно да ги собере во христијанското собрание кротките луѓе што живеат на неа. Ова живописно видение нѐ потсетува дека полињата и денес „се зрели за жетва“. Дали ни помага и да одредиме кога започнала оваа ,земна жетва‘ од светски размери? Да!

6. а) Кога започнало „времето на жетвата“? б) Кога, всушност, започнала „земната жетва“, односно собирањето на родот? Објасни.

6 Во библиската книга Откровение, поглавје 14, Исус е прикажан како Жетвар со круна на главата (стих 14), што значи дека ова видение се исполнува откако тој бил устоличен за Цар во 1914 год. (Дан. 7:13, 14). Некое време потоа, Исус добил заповед да започне со жетвата (стих 15). Во својата споредба за пченицата и каколот, тој објаснил дека „жетвата е свршетокот на овој поредок“. Бидејќи свршетокот на овој поредок започнал во 1914 год., тоа значи дека и времето на жетвата започнало истата година. Но, самото собирање на родот почнало нешто подоцна, во текот на „времето на жетвата“, односно неколку години откако Исус се зацарил (Мат. 13:30, 39). Најпрво, од 1914 до почетокот на 1919 год., тој ги пречистил своите помазани следбеници (Мал. 3:1-3; 1. Пет. 4:17). Потоа, во 1919 год., започнала „земната жетва“. Преку верниот роб, кој штотуку го поставил над своите слуги, Исус им помогнал да сфатат колку е важно и итно проповедничкото дело. Да видиме што се случило.

7. а) Како браќата увиделе дека мора да проповедаат без одложување? б) На што биле поттикнати нашите браќа?

7 Во Стражарска кула од јули 1920 год. стоело: „Од проучувањето на Светото писмо може да заклучиме дека на црквата [собранието] ѝ е укажана огромна чест да ја пренесува пораката за царството“. На пример, од пророчките зборови на Исаија браќата увиделе дека треба да ја објавуваат веста за Царството низ целиот свет (Иса. 49:6; 52:7; 61:1-3). Тие не знаеле како ќе успеат во тоа, но имале доверба дека Јехова ќе ги води и ќе им помага. (Прочитај Исаија 59:1.) Откако појасно разбрале дека проповедничкото дело е неодложно, нашите браќа биле поттикнати да сведочат со уште поголема ревност. Какви биле резултатите?

8. Кои две важни работи во врска со проповедањето ги сфатиле нашите браќа во 1921 год.?

8 Во Стражарска кула од декември 1921 год. пишувало: „Ова беше најдобрата година досега. Во текот на 1921, пораката за вистината ја слушнаа поголем број луѓе отколку во која и да било претходна година“. Во продолжение стоело: „Сепак, има уште многу работа... Да ја извршиме со радосно срце“. Забележи дека браќата уште тогаш ги сфатиле истите две важни работи за проповедањето што и самиот Исус им ги нагласил на апостолите: Жетвата е неодложна, а работниците се радосни.

9. а) Што пишувало во една Стражарска кула од 1954 год. за жетвата, и зошто? б) Колку пораснал бројот на објавители во светот во изминатите 50 години? (Види ја табелата „ Пораст низ целиот свет“.)

9 Во текот на 1930-тите, откако браќата разбрале дека едно големо мноштво други овци ќе ја прифати пораката за Царството, проповедањето зело уште поголем замав (Иса. 55:5; Јован 10:16; Отк. 7:9). Каков бил резултатот? Од 1934 до 1953 год., бројот на објавители на Царството пораснал од 41.000 на 500.000! Во Стражарска кула од 1 декември 1954 год. пишувало: „Една толку голема жетва во целиот свет може да се врши само благодарение на Јеховиниот дух и на моќта на неговата Реч“ b (Зах. 4:6).

 

ПОРАСТ НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ

Земја

1962

1987

2013

Австралија

15.927

46.170

66.023

Бразил

26.390

216.216

756.455

Франција

18.452

96.954

124.029

Италија

6.929

149.870

247.251

Јапонија

2.491

120.722

217.154

Мексико

27.054

222.168

772.628

Нигерија

33.956

133.899

344.342

Филипини

36.829

101.735

181.236

САД

289.135

780.676

1.203.642

Замбија

30.129

67.144

162.370

 

ПОРАСТ НА БИБЛИСКИ КУРСЕВИ

1950

234.952

1960

646.108

1970

1.146.378

1980

1.371.584

1990

3.624.091

2000

4.766.631

2010

8.058.359

Резултатите од жетвата — проречени со живописни споредби

10, 11. Кои обележја на растот се нагласени во споредбата за синаповото зрно?

10 Во своите споредби за Царството, Исус прорекол на сликовит начин какви ќе бидат резултатите од духовната жетва. Да ги разгледаме споредбите за синаповото зрно и за квасецот, и да обрнеме внимание како се исполнуваат во времето на крајот.

11 Споредбата за синаповото зрно. Еден човек посејува синапово зрно на својата нива. Подоцна тоа израснува и станува дрво на кое се населуваат птици. (Прочитај Матеј 13:31, 32.) Кои обележја на растот се истакнати во оваа споредба? 1) Растот е огромен. „Најмалото од сите семиња на земјата“ станува дрво со „големи гранки“ (Мар. 4:31, 32). 2) Растот е сигурен. Исус рекол: „Кога еднаш ќе се посее, [семето] израснува“. Тој не вели: „Можеби ќе израсне“, туку: „Израснува“. Значи, неговиот раст е незапирлив. 3) Разгранетото дрво станува дом. Тоа ги привлекува „птиците небесни“ кои ,се населуваат под неговата сенка‘. Зошто може да се каже дека и денешната духовна жетва ги има овие три обележја?

12. Како споредбата за синаповото зрно се исполнува на денешната жетва? (Види ја и табелата „ Пораст на библиски курсеви“.)

12 1) Растот е огромен: Во оваа споредба се нагласени ширењето на пораката за Царството и растот на христијанското собрание. Од 1919 год., прочистеното христијанско собрание доживеало пораст. Иако во тоа време бројот на ревносни работници на жетвата бил мал, почнал да расте со голема брзина. Всушност, од почетокот на 20 век до денес, имало невиден пораст! (Иса. 60:22). 2) Растот е сигурен: Христијанското собрание незапирливо расте. Без оглед на огромното противење, чија цел била да го задуши растот, ситното семе продолжило да расте и да ги урива сите пречки (Иса. 54:17). 3) Христијанското собрание станува дом: „Птиците небесни“ кои се населуваат на дрвото ги претставуваат милионите искрени лица од околу 240 земји кои ја прифатиле пораката за Царството и станале дел од христијанското собрание (Езек. 17:23). Таму тие добиваат духовна храна, освежување и заштита (Иса. 32:1, 2; 54:13).

Споредбата за синаповото зрно покажува дека христијанското собрание претставува дом во кој можеме да најдеме заштита (Види во пасуси 11-12)

13. Кои обележја на растот се истакнати во споредбата за квасецот?

13 Споредбата за квасецот. Една жена го замесува квасецот со брашното, и тој го скиснува целото тесто. (Прочитај Матеј 13:33.) Кои обележја на растот се нагласени во оваа споредба? Да разгледаме две од нив. Првото обележје е промената. Како што нараснува, квасецот предизвикува промена во тестото, односно тоа скиснува поради него. Второто обележје е ширењето. Квасецот се шири сѐ додека не го зафати целото тесто кое се состои од „три големи мери брашно“. Зошто може да се каже дека и денешната духовна жетва ги има овие две обележја?

14. Како споредбата за квасецот се исполнува на денешната жетва?

14 1) Промена: Квасецот ја претставува пораката за Царството, а тестото го претставува човештвото. Исто како што квасецот го менува тестото, така и пораката за Царството ги менува срцата на луѓето кои ќе ја прифатат (Рим. 12:2). 2) Ширење: Ширењето на квасецот го претставува ширењето на пораката за Царството. Исто како што квасецот се шири сѐ додека не го зафати целото тесто, така и пораката за Царството се шири „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Ова обележје на споредбата ни открива уште нешто — добрата вест ќе се прошири дури и во земјите каде што делото е под забрана, иако можеби нашата активност во тие делови на светот е речиси незабележителна.

15. Како се исполнуваат зборовите од Исаија 60:5, 22? (Види ги и рамките „ За Јехова сѐ е возможно“ и „ Како ,малиот‘ станал ,силен народ‘“.)

15 Околу 800 години пред Исус да ги каже овие споредби, Јехова, преку својот пророк Исаија, со живописни зборови го претскажал обемот на денешната духовна жетва и радоста што ќе ја донесе таа. c Бог прорекол дека кон неговата организација ќе се слеваат луѓе од сите страни. Обраќајќи ѝ се на својата симболична „жена“, која денес ја застапува остатокот од помазаници на Земјата, Бог вели: „Ќе гледаш и ќе светнеш од радост, срцето ќе ти заигра од голема радост, зашто кон тебе ќе се упати морското богатство, богатството на народите ќе дојде кај тебе“ (Иса. 60:1, 4, 5, 9). Овие зборови се исполнуваат пред наши очи! Денес, многу долгогодишни слуги на Јехова навистина бликаат од радост кога гледаат дека бројот на објавители во нивните земји пораснал од само неколкумина на илјадници.

Сите Јеховини слуги имаат причини за радост

16, 17. Зошто ,сејачот и жетварот се радуваат заедно‘? (Види ја и рамката „ Семето на вистината пушта корен во амазонската прашума“.)

16 Како што веќе видовме, Исус им рекол на своите апостоли: „Жетварот... собира плод за вечен живот, за да се радуваат заедно сејачот и жетварот“ (Јован 4:36). Зошто можеме ,да се радуваме заедно‘ додека учествуваме во жетвата која се врши низ целиот свет? Да разгледаме три причини.

17 Прво, се радуваме бидејќи ја гледаме улогата што Јехова ја има во проповедничкото дело. Кога ја објавуваме пораката за Царството, го сееме семето на вистината (Мат. 13:18, 19). А кога ќе му помогнеме некому да стане Христов ученик, тогаш собираме плод. Сите чувствуваме голема радост додека со восхит гледаме како Јехова дава семето ,да никне и да расте‘ (Мар. 4:27, 28). Некое семе што сме го посеале никнува подоцна и родот го жнее некој друг. Можеби и ти си доживеал нешто слично како Џоен, една христијанка од Британија која се крстила пред 60 години. Таа раскажала: „Понекогаш сретнував луѓе кои ми кажуваа дека сум ,посадила семе‘ во нивното срце кога сум им проповедала пред многу години. Воопшто не знаев дека подоцна други Сведоци ја проучувале Библијата со нив и им помогнале да станат Јеховини слуги. Пресреќна сум што семето кое сум го посадила пораснало и родило плод“. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6, 7.)

18. На што може да се радува секој од нас според зборовите од 1. Коринќаните 3:8?

18 Второ, ќе бидеме радосни ако секогаш ги имаме на ум следниве зборови на Павле: „Секој ќе добие награда според својот труд“ (1. Кор. 3:8). Значи, добиваме награда според трудот што го вложуваме, а не според постигнатите резултати. Ова сигурно е многу утешно за оние кои проповедаат на подрачја каде што малкумина се интересираат за вистината. Во Божји очи, секој Сведок кој учествува со сета душа во сеењето ,донесува многу плод‘, и затоа има причина за радост (Јован 15:8; Мат. 13:23).

19. а) Зошто пророштвото од Матеј 24:14 ни причинува радост? б) Што не треба да заборавиме дури и ако не успееме да помогнеме некому да стане Христов ученик?

19 Трето, се радуваме затоа што со нашето проповедање исполнуваме едно библиско пророштво. Забележи што им одговорил Исус на своите апостоли кога го прашале: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ Тој им кажал дека едно обележје на тој знак ќе биде проповедањето на добрата вест кое ќе се врши низ целиот свет. Дали со тоа Исус се осврнал на делото на поучување? Не. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:3, 14). Значи, прореченото обележје на знакот е проповедањето за Царството — односно сеењето на семето. Затоа, додека ја проповедаме добрата вест, да не заборавиме дека, дури и ако не успееме да му помогнеме некому да стане Христов ученик, сепак даваме „сведоштво“. d Сеедно како реагираат луѓето, ние учествуваме во исполнувањето на Исусовото пророштво, и имаме чест да служиме како „Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Зарем ова не е огромна причина за радост?

„Од сончевиот исток до неговиот запад“

20, 21. а) Како се исполнуваат зборовите од Малахија 1:11? б) Што си решен да правиш во поглед на жетвата, и зошто?

20 Во првиот век, Исус им помогнал на своите апостоли да сфатат дека жетвата е неодложна. Од 1919 год. наваму, тој им помага и на своите денешни следбеници да ја сфатат истата работа. Поради тоа, Божјите слуги продолжуваат уште поревносно да проповедаат, и жетвата се одвива без престан. Како што претскажал пророкот Малахија, денес се проповеда „од сончевиот исток до неговиот запад“ (Мал. 1:11). Да, од исток до запад, без разлика во кој дел на Земјата живеат — оние што сеат и оние што жнеат трудољубиво работат и се радуваат заедно. Од изгрејсонце до зајдисонце, односно од утро до мрак, тие проповедаат со чувство на итност.

21 Кога ќе размислиме за изминатите стотина години, и за тоа како Божјите слуги прераснале од една мала група во „силен народ“, нашите срца навистина се прелеваат од радост (Иса. 60:5, 22). Таа радост, како и нашата љубов кон Јехова — „Господарот на жетвата“ — нека нѐ поттикнуваат и понатаму да даваме сѐ од себе додека привршува најголемата жетва на сите времиња! (Лука 10:2).

a На изворниот јазик, зборот што во овој стих е преведен со „зрели“ дословно значи „бели“. Со тоа Исус можеби укажал на белите облеки што веројатно ги носеле Самарјаните кои доаѓале кон него.

b Нешто повеќе за тие години и за децениите што следеле, можеш да прочиташ во книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство (англ.), страници 425-520, каде што се зборува за резултатите од жетвата во периодот од 1919 до 1992 год.

c Повеќе информации за ова живописно пророштво може да најдеш во книгата Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, том 2, страници 303-320.

d Уште првите Истражувачи на Библијата ја разбрале оваа важна вистина. Во Стражарска кула од 15 ноември 1895 год. пишувало: „Дури и да се собере само малку пченица, барем ќе се даде огромно сведоштво за вистината... Секој може да го проповеда евангелието“.