Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 12

Како да се зближиш со Бог?

Како да се зближиш со Бог?

1. Дали Бог ги слуша сите молитви?

Бог сака сите луѓе, без оглед на нивното потекло, да се зближат со него преку молитва (Псалм 65:2). Но, тој не ги слуша сите молитви. На пример, нема да ги слушне молитвите на еден маж што се однесува лошо со својата жена (1. Петрово 3:7). Исто така, кога Израелците упорно правеле лоши работи, Бог не сакал да ги слуша нивните молитви. Сепак, ако се каат, Бог ќе ги чуе молитвите дури и на најголемите грешници. Значи, огромна чест е тоа што можеме да се молиме. (Прочитај Исаија 1:15; 55:7.)

Гледај го видеоклипот Дали Бог ги слуша сите молитви?

2. Како да се молиме?

Со молитвата покажуваме длабока почит кон Бог и затоа треба да му се молиме само на нашиот Творец, Јехова (Матеј 4:10; 6:9). Бидејќи сме несовршени, молитвите треба да ги упатуваме во името на Исус, кој умрел за нашите гревови (Јован 14:6). Јехова не сака да повторуваме напишани или напамет научени молитви. Тој сака да му се молиме со свои зборови, од срце. (Прочитај Матеј 6:7; Филипјаните 4:6, 7.)

Нашиот Творец може да ги чуе дури и молитвите што ќе ги кажеме во себе (1. Самоилова 1:12, 13). Тој ни вели дека можеме да му се молиме во секое време — наутро, навечер, пред да јадеме или кога имаме проблеми. (Прочитај Псалм 55:22; Матеј 15:36.)

3. Зошто христијаните одржуваат верски состаноци?

Не е лесно да се зближиме со Бог бидејќи многу луѓе денес не веруваат во него, а неговото ветување дека ќе воспостави мир на Земјата го сметаат за смешно (2. Тимотеј 3:1, 4; 2. Петрово 3:3, 13). Затоа ни треба друштвото на нашите соверници, со кои се поттикнуваме верно да му служиме на Бог. (Прочитај Евреите 10:24, 25.)

Ако се дружиме со луѓе што го сакаат Бог, ќе ни биде полесно да станеме блиски со него. Состаноците на Јеховините сведоци се одлична прилика за ова, затоа што на нив можеме да се охрабриме од верата на другите. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.)

4. Како можеш да се зближиш со Бог?

Можеш да се зближиш со Јехова на тој начин што длабоко ќе размислуваш за она што го учиш од неговата Реч. Размислувај за неговите постапки, совети и ветувања. Ако му се молиш на Бог и размислуваш за него, ќе имаш поголемо ценење за неговата љубов и мудрост. (Прочитај Исус Навин 1:8; Псалм 1:1-3.)

Можеш да бидеш близок со Бог само ако имаш цврста вера во него. Но, како што едно растение брзо ќе овене без вода и сонце, така и твојата вера ќе ослабне ако не размислуваш често зошто веруваш во Бог. (Прочитај Матеј 4:4; Евреите 11:1, 6.)

5. Зошто е добро да се зближиме со Бог?

На Јехова му се драги оние што го сакаат. Тој може да ги заштити од сѐ што би можело да им ја разниша верата и да им ја уништи надежта за вечен живот (Псалм 91:1, 2, 7-10). Јехова ни кажува кои работи можат да ни го нарушат здравјето и да ни ја одземат радоста. Знае што е најдобро за нас и затоа нѐ поучува како да живееме. (Прочитај Псалм 73:27, 28; Јаков 4:4, 8.)