Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Демоните лажат дека мртвите се живи

Демоните лажат дека мртвите се живи

Библијата вели дека Сатана го „заведува целиот свет“ (Откровение 12:9). Тој и неговите демони не сакаат да веруваме во Божјата реч, Библијата. Тие се обидуваат да ги натераат луѓето да веруваат дека мртвите живеат некаде во духовниот свет. Да видиме како го прават тоа.

Лажна религија

Луѓето, животните, рибите и птиците — сите се души

Многу религии учат дека секој човек има душа која по смртта на материјалното тело преминува во духовниот свет. Велат дека телото умира, но не и душата. Згора на тоа, тврдат дека душата не може да умре, дека е бесмртна.

Но, Божјата реч не вели така. Од Библијата јасно се гледа дека душата е самиот човек, а не нешто внатре во него. На пример, во врска со создавањето на Адам, Библијата вели: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7). Значи на Адам не му била дадена душа — тој бил душа.

И животните се наречени души (1. Мојсеева 1:20, 21, 24, 30).

Бидејќи библискиот збор „душа“ се однесува на самата личност, не би требало да се изненадиме кога ќе дознаеме дека душите можат да умрат — и дека умираат. Библијата вели:

  • „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4).

  • „И [Самсон] извика: ,Мојата душа нека загине со Филистејците!‘“ (Судии 16:30).

  • „Дали е дозволено во сабота да се прави добро или да се прави лошо, да се спаси живот [„душа“, фуснота] или да се убие?“ (Марко 3:4).

Од Библијата јасно се гледа дека душата не е бесмртна

Други библиски стихови покажуваат дека душите можат да бидат истребени (1. Мојсеева 17:14, фуснота), погубени со меч (Исус Навин 10:37), задушени (Јов 7:15) и удавени (Јона 2:5). Значи, душата умира.

Ако ја прочиташ Библијата од корица до корица, никаде нема да го најдеш изразот „бесмртна душа“. Човечката душа не е дух. Верувањето во бесмртна душа не е библиско. Тоа е учење на Сатана и на неговите демони. Јехова ги мрази сите лаги што ги шират религиите (Изреки 6:16-19; 1. Тимотеј 4:1, 2).

Спиритистички медиуми

Демоните, всушност, се преправаат дека се духови на мртвите

Сатана користи и спиритистички медиуми со цел да ги заведе луѓето. Медиум е човек кој може да добива пораки директно од духовниот свет. Многу луѓе, па и самите медиуми, веруваат дека овие пораки се од духовите на мртвите. Но, како што видовме од Библијата, тоа не е можно (Проповедник 9:5, 6, 10).

Тогаш, кој ги праќа овие пораки? Самите демони! Демоните можат да набљудуваат некого додека е жив, и знаат како тој човек зборувал, како изгледал, што направил и што знаел. Затоа им е лесно да ги имитираат луѓето што умреле (1. Самоилова 28:3-19).

Невистинити приказни

Друг начин на кој Сатана ја шири лагата за мртвите е преку невистинити приказни. Таквите приказни честопати ги одвраќаат луѓето од библиската вистина (2. Тимотеј 4:4).

Некои мислат дека виделе луѓе кои се вратиле од мртвите

Во Африка често се слушаат приказни за луѓе што биле видени откако умреле. Обично некој ги видел многу далеку од местото каде што живееле. Но, прашај се: ‚Ако некој има моќ да се врати од мртвите, дали е разумно да се врати во некое место далеку од семејството и од пријателите?‘

Освен тоа, зарем не е можно оној што го виделе само да личел на човекот што умрел? На пример, двајца христијански слуги што проповедале во едно село забележале дека веќе неколку часа еден стар човек оди по нив. Кога го прашале зошто, човекот им кажал оти мисли дека едниот од нив е неговиот брат кој умрел пред неколку години. Се разбира дека не бил во право, но тие не можеле да го уверат во спротивното. Замисли каква приказна им раскажал подоцна овој стар човек на своите пријатели и соседи!

Виденија, соништа и гласови

Демоните заведуваат преку соништа, виденија и гласови

Без сомнение, и ти си чул за некои чудни работи што луѓето ги виделе, ги чуле или ги сонувале. Таквите натприродни работи обично ги плашат оние што ги доживеале. Марејн, која живеела во западна Африка, редовно го слушала гласот на својата покојна баба како ја вика ноќе. Преплашена, Марејн врискала и ја будела целата куќа. На крајот, го изгубила разумот.

Ако мртвите навистина се живи, дали е разумно да ги плашат своите најблиски? Се разбира не. Таквите штетни пораки потекнуваат од демоните.

Но, што е со оние пораки кои изгледаат корисни и утешителни? На пример, Габасај од Сиера Леоне била болна. Сонувала сон во кој ѝ се јавил покојниот татко. Во сонот ѝ рекол да појде до одредено дрво, да скине еден лист, да го измеша со вода и да ја испие течноста. Ѝ заповедал да не зборува со никого пред да го стори тоа. Направила така и оздравела.

Една друга жена рекла дека маж ѝ се појавил една ноќ, а веќе бил умрен. Таа рекла дека изгледал многу убаво и дека носел убава облека.

Таквите пораки и виденија изгледаат убави и корисни. Дали се од Бог? Не. Јехова е ‚Бог на вистината‘ (Псалм 31:5). Тој никогаш не би нѐ измамил ниту би нѐ лажел. Тоа го прават само демоните.

Но, дали постојат добри демони? Не. Иако понекогаш се чини дека помагаат, сите тие се лоши. Кога Ѓаволот зборувал со Ева, настапил како пријател (1. Мојсеева 3:1). Но, што се случило откако го послушала и го направила она што ѝ го рекол? Умрела.

Сатана рекол дека Ева нема да умре. Ева му поверувала, но на крајот умрела

Ти знаеш дека не е ништо чудно еден лош човек да им се прави пријател на оние што сака да ги измами и излаже. „Бели заби, црно срце“, вели една африканска поговорка. А Божјата реч вели: „Самиот Сатана се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14).

Бог повеќе не контактира со луѓето на Земјата преку соништа, виденија или гласови од духовниот свет. Тој нѐ води и поучува преку Библијата, која може ‚потполно да нѐ опреми за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:17).

Затоа, кога Јехова нѐ предупредува на замките на Ѓаволот, го прави тоа затоа што нѐ сака. Тој знае дека демоните се опасни непријатели.