Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Демоните поттикнуваат на побуна против Бог

Демоните поттикнуваат на побуна против Бог

Некои обичаи се темелат на лагата дека мртвите можат да нѐ видат

Зошто Сатана и неговите демони се трудат толку многу да нѐ измамат? Затоа што сакаат да им се придружиме во нивната побуна. Сакаат да ги обожаваме нив. Сакаат да веруваме во нивните лаги и да правиме работи што Јехова не ги сака. Многу од тие работи вклучуваат обичаи поврзани со мртвите.

Смртта на некој близок предизвикува длабока болка и сосема е нормално да бидеме тажни. По смртта на својот пријател Лазар, Исус ‚почнал да рони солзи‘ (Јован 11:35).

Насекаде во светот има најразлични обичаи што се поврзани со смртта. Многу од нив не се во спротивност со библиските начела. Меѓутоа, некои обичаи се темелат на верувањето дека мртвите се живи и дека можат да ги гледаат живите. Причина за бдеењето над мртовецот, гласното редење и безбројните обреди поврзани со самиот погреб е стравот да не бидат на некој начин налутени духовите на мртвите. Но, бидејќи мртвите „не се свесни за ништо“, оние што ги прават овие работи, всушност, ја шират лагата на Сатана (Проповедник 9:5).

Други обичаи се темелат на лагата дека на мртвите им е потребна нашата помош

Други обичаи или обреди потекнуваат од верувањето дека на мртвите им е потребна помош од живите и дека ќе им наштетат на живите ако не бидат смилостивени. Во некои земји се одржуваат помени и парастаси или 40 дена, или една година по нечија смрт. Тоа се прави за наводно да му помогне на починатиот да ‚премине‘ во духовниот свет. Друг обичај е да им се остава јадење или пијалак на умрените.

Овие работи се погрешни бидејќи одат во прилог на лагата што ја шири Сатана во врска со мртвите. Дали на Јехова би му било мило да имаме каква и да било врска со обичаи кои се темелат на демонски учења? Во никој случај! (2. Коринќаните 6:14-18).

Слугите на вистинскиот Бог не ги прават обичаите што одат во прилог на лагите на Сатана. Наместо тоа, со љубов се трудат да им помогнат на живите и да ги утешат. Тие знаат дека штом некој ќе почине, само Јехова може да му помогне (Јов 14:14, 15).

Бог го осудува спиритизмот

Некои луѓе доаѓаат во контакт со демоните директно или преку човечки медиум. Ова се нарекува спиритизам. Некои облици на спиритизам се: вуду, гатање, магија, претскажување на иднината и прашување на мртвите.

Бог не ги сака овие лоши работи. Тој бара да му се покажува оддаденост само нему (2. Мојсеева 20:5).

Библијата ги осудува овие работи со следниве зборови: „Кај тебе нека не се најде... некој што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12).

Зошто Јехова толку строго нѐ предупредува во врска со овие обичаи?

За наше добро, Јехова ни дава предупредување за сите облици на спиритизам. Тој ги сака луѓето и се грижи за нив, и знае дека оние што ќе дојдат во контакт со демони сигурно ќе страдаат.

Нешто такво ѝ се случило на Нилда, која била духовен медиум во Бразил. Демоните ѝ го уништиле животот. Таа кажува: „Духовите... ме опседнуваа и ми наредуваа што да правам. Постојано бев де во свесна де во бесвесна состојба, и се борев со тешки психички проблеми. Демоните толку многу ме измачуваа што ми попуштија нервите. Земав лекови за смирување и почнав постојано да пијам и да пушам. Ова траеше со години“.

Оние што се занимаваат со спиритизам, честопати поминуваат лошо. Можат да го изгубат домот, слободата, па дури и животот

Со текот на времето, со помош на Јехова и на неговите Сведоци на Земјата, Нилда се ослободила од демонското влијание и сега води исполнет и среќен живот. Таа вели: „Ги молам сите, никогаш — ниту за миг — да немаат ништо со [злите] духови“.