Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служи му на Јехова, а не на Сатана

Служи му на Јехова, а не на Сатана

Сите ние имаме избор — да му служиме на Јехова или да му служиме на Сатана и на неговите демони. Не можеме да им служиме и на двајцата. Колку е мудро да му служиме на Јехова!

Јехова е добар

Како што видовме, демоните уживаат да ги повредуваат и да ги лажат луѓето. Јехова не е таков. Тој ги сака луѓето како што еден татко си ги сака своите деца. Јехова е Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Тој не им скратува ништо добро на луѓето, дури и ако тоа е по голема цена за него лично (Ефешаните 2:4-7).

Исус, Божјиот Син, покажал љубов кон луѓето со тоа што ги лекувал од нивните болести

Размисли за работите што Исус, Божјиот Син, ги направил на Земјата. Им ја вратил способноста за говор на немите и им го вратил видот на слепите. Лекувал лепрозни и сакати луѓе. Истерувал демони и лекувал секаков вид болести. Со помош на Божјата сила, Исус дури и мртвите ги воскреснувал во живот (Матеј 9:32-35; 15:30, 31; Лука 7:11-15).

Наместо да ни кажува лаги за да нѐ заведе, Бог секогаш ја кажува вистината. Тој никогаш не лаже никого (4. Мојсеева 23:19).

Немај никаков удел во нечисти обичаи

Како што мувата се фаќа во пајажината, така милиони луѓе се фатени во мрежата на суеверието и лагата. Се плашат од мртвите. Се плашат од демоните. Преокупирани се со клетви, предзнаци, магии и амајлии и предмети што се користат за правење магии. Врзани се за верувања и традиции што се темелат на лагите на Сатана Ѓаволот. Божјите слуги не паѓаат во замката на ниту една од овие работи.

Јехова е далеку посилен од Сатана. Ако му служиш на Јехова, тој ќе те штити од демоните (Јаков 4:7). Клетвите нема да имаат никакво дејство врз тебе. На пример, во Нигерија, тројца моќни врачеви фрлиле клетви на еден Сведок на Јехова кој не сакал да си оди од градот. Кога ништо не се случило со Сведокот, еден од врачевите се исплашил, отишол кај него и молел за милост.

Ефешаните ги изгореле своите книги за магии

Ако те вознемируваат демони, можеш да го повикаш Јехова по име и тој ќе те заштити (Изреки 18:10). Но, за да имаш Божја заштита, мораш потполно да расчистиш со сѐ што е поврзано со спиритизам и обожавање на демони. Така направиле Божјите слуги во древниот Ефес. Ги собрале сите свои книги за магии и ги изгореле (Дела 19:19, 20). Божјите слуги денес мораат да го сторат истото. Ослободи се од сите амајлии, „заштитни“ конци, предмети што се користеле за правење магии, книги за магии и сѐ друго што е поврзано со спиритистички обичаи.

Служи му на Бог на исправен начин

Ако сакаш да го радуваш Бог, не е доволно само да расчистиш со лажното обожавање и да престанеш да правиш лоши работи. Мораш активно да му служиш на исправен начин. Библијата покажува што се бара:

Присуствувај на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25).

Проучувај ја Библијата (Јован 17:3).

Проповедај им на другите (Матеј 24:14).

Моли се на Јехова (Филипјаните 4:6, 7).

Крсти се (Дела 2:41).

Дружи се со Јеховините сведоци

Сатана и демоните имаат свои луѓе на Земјата кои учат и прават погрешни работи. Но, и Јехова има свој народ. Тоа се Јеховините сведоци (Исаија 43:10). Ширум светот има над шест милиони Сведоци. Сите тие многу се трудат да прават добри работи и да ги поучуваат луѓето за вистината. Во повеќето земји, можеш да ги сретнеш во Салите на Царството, каде што љубезно ќе те пречекаат.

Тие им помагаат на другите луѓе да му служат на Бог. Спремни се да ја проучуваат Библијата и со тебе, во твојот дом, и ќе ти помогнат да научиш како да му служиш на Јехова на исправен начин. Не треба да плаќаш за ова. Сведоците се радосни што поучуваат за вистината бидејќи ги сакаат луѓето и го сакаат Јехова Бог.

Јеховините сведоци ќе ти помогнат да му служиш на Бог