Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 6

Ветениот Месија

Ветениот Месија

ЛУКА 2:21-39

  • ИСУС БИЛ ОБРЕЖАН, А ПОТОА БИЛ ОДНЕСЕН ВО ХРАМОТ

Откако се родил Исус, Јосиф и Марија не се вратиле во Назарет, туку останале во Витлеем. Кога Исус наполнил осум дена, бил обрежан. Тоа било во склад со Законот што Бог им го дал на Израелците (3. Мојсеева 12:2, 3). Исто така, на осмиот ден било обичај на машкото дете да му се даде име. На својот син, Јосиф и Марија му го дале името Исус — токму како што им рекол ангелот Гавриел.

Кога Исус имал четириесет дена, родителите го однеле во храмот во Ерусалим, кој се наоѓал на само неколку километри од местото каде што престојувале. Според Мојсеевиот закон, жената која ќе родела машко дете, четириесет дена после породувањето требало да појде во храмот и да принесе жртва за очистување (3. Мојсеева 12:4-8).

Марија така и направила. Принела како жртва две мали птици. Врз основа на тоа можеме да заклучиме дека Јосиф и Марија биле сиромашни. Мојсеевиот закон барал да се принесат машко јагне и птица, но ако мајката немала можност да принесе јагне, доволно било да принесе две грлици или два гулаба. Бидејќи Марија била во токму таква ситуација, принела две птици.

Додека Јосиф и Марија биле во храмот, дошол еден постар човек по име Симеон. Нему Јехова Бог му открил дека нема да умре пред да го види ветениот Месија, односно Христос. Тој ден, светиот дух го упатил Симеон во храмот, каде што ги нашол Јосиф и Марија со нивното дете. Тој им пристапил и го зел детето в раце.

Додека го држел Исус, Симеон му се заблагодарил на Бог со зборовите: „Сега, Севишен Господару, според својата реч го отпушташ својот роб да умре во мир. Зашто, моите очи го видоа оној преку кого ќе го донесеш спасението, кое си го подготвил пред сите народи. Тој е светлина за просветлување на незнабошците и слава на твојот народ Израел“ (Лука 2:29-32).

Јосиф и Марија биле восхитени од она што го чуле. Тогаш Симеон ги благословил, и на Марија ѝ рекол дека нејзиниот син „е поставен за да паднат и да станат мнозина во Израел поради него“, а дека нејзината душа ќе биде прободена од тага како со остар меч (Лука 2:34).

Во тој момент дошла и пророчицата Ана. Таа имала осумдесет и четири години и секој ден доаѓала во храмот. Им се приближила на Јосиф, Марија и бебето Исус, и почнала да му благодари на Бог и да им зборува за Исус на сите што биле таму.

Јосиф и Марија сигурно биле многу радосни поради она што го доживеале во храмот. Без сомнение, тоа уште повеќе ги уверило дека нивното дете е ветениот Месија.