Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 10

Семејството на Исус на празникот во Ерусалим

Семејството на Исус на празникот во Ерусалим

ЛУКА 2:40-52

  • 12-ГОДИШНИОТ ИСУС ИМ ПОСТАВУВАЛ ПРАШАЊА НА УЧИТЕЛИТЕ

  • ИСУС ГО НАРЕКОЛ ЈЕХОВА „МОЈОТ ТАТКО“

Кога Исус имал дванаесет години, тој и неговото семејство тргнале на долг пат. Како и секоја пролет, заедно со роднините и пријателите се упатиле кон Ерусалим, кој бил оддалечен околу сто и дваесет километри од Назарет. Таму требало да ја прослават Пасхата, како што барал Божјиот закон (5. Мојсеева 16:16). Сите биле многу возбудени. Исус сигурно со нетрпение чекал да дојде празникот за повторно да биде близу до храмот.

За Исус и неговото семејство, прославата на Пасхата не траела само еден ден. Веднаш по денот на Пасхата започнувал еден друг седумдневен празник, „Празникот на бесквасните лебови“, кој се сметал за продолжение на Пасхата (Марко 14:1). Затоа, целото патување од Назарет до Ерусалим, вклучувајќи ги и престојот во градот и враќањето назад, траело отприлика две седмици. Но, таа година се случило нешто поради кое патувањето на семејството на Исус малку се продолжило. На враќање од Ерусалим дошло до еден проблем.

Јосиф и Марија претпоставувале дека Исус е со роднините и пријателите со кои заедно патувале кон север. Но, кога застанале на местото каде што требало да преноќат, виделе дека Исус го нема, па почнале да го бараат кај другите што патувале со нив. Бидејќи никаде го немало, тргнале назад во Ерусалим за да го бараат.

Го барале цел ден, но не го нашле. Ништо подобро не поминале ни следниот ден. На крај, на третиот ден, го нашле во една од многуте простории во храмот. Таму го виделе Исус како седи меѓу некои од еврејските верски учители. Тој ги слушал и им поставувал прашања, а тие биле восхитени од неговата остроумност.

„Дете, зошто ни го направи тоа?“, прашала Марија. „Татко ти и јас загрижено те баравме“ (Лука 2:48).

Исус се зачудил што неговите родители веднаш не се сетиле каде би можел да биде. Ги прашал: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ (Лука 2:49).

Потоа, Исус се вратил во Назарет заедно со своите родители и продолжил да им биде послушен. Библијата вели дека тој растел и напредувал во мудроста. Иако сѐ уште бил мал, и Бог и луѓето многу го сакале. Уште како дете, Исус покажувал голем интерес за духовните работи и ги почитувал своите родители. Со тоа оставил одличен пример.