ПОГЛАВЈЕ 2
На Исус му била оддадена чест уште пред да се роди
-
МАРИЈА ОТИШЛА КАЈ СВОЈАТА РОДНИНА ЕЛИСАВЕТА
Кога ангелот Гавриел ѝ кажал на Марија дека ќе роди син кој ќе се вика Исус и кој засекогаш ќе владее како Цар, таа го прашала: „Како ќе биде тоа, кога уште не сум легнала со маж?“ (Лука 1:34).
„Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“, ѝ одговорил Гавриел (Лука 1:35).
Веројатно за да ѝ помогне на Марија да поверува во неговите зборови, ангелот додал: „Еве, и твојата роднина Елисавета, која ја нарекуваат неротка, зачна син на старост, и ова ѝ е шести месец. Зашто, за Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:36, 37).
Одговорот на Марија покажува дека му поверувала на Гавриел. Таа рекла: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови“ (Лука 1:38).
Веднаш штом Гавриел заминал, Марија почнала да се спрема за да појде кај Елисавета, која со својот сопруг Захарија живеела во јудејските планини близу Ерусалим. Марија живеела во Назарет, што значи дека ја чекал долг пат кој веројатно траел од три до четири дена.
Кога најпосле стигнала до куќата на Захарија, Марија влегла внатре и ја поздравила Елисавета. Во тој момент, Елисавета се исполнила со свет дух и ѝ рекла на Марија: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! Со што сум ја заслужила оваа чест, мајката на мојот Господар да дојде кај мене? Зашто, еве, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, детето во мојата утроба потскокна од голема радост“ (Лука 1:42-44).
Исполнета со голема благодарност, Марија одговорила: „Мојата душа го велича Јехова, и мојот дух воскликнува од радост поради Бог, мојот Спасител, бидејќи ја погледна својата безначајна робинка. Гледај, отсега сите поколенија ќе ме нарекуваат среќна, бидејќи Силниот направи големи дела за мене“. Лесно е да се забележи дека, и покрај честа што ѝ била оддадена, Марија сета слава му ја упатила на Бог. „Свето е неговото име“, рекла таа понатаму. „Од поколение во поколение е милостив кон оние што се бојат од него“ (Лука 1:46-50).
Поттикната од светиот дух, Марија продолжила да го слави Бог со следниве зборови што имале пророчко значење: „Моќни дела направи со својата рака, ги распрсна оние на кои замислите во срцето им се вообразени. Ги собори моќниците од нивните престоли, а ги возвиши безначајните, гладните ги насити со добро, а богатите ги отпушти празни. Му дојде на помош на Израел, својот слуга, сеќавајќи се на милоста, која им ја вети на нашите прататковци: дека засекогаш ќе биде милостив кон Авраам и кон неговото потомство“ (Лука 1:51-55).
Марија останала кај Елисавета околу три месеци, и несомнено ѝ била од голема помош во текот на последните седмици од нејзината бременост. И Марија и Елисавета имале голема вера и забремениле со Божја помош. Затоа, сигурно биле радосни што овој посебен период од нивниот живот можеле да го поминат заедно.
Забележи каква чест му била оддадена на Исус уште пред да се роди. Елисавета го нарекла „мојот Господар“, а детето во нејзината утроба ‚потскокнало од голема радост‘ кога дошла Марија. За жал, подоцна некои се однесувале многу поинаку со Марија и со нејзиното дете, како што ќе видиме понатаму.