Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 17

Разговорот на Исус со Никодим

Разговорот на Исус со Никодим

ЈОВАН 2:23 — 3:21

  • ИСУС ЗБОРУВАЛ СО НИКОДИМ

  • ШТО ЗНАЧЕЛО ДА СЕ БИДЕ ‚ПОВТОРНО РОДЕН‘

Додека бил во Ерусалим за Пасхата во 30 год. од н.е., Исус направил многу чуда. Затоа, многу луѓе поверувале во него. Еден фарисеј и член на еврејскиот врховен суд, по име Никодим, бил исто така воодушевен. Бидејќи сакал да дознае нешто повеќе, тој дошол кај Исус откако се стемнило, веројатно од страв да не го види некој и поради тоа да го изгуби угледот кај другите еврејски водачи.

„Учителе, знаеме дека ти си учител дојден од Бог, зашто никој не може да ги прави чудесните знаци што ги правиш ти ако не е со него Бог“, му рекол Никодим. Исус му одговорил дека, за да може некој да влезе во Божјето Царство, мора да се „роди повторно“ (Јован 3:2, 3).

Но, како можело некој да се роди повторно? „Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?“, прашал Никодим (Јован 3:4).

Но, Исус не мислел на такво раѓање. Тој објаснил: „Ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство“ (Јован 3:5). Кога Исус се крстил и кога светиот дух слегол на него, тој се родил „од вода и дух“. Во таа прилика, се чул глас од небото: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3:16, 17). На тој начин, Бог објавил дека Исус му станал духовен син кој можел да влезе во небесното Царство. Подоцна, на Педесетница 33 год. од н.е., светиот дух бил излеан и на други што веќе биле крстени. На тој начин, тие повторно се родиле како Божји синови помазани со дух (Дела 2:1-4).

На Никодим му било тешко да го разбере она што Исус му го кажувал за Царството. Затоа Исус продолжил да му ја објаснува неговата посебна улога како Божји Син на Земјата: „Како што Мојсеј во пустината ја подигна змијата на столб, така мора да биде подигнат и Синот човечки, за секој што верува во него да има вечен живот“ (Јован 3:14, 15).

Многу одамна, Израелците кои ќе ги каснела отровна змија требало да погледнат во бакарната змија што ја направил Мојсеј за да останат живи (4. Мојсеева 21:9). На сличен начин, сите луѓе треба да веруваат во Божјиот Син за да се спасат од смртта и да добијат вечен живот. Со цел да нагласи колку голема улога имала љубовта на Јехова во сето тоа, Исус му рекол на Никодим: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Така, само шест месеци откако започнал со својата служба, Исус јасно открил дека Јехова ќе го спаси човештвото преку него.

Потоа Исус му рекол на Никодим: „Бог не го испрати својот Син во светот за тој да го осуди светот“. Според тоа, Исус не бил пратен на Земјата со цел да ги осуди луѓето на уништување. Напротив, како што кажал и самиот, бил пратен за да може „светот да се спаси преку него“ (Јован 3:17).

Со оглед на тоа што Никодим од страв дошол кај Исус ноќе, интересно е што рекол Исус на крајот од разговорот: „А ова е темелот за осуда: светлината дојде во светот, но луѓето ја сакаа темнината, а не светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто, оној што прави зло ја мрази светлината и не доаѓа кај светлината за да не бидат разоткриени неговите дела. Но оној што го прави она што е исправно, доаѓа кај светлината за да се види дека неговите дела се направени во согласност со Божјата волја“ (Јован 3:19-21).

Никодим бил фарисеј и учител во Израел. Сепак, откако слушнал која е улогата на Исус во Божјата намера, имал многу за што да размислува.