Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 14

Исус почнал да собира ученици

Исус почнал да собира ученици

ЈОВАН 1:29-51

  • НА ИСУС МУ СЕ ПРИДРУЖИЛЕ ПРВИТЕ УЧЕНИЦИ

Пред да се врати во Галилеја откако поминал четириесет дена во пустината, Исус повторно отишол кај Јован, кој претходно го крстил. Додека Исус му се приближувал, Јован покажал кон него и воодушевено рекол: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот! Тоа е оној за кого реков: ‚По мене доаѓа човек кој е пред мене, бидејќи постоеше пред мене‘“ (Јован 1:29, 30). Иако Јован бил малку постар од Исус, знаел дека Исус постоел пред него како духовно суштество на небото.

Но, неколку седмици пред тоа, кога Исус дошол за да се крсти, Јован не бил потполно сигурен дали Исус е Месијата. Тој признал: „Ни јас не го знаев, но затоа и дојдов, да крштавам со вода за да му се покаже тој на Израел“ (Јован 1:31).

Потоа, на луѓето што го слушале им објаснил што се случило кога го крстил Исус: „Видов како духот слегува од небото како гулаб, и останува на него. И јас не го познавав, но оној што ме испрати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз кого ќе видиш дека слегува духот и останува на него, тој е оној што крштава со светиот дух‘. Јас го видов тоа, и сведочам дека тој е Божјиот Син“ (Јован 1:32-34).

Следниот ден, додека Јован стоел со двајца свои ученици, Исус повторно дошол кај него. Тогаш Јован рекол: „Еве го Јагнето Божје!“ (Јован 1:36). Кога го чуле тоа, двајцата ученици на Јован Крстител тргнале по Исус. Едниот се викал Андреј, а другиот очигледно бил човекот што го запишал овој настан, кој исто така се викал Јован. Изгледа дека и овој Јован му бил роднина на Исус, затоа што ѝ бил син на Салома. Таа најверојатно ѝ била сестра на Марија, а маж ѝ се викал Зеведеј.

Кога Исус се свртел и видел дека Андреј и Јован одат по него, ги прашал: „Што барате?“

Тие му рекле: „Рави, каде живееш?“

Тогаш тој им одговорил: „Дојдете и ќе видите“ (Јован 1:37-39).

Околу четири часот попладне, тие стигнале до местото каде што живеел Исус и останале со него до крајот на денот. Андреј бил толку воодушевен што го побарал брат му Симон, кој бил наречен и Петар, и му рекол: „Го најдовме Месијата“ (Јован 1:41). Тогаш Андреј го одвел Петар кај Исус. Од настаните што се случувале подоцна може да се заклучи дека и Јован го побарал својот брат Јаков и го одвел кај Исус. Но, Јован не го спомнал овој детаљ во своето евангелие.

Следниот ден, Исус го сретнал Филип, кој бил од Витсаида. Овој град се наоѓал близу северниот брег на Галилејското Море и бил родниот град на Андреј и Петар. Исус му рекол на Филип: „Појди по мене“ (Јован 1:43).

Потоа Филип го пронашол Натанаел, кој бил наречен и Вартоломеј, и му рекол: „Го најдовме оној за кого пишуваа Мојсеј во Законот и Пророците: Исус, синот на Јосиф, од Назарет“. Но, Натанаел со сомнеж му рекол на Филип: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“

„Дојди и види“, му одговорил Филип. Кога Исус го здогледал Натанаел, кој доаѓал кон него, рекол: „Еве, вистински Израелец, во кого нема измама“.

„Од каде ме познаваш?“, го прашал Натанаел.

„Те видов пред да те повика Филип, додека беше под смоквата“, му одговорил Исус.

Натанаел со восхит рекол: „Учителе, ти си Синот Божји, ти си Царот на Израел“.

„Зарем веруваш затоа што ти реков дека те видов под смоквата?“, го прашал Исус. „Ќе видиш и многу повеќе“. Потоа на своите ученици им ветил: „Вистина, вистина, ви велам, ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како влегуваат и слегуваат кај Синот човечки“ (Јован 1:45-51).

Набрзо потоа, Исус со своите први ученици заминал од Јорданската долина и тргнал кон Галилеја.