Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 109

Исус јавно ги прекорил своите противници

Исус јавно ги прекорил своите противници

МАТЕЈ 22:41 — 23:24; МАРКО 12:35-40; ЛУКА 20:41-47

  • ЧИЈ СИН БИЛ ХРИСТОС

  • ИСУС ГИ РАЗОТКРИЛ ЛИЦЕМЕРНИТЕ ПРОТИВНИЦИ

Било 11 нисан, и Исус сѐ уште се наоѓал во храмот. На верските противници им пропаднале обидите да го наведат да каже нешто поради кое ќе можеле да им го предадат на Римјаните (Лука 20:20). Сега Исус ги свртел работите во друг правец. За јасно да покаже кој е тој, ги прашал: „Што мислите за Христос? Чиј син е тој?“ (Матеј 22:42). Сите добро знаеле дека Христос, или Месијата, требало да биде потомок на Давид, па така и одговориле (Матеј 9:27; 12:23; Јован 7:42).

Исус ги прашал: „Како тогаш Давид под вдахновение го нарекува ‚Господар‘ кога вели: ‚Јехова му рече на мојот Господар: „Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе“‘? Според тоа, ако Давид го нарекува ‚Господар‘, како тогаш му е син?“ (Матеј 22:43-45).

Фарисеите молчеле, затоа што се надевале дека некој од потомците на Давид ќе ги ослободи од римската власт. Но, Исус се осврнал на Псалм 110:1, 2 и им покажал дека Месијата требало да биде нешто повеќе од човечки владетел. Тој му бил Господар на Давид, и откако ќе седнел од десната страна на Бог ќе добиел голема власт. Противниците на Исус останале без збор.

Меѓу оние што слушале биле и учениците на Исус и многу други. Исус потоа им се обратил ним и ги предупредил да се чуваат од книжниците и фарисеите. Тие ‚седеле на Мојсеевото седиште‘ и требало да го поучуваат народот за Божјиот закон. Исус ги советувал присутните: „Правете и држете сѐ што ви кажуваат, но не постапувајте според нивните дела, бидејќи зборуваат, а не извршуваат“ (Матеј 23:2, 3).

Потоа Исус набројал неколку работи кои биле доказ за нивното лицемерие. На пример, рекол дека ‚ги зголемувале своите филактерии‘. Некои Евреи на челото или на раката носеле филактерии, односно мали кутивчиња во кои имало делови од Мојсеевиот закон. Но, фарисеите носеле поголеми филактерии од вообичаените за да остават впечаток дека ревносно се држат за Законот. Исто така, ‚ги продолжувале ресите на своите облеки‘. Израелците требало да имаат реси на својата облека, но фарисеите ставале особено долги реси (4. Мојсеева 15:38-40). Тоа го правеле само „за да ги видат луѓето“ (Матеј 23:5).

Желбата за истакнување можела да влијае и врз учениците на Исус, па затоа тој им го дал следниов совет: „Не дозволувајте да ве нарекуваат учители, зашто еден е вашиот учител, а сите вие сте браќа. И никого на земјата не нарекувајте го татко, зашто еден е вашиот Татко — оној што е на небесата. Не дозволувајте ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос“. Како требало учениците да гледаат на себе и како требало да се однесуваат еден со друг? Исус им рекол: „Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Матеј 23:8-12).

Потоа, на книжниците и на фарисеите им упатил низа остри осуди и повеќепати ги нарекол лицемери: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи го затворате пред луѓето царството небесно! Самите не влегувате, а не ги пуштате да влезат и оние што сакаат да влезат“ (Матеј 23:13).

Исус ги осудил фарисеите затоа што воведувале правила без да проценат што е исправно од Божја гледна точка. На пример, тие велеле: „Ако некој се заколне во храмот, тоа не е ништо, но ако некој се заколне во храмското злато, должен е да ја исполни заклетвата“. Со тоа покажале колку биле ниски нивните морални вредности, затоа што поважно им било златото во храмот отколку самиот храм, местото каде што луѓето требало да му служат на Јехова и да се зближат со него. Тие ‚го занемариле она што е поважно во Законот: правдата, милосрдноста и верноста‘ (Матеј 23:16, 23; Лука 11:42).

Исус ги нарекол фарисеите ‚слепи водачи, кои го цеделе пијалакот за да не проголтаат комарец, а голтале камила!‘ (Матеј 23:24). Тие го цеделе виното за да нема комарци во него, бидејќи комарците биле нечисти според Законот. Но, истовремено ‚голтале камила‘, која исто така била нечисто животно, во таа смисла што не обрнувале внимание на далеку поважните одредби од Законот (3. Мојсеева 11:4, 21-24).