Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 116

Поука за понизноста на последната Пасха

Поука за понизноста на последната Пасха

МАТЕЈ 26:20; МАРКО 14:17; ЛУКА 22:14-18; ЈОВАН 13:1-17

  • ПОСЛЕДНАТА ПАСХА НА ИСУС СО АПОСТОЛИТЕ

  • ГИ ПОУЧИЛ АПОСТОЛИТЕ ТАКА ШТО ИМ ГИ ИЗМИЛ НОЗЕТЕ

Петар и Јован дошле во Ерусалим пред другите затоа што Исус им рекол да ги направат потребните подготовки за Пасхата. Истиот ден подоцна, и Исус и останатите десет апостоли тргнале за Ерусалим. Додека се симнувале од Маслинската Гора, сонцето веќе полека заоѓало на запад. За Исус, тоа било последен пат да го види Ерусалим на дневна светлина од тоа место пред да воскресне.

По кратко време, Исус и апостолите стигнале во градот и се упатиле кон куќата каде што требало да ја прослават Пасхата. Се качиле по скалите до големата горна соба, каде што веќе сѐ било подготвено. Исус очигледно со нетрпение ја очекувал таа пригода, затоа што рекол: „Имав силна желба да ја јадам оваа пасхална жртва со вас пред да почнат моите страдања“ (Лука 22:15).

Како што било обичај веќе долги години, на Пасхата се подавале неколку чаши со вино од еден на друг човек. Земајќи една од чашите, Исус му се заблагодарил на Бог и рекол: „Земете ја и подајте си ја еден на друг! Зашто, ви велам, отсега нема повеќе да пијам од лозовиот род додека не дојде Божјето царство“ (Лука 22:17, 18). Со тоа јасно покажал дека се ближела неговата смрт.

За време на вечерата се случило нешто необично. Исус станал, ја оставил настрана својата облека и зел крпа. Потоа, во еден од садовите што биле таму налеал вода. Во тоа време било вообичаено домаќинот да се погрижи да им бидат измиени нозете на гостите, нешто што обично го правел некој од слугите (Лука 7:44). Бидејќи во таа прилика домаќинот не бил присутен, за тоа се погрижил Исус. Иако тоа можел да го направи кој и да било од апостолите, никој не се понудил, можеби затоа што меѓу нив сѐ уште владеело соперништво. Која и да била причината, кога Исус почнал да им ги мие нозете, тие се засрамиле.

Кога Исус стигнал до Петар, тој приговорил: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговорил: „Ако не те измијам, нема да бидеш во единство со мене“. Тогаш Петар му рекол: „Господару, тогаш немој да ми ги измиеш само нозете, туку и рацете и главата!“ Колку мора да се изненадил кога Исус му одговорил: „Оној што се искапал, не треба да мие ништо друго освен нозете, бидејќи целиот е чист. И вие сте чисти, но не сите“ (Јован 13:8-10).

Исус им ги измил нозете на сите дванаесет апостоли, вклучувајќи го и Јуда Искариот. Потоа ја облекол својата облека, се вратил на трпезата, па ги прашал: „Сфаќате ли што ви направив? Вие ми се обраќате со: ‚Учителе‘ и ‚Господару‘, и со право го велите тоа, бидејќи тоа и сум. Значи, ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете, и вие треба да си ги миете нозете еден на друг. Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас. Вистина, вистина, ви велам, робот не е поголем од својот господар, и оној што е испратен не е поголем од оној што го испратил. Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:12-17).

Каква прекрасна поука понизно да им служиме на другите! Следбениците на Исус не треба да имаат високо мислење за себеси и да сметат дека секогаш треба другите да им служат ним. Тие треба да го следат примерот на Исус, но не така што ќе извршуваат некаков обред на миење нозе, туку така што понизно и без предрасуди ќе им служат на другите.