Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 137

Стотици луѓе го виделе воскреснатиот Исус

Стотици луѓе го виделе воскреснатиот Исус

МАТЕЈ 28:16-20; ЛУКА 24:50-52; ДЕЛА 1:1-12; 2:1-4

  • ИСУС СЕ ПОЈАВИЛ ПРЕД МНОГУМИНА

  • СЕ ВОЗНЕЛ НА НЕБОТО

  • ГО ИЗЛЕАЛ СВЕТИОТ ДУХ ВРЗ 120 УЧЕНИЦИ

Откако воскреснал, Исус ги упатил единаесетте апостоли да отидат на една гора во Галилеја, каде што имал намера да се сретне со нив. Очигледно и други ученици биле известени за тоа, па на крајот таму се собрале повеќе од петстотини луѓе. Некои од нив во почетокот се сомневале дека Исус воскреснал (Матеј 28:17; 1. Коринќаните 15:6). Но, она што Исус им го кажал во таа прилика ги уверило дека тој навистина бил жив.

Исус им објаснил дека Бог му ја дал сета власт на небото и на Земјата. Потоа ги поттикнал: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:18-20). Исус не само што бил жив туку сакал и понатаму да се проповеда добрата вест.

Сите следбеници на Исус — мажи, жени и деца — го добиле истиот налог, да проповедаат и да ги поучуваат другите за да можат и тие да станат негови ученици. Бидејќи знаел дека непријателите ќе се обидат да ги запрат, Исус ги уверил: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. Што ќе значело тоа за неговите следбеници? Исус им рекол: „Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“. Исус не рекол дека сите што ќе учествуваат во проповедањето на добрата вест ќе можат да прават чуда. Сепак, со светиот дух тој ќе им помагал да ја извршат својата служба.

По воскресението, Исус бил со своите ученици уште „четириесет дена“. Тој во различни прилики се појавувал во облик на човек за да ‚им покаже со многубројни неоспорни докази дека е жив‘ и да ги поучува „за Божјето царство“ (Дела 1:3; 1. Коринќаните 15:7).

Очигледно уште додека апостолите биле во Галилеја, Исус им рекол да се вратат во Ерусалим. Кога таму се сретнал со нив, им рекол: „Не заминувајте од Ерусалим, туку чекајте го она што го вети Таткото, за кое чувте од мене. Зашто, Јован крштаваше со вода, но вие ќе бидете крстени со свет дух, и нема да поминат многу дни по ова“ (Дела 1:4, 5).

Подоцна Исус повторно се сретнал со своите апостоли и ги одвел „до Витанија“, село на источната падина на Маслинската Гора (Лука 24:50). Иако претходно често им кажувал дека ќе замине на небото, тие сѐ уште мислеле дека неговото Царство ќе биде воспоставено на Земјата (Лука 22:16, 18, 30; Јован 14:2, 3).

Апостолите прашале: „Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ Исус им одговорил: „Не е ваше да ги знаете времињата или раздобјата што Таткото ги има под своја власт“. Потоа, повторно истакнувајќи го делото што требало да го вршат, им рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:6-8).

Додека апостолите биле собрани на Маслинската Гора заедно со Исус, тој почнал да се подига кон небото. Потоа еден облак им го тргнал од погледот. По своето воскресение, Исус некое време се појавувал пред своите ученици во телесен облик. Но, Земјата не ја напуштил во човечко тело, туку како духовно суштество (1. Коринќаните 15:44, 50; 1. Петрово 3:18). Додека верните апостоли втренчено гледале кон небото, до нив се појавиле „двајца мажи во бели облеки“. Тоа биле отелотворени ангели, кои прашале: „Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате кон небото? Овој Исус, кој е земен од вас на небото, ќе дојде на истиот начин како што го видовте дека заминува на небо“ (Дела 1:10, 11).

Исус ја напуштил Земјата без да го привлече вниманието на јавноста, и неговото вознесување го гледале само неговите верни следбеници. Во иднина тој повторно ќе дошол „на истиот начин“ — само неговите верни следбеници ќе сфателе дека е присутен како Цар.

Потоа апостолите се вратиле во Ерусалим. Во текот на следните денови, се нашле со другите ученици, меѓу кои биле „Марија, мајката на Исус, и... неговите браќа“ (Дела 1:14). Тие му се молеле на Бог за многу работи. На пример, се молеле пред да изберат нов ученик како замена за Јуда Искариот, за повторно да бидат дванаесет апостоли (Матеј 19:28). Сакале тоа да биде некој што лично ги имал видено делата на Исус и неговото воскресение. За да дознаат која е Божјата волја, тие фрлиле ждрепка, и тогаш за последен пат во Библијата е спомнато фрлањето ждрепка (Псалм 109:8; Изреки 16:33). Бил избран Матиј, кој можеби бил меѓу седумдесетте ученици кои Исус ги испратил да проповедаат, и бил „додаден кон единаесетте апостоли“ (Дела 1:26).

Десет дена откако Исус се вознел на небото во 33 год. од н.е., се одржал еврејскиот празник Педесетница. Во една горна соба во Ерусалим биле собрани околу сто и дваесет ученици. Одеднаш се слушнал шум како налет на силен ветар и ја исполнил целата куќа. Потоа се појавило нешто како пламени јазици кои се разделиле, и на секого од учениците слегол по еден. Тогаш сите почнале да зборуваат на разни јазици. Токму како што им ветил Исус, врз нив бил излеан светиот дух! (Јован 14:26).