Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 107

Царот ги повикал поканетите да дојдат на свадбата

Царот ги повикал поканетите да дојдат на свадбата

МАТЕЈ 22:1-14

  • СПОРЕДБАТА ЗА СВАДБАТА

Како што привршувало времето одредено за неговата служба, Исус преку споредби сѐ повеќе ја разоткривал злобата на книжниците и главните свештеници. Затоа, тие сакале да го убијат (Лука 20:19). Но, тоа не го натерало да се откаже. За уште појасно да покаже какви биле, Исус раскажал и една друга споредба:

„Со царството небесно е како со човек, цар, кој приреди свадба за својот син. И ги испрати своите робови да ги повикаат поканетите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат“ (Матеј 22:2, 3). Изразот „царството небесно“ што Исус го употребил во оваа споредба ни помага да сфатиме дека ‚царот‘ го претставува Јехова Бог. А кого го претставувале синот на царот и поканетите на свадбата? Лесно е да се заклучи дека синот на царот е Јеховиниот Син, оној што ја кажувал споредбата, а поканетите се оние што требало да бидат со Синот во небесното Царство.

Кои биле поканетите на свадбата? Тоа биле Евреите, и затоа Исус и апостолите најпрво ним им проповедале за Божјето Царство (Матеј 10:6, 7; 15:24). Како народ, тие го прифатиле сојузот на Законот во 1513 год. пр.н.е., и поради тоа први требало да добијат можност да бидат дел од ‚царството на свештеници‘ (2. Мојсеева 19:5-8). А кога биле повикани на „свадбата“? Исус започнал да проповеда за небесното Царство меѓу Евреите во 29 год. од н.е., и со тоа почнал да ги повикува на свадбата.

Како реагирале повеќето Израелци на поканата? Како што рекол Исус, ‚тие не сакале да дојдат‘. Поголемиот дел од верските водачи и народот не го прифатиле Исус како Месија и како Царот избран од Бог.

Но, Исус продолжил и објаснил дека Евреите повторно ќе добиеле можност да ја прифатат поканата. Тој рекол: „[Царот] повторно испрати други робови и им рече: ‚Кажете им на поканетите: „Еве, го зготвив јадењето, моите јунци и другата згоена стока се заклани, и сѐ е готово. Дојдете на свадба“‘. Но тие не беа заинтересирани за тоа, туку си отидоа — кој на својата нива, кој по својата трговска работа. А останатите ги фатија неговите робови, ги малтретираа и ги убија“ (Матеј 22:4-6). Тие зборови се исполниле кога се оформило христијанското собрание. Во тоа време, Евреите сѐ уште имале можност да влезат во Царството, но повеќето не ја прифатиле поканата, па дури и ги малтретирале ‚робовите на царот‘ (Дела 4:13-18; 7:54, 58).

Како се одразило тоа врз еврејскиот народ? Исус објаснил: „Царот се разгневи и ја испрати својата војска, па ги погуби тие убијци и им го изгоре градот“ (Матеј 22:7). На Евреите им се случило токму тоа. Во 70 год. од н.е., Римјаните им го уништиле „градот“, односно Ерусалим.

Дали тоа значело дека царот немало да покани никој друг? Не. Исус продолжил со споредбата: „Тогаш [царот] им рече на своите робови: ‚Свадбата е подготвена, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по патиштата што водат надвор од градот и поканете го на свадба секого што ќе го најдете‘. И робовите излегоа по патиштата и ги собраа сите што ги најдоа, и зли и добри. И свадбената сала се наполни со гости“ (Матеј 22:8-10).

Овој дел од споредбата почнал да се исполнува кога на оние што не биле ниту родени Евреи ниту преобратеници во еврејската вера апостол Петар почнал да им помага да станат христијани. Во 36 год. од н.е., римскиот стотник Корнелиј и неговото семејство го примиле Божјиот дух и добиле можност да влезат во небесното Царство за кое зборувал Исус (Дела 10:1, 34-48).

Но, како што понатаму објаснил Исус, „царот“ немало да ги прифати сите што ќе дошле на свадбата. Тој рекол: „Кога влезе да ги види гостите, царот здогледа таму еден човек кој не беше облечен во свадбена облека. И му рече: ‚Пријателе, како влезе овде кога не си облечен во свадбена облека?‘ А тој остана без зборови. Тогаш царот им рече на своите слуги: ‚Врзете му ги рацете и нозете и исфлете го надвор во темнината! Таму ќе плаче и ќе чкрта со забите‘. Зашто, мнозина се поканети, но малцина се избрани“ (Матеј 22:11-14).

Верските водачи што го слушале Исус можеби не сфаќале сѐ што Исус сакал да каже со споредбата. И покрај тоа, биле незадоволни и решени како никогаш порано да се ослободат од оној што толку многу ги срамел пред народот.