Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 85

Радоста кога некој ќе се покае

Радоста кога некој ќе се покае

ЛУКА 15:1-10

  • СПОРЕДБИТЕ ЗА ЗАГУБЕНАТА ОВЦА И ЗАГУБЕНАТА ДРАХМА

  • РАДОСТА НА АНГЕЛИТЕ НА НЕБОТО

Во различни прилики за време на својата служба, Исус повеќепати нагласувал колку е важна понизноста (Лука 14:8-11). Тој многу сакал да пронајде луѓе што понизно ќе му служат на Бог, и затоа разговарал со сите, дури и со некои што биле познати како грешници.

Фарисеите и книжниците забележале дека дури и таквите луѓе, кои во нивни очи биле безвредни, сакале да ја слушаат пораката на Исус. Тие го критикувале: „Овој прима грешници и јаде со нив“ (Лука 15:2). Фарисеите и книжниците се сметале за подобри од другите, а обичниот народ за нив не вредел ништо повеќе од правот под нивните нозе. Нивниот став кон обичните луѓе се гледал од тоа што погрдно ги нарекувале со хебрејскиот израз ам хаарец, кој значел „народот од земјата“.

За разлика од нив, Исус го почитувал достоинството на луѓето и со секого постапувал обѕирно и сочувствително. Поради тоа, многу од тие презрени луѓе, меѓу кои имало и некои што биле познати како грешници, го слушале со задоволство. Но, што мислел Исус за обвинението дека им помага на безначајни луѓе, и како реагирал?

Тоа се гледа од трогателната споредба што ја раскажал, слична на една друга споредба што претходно ја кажал во Капернаум (Матеј 18:12-14). Исус ги прикажал фарисеите како праведници што се чувствуваат сигурно во Божјето трло. А народот што бил презрен го прикажал како една залутана и изгубена овца. Исус рекол:

„Ако некој од вас има сто овци и загуби една од нив, нема ли да ги остави оние деведесет и девет во пустината и да ја бара загубената додека не ја најде? И кога ќе ја најде, ќе ја стави на рамења и ќе се радува. А кога ќе дојде дома, ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, бидејќи ја најдов својата загубена овца‘“ (Лука 15:4-6).

Која била поуката од споредбата? Исус објаснил: „Ви велам дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој ќе се покае отколку поради деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание“ (Лука 15:7).

Тоа што Исус спомнал покајание сигурно ги навредило фарисеите. Тие сметале дека се праведни и дека нема потреба да се каат. Кога неколку години пред тоа некои од нив го критикувале Исус затоа што јадел со даночници и грешници, тој рекол: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“ (Марко 2:15-17). Бидејќи самоправедните фарисеи сметале дека тие не треба да се покаат, на небото никој не се радувал за нив. За разлика од тоа, искреното каење на грешниците било причина за голема радост.

За уште повеќе да нагласи дека на небото има голема радост кога еден грешник ќе се покае, Исус раскажал уште една споредба за нешто што можело да се случи во секој дом: „Ако некоја жена има десет драхми, па загуби една драхма, нема ли да запали светилка, да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде? И кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата што ја загубив‘“ (Лука 15:8, 9).

Поуката од оваа споредба била слична со поуката од споредбата за загубената овца. Исус рекол: „Таква е радоста меѓу Божјите ангели поради еден грешник кој ќе се покае“ (Лука 15:10).

Замисли си, и Божјите ангели се радуваат кога некој грешник ќе се покае! Тоа е особено значајно кога ќе земеме предвид дека некои од тие грешници што се покајале добиле место во Божјето небесно Царство и имаат повисока положба и од самите ангели! (1. Коринќаните 6:2, 3). Но, ангелите не се љубоморни. Според тоа, како треба да реагираме ние кога ќе видиме дека некој што порано грешел навистина се покајал?