Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 84

Што значело да се биде ученик на Христос

Што значело да се биде ученик на Христос

ЛУКА 14:25-35

  • УЧЕНИЦИТЕ НА ИСУС ТРЕБАЛО ДА ПРАВАТ ЖРТВИ

Откако кажал многу поучни работи додека бил на ручек кај еден фарисејски поглавар, Исус продолжил со својот пат кон Ерусалим. По него одело големо мноштво луѓе. Но, зошто? Дали затоа што биле решени да го следат без оглед на жртвите што ќе се барале од нив?

Додека патувале, Исус кажал нешто поради кое некои можеби се изненадиле: „Ако некој дојде кај мене, а повеќе ги сака својот татко и својата мајка, жената и децата, браќата и сестрите, па дури и својот живот, не може да биде мој ученик“ (Лука 14:26). Што сакал Исус да каже со тие зборови?

Тоа не значело дека оние што ќе станеле негови следбеници не требало да ги сакаат своите семејства. Сепак, нивната љубов кон семејството не требало да биде поголема од љубовта кон него. Во спротивно, тие би биле како човекот од споредбата што одбил една важна покана само затоа што пред скоро време се оженил (Лука 14:20).

Учениците на Исус не требало да го сакаат дури ни „својот живот“ повеќе од него. Во која смисла? Вистинските ученици требало да го сакаат Исус толку многу што ќе бидат спремни да го изгубат и животот доколку тоа било потребно. Јасно, да се биде ученик на Христос било голема одговорност. Таа одлука не требало да се донесе без внимателно да се размисли.

Освен тоа, учениците требало да очекуваат тешкотии и прогонство. Исус рекол: „Кој не го носи својот маченички столб и не оди по мене, не може да биде мој ученик“ (Лука 14:27). Вистинските ученици на Исус морало да бидат спремни да претрпат сѐ што ќе претрпел и самиот тој. Исус дури рекол дека тој ќе умре од рацете на неговите непријатели.

Затоа, луѓето што го следеле требало добро да размислат што значело да се биде ученик на Христос. Исус го нагласил тоа со една споредба. Тој рекол: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши? Инаку би можело да се случи да го постави темелот, а да не може да ја доврши изградбата“ (Лука 14:28, 29). Значи, пред да станат негови ученици, оние што патувале со Исус кон Ерусалим требало да бидат цврсто решени да живеат онака како што се очекувало од нив. Потоа Исус раскажал уште една споредба поврзана со тоа:

„Кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, најпрвин не седнува и не се советува дали може со десет илјади војници да му се спротивстави на оној што доаѓа против него со дваесет илјади? Ако не може, додека оној уште е далеку, испраќа група пратеници и моли за мир“. Пораката на таа споредба Исус ја истакнал со зборовите: „Така, значи, кој од вас нема да остави сѐ што има, не може да биде мој ученик“ (Лука 14:31-33).

Се разбира, зборовите на Исус не важеле само за мноштвото кое го следело по патот. Сите што учат од Христос треба да бидат спремни да го прават она што го кажал. Секој што сака да биде негов ученик мора да биде спремен да жртвува сѐ што има — сиот својот имот, па дури и својот живот. Добро е секој од нас да размислува и да се моли за ова.

Потоа Исус се надоврзал на нешто што го спомнал во својата Проповед на гората. Тогаш рекол дека неговите ученици се „солта на земјата“ (Матеј 5:13). Со тоа веројатно сакал да каже дека неговите ученици ги заштитуваат луѓето од морално и духовно расипување исто како што солта ја заштитува храната од расипување. Бидејќи неговата служба се ближела кон крајот, овојпат Исус рекол: „Солта е добра. Но, ако солта стане несолена, со што ќе се осоли?“ (Лука 14:34). Луѓето во тоа време знаеле дека некоја сол можела да биде нечиста, односно измешана со состојки од земјата. Таквата сол била бескорисна.

Со тоа Исус покажал дека дури и оние што веќе долго време биле негови ученици требало и понатаму да останат цврсто решени да го следат. Во спротивно ќе станеле бескорисни, исто како солта што станала несолена. Тогаш другите би можело да ги исмеваат. Што е уште полошо, Бог немало да ги одобрува, а ќе му носеле и срам на неговото име. Исус нагласил колку е важно да не дозволиме тоа да ни се случи и нам, кога рекол: „Кој има уши да слуша, нека слуша!“ (Лука 14:35).