Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 100

Споредбата за десетте мини

Споредбата за десетте мини

ЛУКА 19:11-28

  • СПОРЕДБАТА НА ИСУС ЗА ДЕСЕТТЕ МИНИ

Додека бил на пат кон Ерусалим, Исус отишол во куќата на Закхеј заедно со своите ученици. Тие мислеле дека, кога ќе стигнат во Ерусалим, Исус ќе го воспостави „Божјето царство“ и ќе почне да владее како Цар (Лука 19:11). Учениците не можеле да го сфатат она што Исус им го објаснувал за Царството, исто како што не сфаќале и дека мора да умре. За да им помогне да разберат дека Царството ќе почне да владее дури во далечна иднина, Исус кажал една споредба.

Тој рекол: „Еден човек со благородничко потекло отпатува во далечна земја за да ја преземе царската власт и потоа да се врати“ (Лука 19:12). Таквото патување сигурно би траело подолго време. ‚Човекот со благородничко потекло‘ бил Исус, а ‚далечната земја‘ била небото, каде што Исус требало да добие царска власт од својот Татко.

Пред да замине, ‚човекот со благородничко потекло‘ ги повикал своите десет робови, им дал по една сребрена мина и им рекол: „Тргувајте додека не дојдам“ (Лука 19:13). Сребрените мини имале голема парична вредност. Еден земјоделец морал да работи повеќе од три месеци за да заработи една мина.

Бидејќи Исус веќе ги споредил со работници на жетва, учениците лесно можеле да сфатат дека во оваа споредба тие ги претставувале десетте робови (Матеј 9:35-38). Се разбира, Исус не очекувал учениците навистина да жнеат жито. Тој сакал да каже дека требало да бараат и други ученици што ќе владеат во Божјето Царство. Учениците на Исус требало да ги користат своето време, својата сила, па дури и своите материјални средства за да пронајдат уште повеќе наследници на Царството.

Што друго сакал Исус да каже со споредбата? Тој рекол дека ‚сонародниците го мразеле [човекот со благородничко потекло] и испратиле по него пратеници со пораката: „Не сакаме тој да царува над нас“‘ (Лука 19:14). Учениците знаеле дека Евреите не го прифаќале Исус — некои дури сакале и да го убијат. Откако Исус умрел и бил вознесен на небото, повеќето Евреи ги прогонувале неговите ученици и со тоа откриле каков став имале кон него. Било јасно дека не сакале Исус да биде нивни Цар (Јован 19:15, 16; Дела 4:13-18; 5:40).

А што правеле десетте робови со своите мини пред ‚човекот со благородничко потекло‘ да се врати од својот пат? Исус објаснил: „Кога се врати, откако ја презеде царската власт, тој заповеда да му ги повикаат оние робови на кои им ги беше дал сребрените пари, за да утврди што заработиле. Тогаш пристапи првиот и рече: ‚Господару, твојата мина донесе десет мини‘. А тој му рече: ‚Одлично, добар робу! Затоа што беше верен во најмалото, владеј над десет градови!‘ Потоа дојде вториот и рече: ‚Твојата мина, Господару, донесе пет мини‘. И на овој му рече: ‚Ти биди над пет градови!‘“ (Лука 19:15-19).

Доколку учениците увиделе дека биле како робовите, односно дека даваат сѐ од себе за да најдат повеќе ученици, можеле да бидат уверени дека Исус ги одобрува. Нивниот труд сигурно ќе бил награден. Се разбира, сите ученици на Исус немале исти околности во животот ниту, пак, исти можности и способности. Но Исус, кој ќе добиел ‚царска власт‘, сигурно ќе ги видел и ќе ги благословел нивните искрени напори во делото на проповедање (Матеј 28:19, 20).

Меѓутоа, еден од робовите не бил како другите. Исус продолжил: „А третиот [роб] дојде и рече: ‚Господару, еве ја твојата мина! Ја чував во крпче. Се плашев од тебе бидејќи си строг човек, го земаш она што не си го вложил и го жнееш она што не си го посеал‘. А тој му одговори: ‚Со твојата уста ти судам, зол робу. Знаеше дека сум строг човек, дека го земам она што не сум го вложил и дека го жнеам она што не сум го посеал. Тогаш, зошто не ги стави моите сребрени пари во банка? Кога ќе дојдев, ќе ги подигнев со камата‘. А на оние што стоеја таму, им рече: ‚Земете му ја мината и дајте му ја на оној што има десет мини!‘“ (Лука 19:20-24).

Бидејќи не правел ништо за да го зголеми богатството на својот господар, тој роб изгубил многу. Апостолите очекувале Исус да владее во Царството на Бог. Затоа, од она што Исус го кажал за последниот роб, можеле да сфатат дека, ако не биле трудољубиви, немало да добијат место во тоа Царство.

Зборовите на Исус сигурно ги поттикнале верните ученици да вложат уште поголем труд во делото што им го оставил. На крајот, Исус заклучил: „Ви велам, на секој што има, ќе му се даде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има“. Освен тоа, додал дека неговите непријатели, кои ‚не сакале тој да царува над нив‘, ќе биле погубени. Откако ја раскажал оваа споредба, Исус продолжил со својот пат кон Ерусалим (Лука 19:26-28).