Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 90

„Воскресението и животот“

„Воскресението и животот“

ЈОВАН 11:17-37

  • ИСУС ДОШОЛ ОТКАКО ЛАЗАР УМРЕЛ

  • „ВОСКРЕСЕНИЕТО И ЖИВОТОТ“

Откако си заминал од Переја, Исус дошол во околината на Витанија — село на околу три километри источно од Ерусалим. Таму, Марија и Марта тагувале поради смртта на својот брат Лазар, и мнозина дошле да ги утешат.

На Марта ѝ кажале дека доаѓа Исус, и таа веднаш истрчала за да го пресретне. Кога дошла до него, му ги кажала зборовите кои таа и нејзината сестра претходните четири дена сигурно многупати ги помислиле: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Но, Марта немала изгубено надеж. „Знам дека Бог ќе ти даде сѐ што ќе побараш од него“, му рекла на Исус (Јован 11:21, 22). Знаела дека Исус сѐ уште можел да направи нешто за нејзиниот брат.

Исус ѝ одговорил: „Твојот брат ќе стане“. Марта си помислила дека Исус зборува за воскресението на Земјата што требало да се случи во иднина, на кое се надевале и Авраам и други Божји слуги. Со она што го рекла покажала доверба дека такво нешто сигурно ќе се случи: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:23, 24).

Но, дали Исус можел да направи нешто што веднаш ќе им ја отстранело тагата? Тој ја потсетил Марта дека Бог му дал власт над смртта кога ѝ рекол: „Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее. И секој што живее и верува во мене, никогаш нема да умре“ (Јован 11:25, 26).

Исус не сакал да каже дека неговите ученици немало никогаш да умрат. Како што веќе им кажал на своите апостоли, дури и самиот тој ќе умрел (Матеј 16:21; 17:22, 23). Наместо тоа, сакал да истакне дека оние што веруваат во него може да добијат вечен живот. Повеќето луѓе ќе живеат вечно откако ќе воскреснат. Меѓутоа, верните Божји слуги што ќе го преживеат крајот на овој свет може навистина никогаш да не умрат. Како и да е, секој што верува во Исус може да биде уверен дека нема да биде заборавен во гробот.

Лазар веќе неколку дена бил мртов. Можел ли Исус да му помогне? Тој рекол: „Јас сум воскресението и животот“. Затоа ја прашал Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Таа му одговорила: „Да, Господару, јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји, оној што треба да дојде во светов“. Марта верувала дека Исус може да направи нешто уште истиот тој ден, па затоа брзо се вратила дома и кришум ѝ рекла на сестра си: „Учителот е овде и те вика“ (Јован 11:25-28). Тогаш Марија веднаш тргнала кај Исус. Кога другите виделе дека излегува од куќата, тргнале по неа мислејќи дека оди на гробот на Лазар.

Но, таа отишла кај Исус и паднала пред неговите нозе. Низ солзи ги искажала истите чувства што ги имала и нејзината сестра: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Кога видел дека Марија и другите што дошле со неа плачат, Исус бил толку трогнат што дури и самиот не можел да ги задржи солзите. Тоа ги допрело срцата на луѓето. Но, некои рекле: „Не можеше ли овој, кој му ги отвори очите на слепиот, да ја спречи неговата смрт?“ (Јован 11:32, 37).