Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 58

Чудото со лебовите и квасецот на фарисеите

Чудото со лебовите и квасецот на фарисеите

МАТЕЈ 15:32 — 16:12; МАРКО 8:1-21

  • ИСУС НАХРАНИЛ 4.000 МАЖИ

  • ДАЛ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА КВАСЕЦОТ НА ФАРИСЕИТЕ

На подрачјето на Декаполис, источно од Галилејското Море, се насобрале многу луѓе. Тие дошле за да го слушаат Исус и да бидат излекувани. Со себе носеле големи кошници со храна.

По некое време, Исус им рекол на своите ученици: „Жал ми е за народот, зашто веќе три дена се кај мене и немаат што да јадат. Ако ги испратам да си одат дома гладни, ќе премалат по патот. А некои од нив дојдоа од далеку“. Учениците рекле: „Од каде може некој, на ова пусто место, да ги нахрани со леб овие луѓе?“ (Марко 8:2-4).

Исус ги прашал: „Колку леба имате?“ Тие му одговориле: „Седум, и неколку рипчиња“ (Матеј 15:34). Тогаш Исус му рекол на народот да испоседне по земјата. Потоа ги зел лебовите и рибите, му се помолил на Бог и им ги дал на учениците за да им ги разделат на луѓето. За чудо, сите јаделе и се наситиле. Со остатоците од храната наполниле седум големи кошници, иако јаделе околу четири илјади мажи, а и многу жени и деца.

Откако Исус го распуштил народот, тој и учениците се качиле во чамец и отишле во Магадан, кој се наоѓал на западниот брег од Галилејското Море. Таму, на Исус му пришле фарисеите заедно со неколкумина од садукејската секта со намера да го искушаат, и побарале да им покаже знак од небото.

Свесен за нивната намера, Исус им одговорил: „Кога ќе се свечери, имате обичај да речете: ‚Времето ќе биде убаво, зашто небото е црвено‘. А наутро велите: ‚Денес ќе биде студено и дождливо време, зашто небото е црвено, но мрачно‘. Изгледот на небото умеете да го толкувате, а знаците на времињата не умеете да ги толкувате“ (Матеј 16:2, 3). Потоа им кажал дека нема да им биде даден никаков друг знак освен знакот на Јона.

Оттаму, Исус и учениците повторно се качиле во чамец и се упатиле кон Витсаида, на североисточниот брег од морето. Додека пловеле, учениците сфатиле дека заборавиле да понесат доволно леб. Зеле само еден леб. Имајќи ја на ум неодамнешната средба со фарисеите и садукеите кои го поддржувале Ирод, Исус ги предупредил учениците: „Бидете претпазливи, чувајте се од квасецот на фарисеите и од квасецот Иродов“. Кога спомнал квасец, учениците си помислиле дека Исус ги прекорува затоа што заборавиле да понесат леб. Исус сфатил дека го разбрале погрешно, па им рекол: „Зошто расправате околу тоа што немате леб?“ (Марко 8:15-17).

Некое време пред тоа, Исус со леб нахранил неколку илјади луѓе. Затоа на учениците требало да им биде јасно дека тој не бил загрижен поради тоа што немале леб. „Не се сеќавате ли, кога ги раскршив петте леба за петте илјади мажи, колку кошници полни со останати парчиња собравте?“, ги прашал. Тие му одговориле: „Дванаесет“. Исус продолжил: „А кога раскршив седум за четири илјади мажи, колку кошници полни со останати парчиња собравте?“ Тие одговориле: „Седум“ (Марко 8:18-20).

Тогаш им рекол: „Како не сфаќате дека не ви зборував за леб?“ Потоа додал: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите“ (Матеј 16:11).

Тогаш учениците конечно разбрале што сакал да им каже. Квасецот предизвикува ферментација и го подига тестото. Исус го спомнал како симбол за расипаност. Тој сакал да ги предупреди учениците да се пазат од „учењето на фарисеите и садукеите“, кое можело духовно да ги расипе (Матеј 16:12).