Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 55

Многумина се запрепастиле од зборовите на Исус

Многумина се запрепастиле од зборовите на Исус

ЈОВАН 6:48-71

  • ДА СЕ ЈАДЕ НЕГОВОТО ТЕЛО И ДА СЕ ПИЕ НЕГОВАТА КРВ

  • МНОЗИНА СЕ СПРЕПНАЛЕ И ПРЕСТАНАЛЕ ДА ГО СЛЕДАТ

Во синагогата во Капернаум, Исус повторно поучувал дека тој бил вистинскиот леб од небото. Тоа очигледно било продолжение на она што им го рекол на луѓето што се вратиле од источниот брег на Галилејското Море, кои јаделе од лебовите и рибите што тој им ги дал преку чудо.

Исус продолжил: „Вашите прататковци јадеа мана во пустината, а сепак умреа“. За разлика од тоа, тој објаснил: „Јас сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно. А лебот што ќе го дадам јас е моето тело, кое ќе го дадам за животот на светот“ (Јован 6:48-51).

Претходно, пролетта 30 год. од н.е., Исус му кажал на Никодим дека Бог толку многу го сакал светот што го испратил својот Син за да ги спаси луѓето. Овојпат, Исус нагласил колку било важно луѓето да јадат од неговото тело така што ќе покажат вера во жртвата што требало да ја даде. На тој начин ќе можеле да добијат вечен живот.

Но, тоа што го чуле воопшто не им се допаднало на луѓето. Тие се прашувале: „Како може овој да го даде своето тело за јадење?“ (Јован 6:52). Исус сакал неговите слушатели да сфатат дека зборувал со симболика, а не буквално. Она што го кажал потоа уште повеќе потврдило дека зборувал симболично.

„Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот... зашто моето тело е вистинска храна, и мојата крв е вистинска напивка. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, останува во единство со мене и јас во единство со него“ (Јован 6:53-56).

Евреите мора многу да се разгневиле кога ги чуле тие зборови! Можеби си помислиле дека Исус ги наведува на канибализам и на грев против Божјиот закон, според кој не смеело да се јаде крв (1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 17:10, 11). Но, Исус не мислел дека луѓето што го слушале навистина требало да јадат човечко месо или да пијат крв. Тој сакал да истакне дека сите што сакаат да добијат вечен живот мора да покажуваат вера во жртвата што тој ќе ја принел кога ќе го дал своето совршено тело и ќе ја излеел својата крв. Меѓутоа, дури и многу од неговите ученици не разбрале што сакал да каже со тоа. Некои запрепастено рекле: „Овие зборови се тешки! Кој може да ги слуша?“ (Јован 6:60).

Исус видел дека некои од учениците приговарале, па ги прашал: „Зарем ова ве спрепнува? А што ако го видите Синот човечки како се вознесува таму каде што беше порано?.. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот. Но има некои меѓу вас кои не веруваат“. Откако го слушнале тоа, многу од учениците го напуштиле и повеќе не сакале да го следат (Јован 6:61-64).

Тогаш Исус им се обратил на своите дванаесет апостоли и ги прашал: „Да не сакате и вие да си одите?“ Петар му одговорил: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот! Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“ (Јован 6:67-69). Каква лојалност! Петар и другите апостоли му останале верни на Исус и покрај тоа што не разбрале потполно што значело тоа негово учење.

Иако на Исус му било мило што Петар така одговорил, рекол: „Зарем не ве избрав вас дванаесетмина? Сепак, еден од вас е клеветник“ (Јован 6:70). Исус мислел на Јуда Искариот. Можеби токму во таа прилика Исус за првпат забележал дека Јуда почнал да постапува според своите погрешни желби.

Но, сигурно бил многу среќен кога видел дека Петар и другите апостоли не дозволиле ништо да ги расколеба, туку продолжиле да го следат и да учествуваат во делото што тој почнал да го врши.