Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 63

Исус им дал на апостолите и други важни поуки

Исус им дал на апостолите и други важни поуки

МАТЕЈ 18:6-20; МАРКО 9:38-50; ЛУКА 9:49, 50

  • АКО НЕКОЈ СЕ ПОКОЛЕБАЛ

  • КОГА НЕКОЈ БРАТ ЌЕ НАПРАВЕЛ ГРЕВ

Исус само што употребил едно дете за да им покаже на своите следбеници како да гледаат на себе. Потоа рекол: „Кој прима едно вакво дете во мое име ме прима и мене“ (Матеј 18:5). Тоа значело дека неговите ученици требало да бидат како деца, односно да бидат понизни и да не си припишуваат никаков статус.

Бидејќи пред кратко време апостолите се расправале за тоа кој од нив е најголем, зборовите на Исус можеби ги сфатиле како укор. Тогаш апостол Јован спомнал една друга ситуација која тукушто се случила: „Видовме како еден човек истерува демони во твое име, па го спречувавме, бидејќи не оди по нас“ (Лука 9:49).

Дали Јован сметал дека единствено апостолите имале право да лекуваат и да истеруваат демони? Но, ако било така, како успеал тој Евреин да ги истера злобните духови? Јован изгледа сметал дека тој човек не требало да прави чуда затоа што не ги придружувал Исус и апостолите.

Но, одговорот на Исус го изненадил Јован: „Не спречувајте го, зашто никој што ќе направи некое моќно дело во мое име, не ќе може веднаш потоа да зборува лошо за мене. Зашто, кој не е против нас, тој е за нас. Зашто, кој вам ќе ви даде чаша вода поради тоа што му припаѓате на Христос, навистина, ви велам, нема да ја изгуби својата плата“ (Марко 9:39-41).

Во тоа време, човекот не морало постојано да биде со Христос за да покаже дека е на негова страна. Бидејќи христијанското собрание сѐ уште не било основано, тоа што тој човек не бил меѓу учениците кои патувале со Исус не значело дека бил против нив или дека ширел некоја друга религија. Човекот очигледно имал вера во Исус, и според зборовите на Исус, тој ќе добиел награда.

Работите би стоеле сосема поинаку доколку тој човек се поколебал во верата поради она што го рекле или направиле апостолите. Исус кажал: „Кој ќе поколеба во верата еден од овие мали што веруваат, подобро би му било околу вратот да му стават мелнички камен што го врти магаре, и да биде фрлен в море“ (Марко 9:42). Потоа Исус рекол дека неговите следбеници требало да отстранат од својот живот сѐ што би можело да ги наведе на грев, дури и да било толку скапоцено како рака, нога или око. Подобро е да се откажеме од нешто што многу ни вреди и да влеземе во Божјето Царство, отколку заедно со тоа да бидеме фрлени во геената (долината на Еном). Апостолите сигурно ја имале видено таа долина која се наоѓала близу Ерусалим и во која се палело ѓубрето, па затоа можеле да сфатат дека зборовите на Исус укажувале на трајно уништување.

Исус го кажал и следново предупредување: „Гледајте да не презрете еден од овие мали, зашто ви велам дека нивните ангели на небото секогаш го гледаат лицето на мојот Татко“. Колку му значеле тие „мали“ на неговиот Татко? Исус раскажал пример за еден човек кој имал сто овци, но загубил една од нив. Човекот ги оставил деведесет и деветте овци и отишол да ја бара загубената. Кога ја нашол, повеќе се радувал за неа отколку за другите деведесет и девет. Исус додал: „Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Матеј 18:10, 14).

Исус можеби ја имал на ум расправата меѓу апостолите за тоа кој бил најголем кога им рекол: „Имајте сол во себе, и бидете во мир еден со друг“ (Марко 9:50). Солта ја прави храната повкусна. Слично на тоа, симболичната сол ги прави нашите зборови „повкусни“, така што на другите им е полесно да ги прифатат. Ако користиме такви зборови нема да се расправаме со другите, туку ќе бидеме во мир со нив (Колошаните 4:6).

Одвреме-навреме може да дојде до сериозни недоразбирања, и Исус дал упатства како да се решаваат. Тој рекол: „Ако твојот брат направи грев, оди и насамо укажи му на неговиот престап. Ако те послуша, си го придобил својот брат“. А што ако не послушал? Исус продолжил: „Земи со себе уште еден или двајца, за да биде потврдено секое тврдење со изјавата на двајца или тројца сведоци“. Ако ни тоа не помогнело, проблемот требало да биде изнесен пред „собранието“, односно пред старешините кои биле одговорни за решавање на таквите случаи. Но, што ако оној што згрешил ни тогаш не послушал? Исус рекол: „Нека ти биде како незнабожец и како даночник“, луѓе со кои Евреите не се дружеле (Матеј 18:15-17).

Надгледниците во собранијата треба да се држат за Божјата Реч. Ако утврдат дека некој направил грев и дека му е потребна исправка, нивната одлука ќе биде одраз на она што ‚веќе било врзано на небото‘. Но, ако утврдат дека некој не направил грев, тогаш нивната одлука ќе биде одраз на она што ‚веќе било разврзано на небото‘. Упатствата на Исус биле од голема помош кога се формирало христијанското собрание. Кога решаваат некој таков случај, старешините можат да се потпрат на водството на Исус бидејќи тој ветил: „Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив“ (Матеј 18:18-20).