Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 50

Подготвени да проповедаат и покрај противењето

Подготвени да проповедаат и покрај противењето

МАТЕЈ 10:16 — 11:1; МАРКО 6:12, 13; ЛУКА 9:6

  • ИСУС ГИ ОБУЧИЛ И ГИ ИСПРАТИЛ АПОСТОЛИТЕ

Исус им дал на апостолите корисни упатства за тоа како да проповедаат додека соработуваат двајца по двајца. Но, тоа не било сѐ. Во врска со оние што ќе им се противеле, тој љубезно ги предупредил: „Еве, јас ве праќам како овци меѓу волци... Пазете се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Поради мене, ќе ве изведуваат пред управители и цареви“ (Матеј 10:16-18).

Значи, следбениците на Исус ќе се соочеле со жестоко противење, но тој ги охрабрил со следново ветување: „Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да зборувате. Зашто, не зборувате вие, туку духот на вашиот Татко зборува преку вас“. Потоа продолжил: „Брат ќе предаде брат на смрт и татко своето дете, и децата ќе станат против родителите и ќе ги предадат за да бидат убиени. И сите ќе ве мразат поради моето име. Но кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:19-22).

Бидејќи проповедањето било најважната задача, Исус нагласил дека неговите ученици морало да бидат мудри за да можат без пречки да ја извршуваат. Тој рекол: „Кога ќе ве прогонуваат во еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам, нема да ги обиколите сите израелски градови пред да дојде Синот човечки“ (Матеј 10:23).

Колку убави совети, зборови на охрабрување и корисни предупредувања им дал Исус на дванаесетте апостоли! Но, она што Исус го кажал се однесувало и на оние што требало да ја проповедаат добрата вест по неговата смрт и воскресение. Од каде го знаеме тоа? Исус рекол дека неговите ученици ќе биле ‚мразени од сите‘, а не само од оние кај кои апостолите биле пратени да проповедаат. Освен тоа, во Библијата не е запишано дека, за време на краткото проповедничко патување во Галилеја, апостолите биле изведени пред управители и цареви ниту, пак, дека членовите на нивните семејства ги предавале за да бидат убиени.

Без сомнение, кога Исус им ги кажал тие работи на своите апостоли, тој мислел на она што ќе се случувало во иднина. На пример, Исус им рекол на апостолите дека нема да го завршат делото на проповедање „пред да дојде Синот човечки“. Со тие зборови Исус, всушност, прорекол дека неговите ученици нема да го довршат проповедањето за Божјето Царство пред тој да дојде како прославен Цар и да го изврши Божјиот суд.

Додека проповедале, апостолите ќе биле прогонувани, но тоа не требало да ги изненади бидејќи Исус рекол: „Ученикот не е над својот учител, и робот не е над својот господар“. Јасно било што сакал Исус да каже. Како што тој бил малтретиран и прогонуван поради проповедањето за Божјето Царство, така ќе биле и неговите ученици. Но, Исус ги поттикнал: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата. Туку плашете се повеќе од оној што може да ги погуби и душата и телото во геената“ (Матеј 10:24, 28).

Самиот Исус оставил пример во врска со тоа. Тој бестрашно се соочил со смртта затоа што не сакал да му згреши на Јехова, Богот кој е семоќен. Само Семоќниот Бог може да погуби нечија ‚душа‘, односно некому да му го одземе правото на живот или, пак, да го воскресне и да му даде вечен живот. Колку мора да ги охрабрил Исус апостолите со тие зборови!

Потоа Исус кажал една споредба која јасно покажала колку многу му значеле неговите следбеници на Јехова: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко... Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29, 31).

Пораката што Исус им рекол на своите ученици да ја објавуваат ќе разделувала семејства, бидејќи некои од семејството ќе ја прифателе а некои не. „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата“, рекол Исус. Да, потребна е храброст за некој да живее според библиската вистина. Исус додал: „Кој го сака својот татко или својата мајка повеќе отколку мене, не е достоен за мене. Кој го сака својот син или својата ќерка повеќе отколку мене, не е достоен за мене“ (Матеј 10:34, 37).

Меѓутоа, некои луѓе ќе ги примеле неговите ученици. Исус рекол: „Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода затоа што е ученик, вистина, ви велам, нема да ја загуби својата награда“ (Матеј 10:42).

Откако апостолите добиле корисни упатства и предупредувања и биле охрабрени, тргнале „од село во село, објавувајќи ја добрата вест и лекувајќи насекаде“ (Лука 9:6).