Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 32

Што било дозволено да се прави во сабота

Што било дозволено да се прави во сабота

МАТЕЈ 12:9-14; МАРКО 3:1-6; ЛУКА 6:6-11

  • ИСУС МУ ЈА ИЗЛЕКУВАЛ РАКАТА НА ЕДЕН ЧОВЕК

Една сабота, Исус повторно отишол во синагога, веројатно во Галилеја. Таму имало и некој човек кому десната рака му била исушена (Лука 6:6). Свештениците и фарисеите внимателно го набљудувале Исус. Нивното прашање открило зошто. „Дали е дозволено да се лекува во сабота?“, го прашале тие (Матеј 12:10).

Еврејските верски водачи сметале дека Законот дозволувал да се лекува во сабота само ако нечиј живот бил во опасност. На пример, според нивните учења, во сабота не смеело да се намести изместена коска или да се преврзе исчашен зглоб, бидејќи тоа не загрозувало нечиј живот. Јасно, свештениците и фарисеите не му го поставиле прашањето на Исус затоа што биле загрижени за човекот. Тие сакале да најдат нешто за кое ќе можат да го обвинат.

Но, Исус веднаш ги препознал нивните скриени намери. Му било јасно дека имале фанатичен став за тоа што значи да се прекршат прописите за работа на денот за одмор — став кој воопшто не се темелел на Списите (2. Мојсеева 20:8-10). Освен тоа, неколкупати веќе бил обвинет за таков прекршок поради добрите дела што ги правел. Затоа решил да им се спротивстави на еден впечатлив начин. На човекот со исушена рака му рекол: „Застани насреде“ (Марко 3:3).

Тогаш Исус се свртел кон книжниците и фарисеите и им рекол: „Ако некому од вас во сабота му падне во јама единствената овца што ја има, кој од вас нема да ја фати и да ја извади?“ (Матеј 12:11). Бидејќи овцата имала одредена материјална вредност, нејзиниот сопственик сигурно не би ја оставил во јамата до следниот ден затоа што дотогаш би можела да умре, со што би бил во загуба. Освен тоа, во светите списи стоело: „Праведникот се грижи за душата на своето животно“ (Изреки 12:10).

Објаснувајќи ја примената на споредбата што ја кажал, Исус рекол: „А колку повеќе вреди човекот од една овца! Затоа, дозволено е да се прави добро во сабота“ (Матеј 12:12). Значи, ако Исус го излекувал човекот, немало да го прекрши законот за саботата. Верските водачи не знаеле што да одговорат на тие логични зборови кои одразувале сочувство, па затоа молчеле.

Тогаш Исус налутено ги погледнал сите наоколу, длабоко нажален поради нивната неразумност, а на човекот му рекол: „Испружи ја раката“ (Матеј 12:13). Тој ја испружил и раката му оздравела. Човекот сигурно бил пресреќен, но како реагирале оние што се обидувале да го фатат Исус во замка?

Наместо да се радуваат што раката на човекот оздравела, фарисеите излегле и веднаш почнале да се договараат „со Иродовите следбеници како да го убијат [Исус]“ (Марко 3:6). Следбениците на Ирод претставувале политичка партија во која имало и припадници на верската група садукеи. Меѓу фарисеите и садукеите владеело соперништво, но во таа прилика тие се здружиле против Исус.