Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 56

Што го валка човекот

Што го валка човекот

МАТЕЈ 15:1-20; МАРКО 7:1-23; ЈОВАН 7:1

  • ИСУС ГИ ОСУДИЛ ЧОВЕЧКИТЕ ТРАДИЦИИ

Исус продолжил да проповеда во Галилеја додека се ближела Пасхата во 32 год. од н.е. Кога дошло времето да се прослави празникот, тој веројатно заминал за Ерусалим, како што се барало со Божјиот закон. Но, бил многу претпазлив затоа што Евреите барале прилика да го убијат (Јован 7:1). По Пасхата, Исус се вратил во Галилеја.

Еден ден, кога изгледа бил во Капернаум, кај него дошле фарисеи и книжници од Ерусалим. Зошто поминале толкав пат? Сакале да најдат некаква причина за да можат да го обвинат дека ги прекршил верските прописи. Тие го прашале: „Зошто твоите ученици го престапуваат преданието на нашите стари? Не го прават обредот на миење раце пред јадење“ (Матеј 15:2). Иако Бог не барал од Евреите да ‚си ги мијат рацете до лактите‘, фарисеите сметале дека било сериозен грев ако некој не го правел тоа (Марко 7:3).

Исус не одговорил директно на нивното обвинение, туку истакнал на кој начин тие намерно го прекршувале Божјиот закон. „А зошто вие ја престапувате Божјата заповед поради вашето предание?“, ги прашал. „На пример, Бог рекол: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘ и ‚Кој ќе проколне татко или мајка, да биде погубен‘. А вие велите: ‚Оној што ќе му рече на татка си или на мајка си: „Она што го имам, а со кое би можел да ти помогнам, го одредив за Бог како дар“, тој не мора да го почитува својот татко‘“ (Матеј 15:3-6; 2. Мојсеева 20:12; 21:17).

Фарисеите тврделе дека парите, имотот или што и да било друго што некој ќе го одредел како дар за Бог му припаѓало на храмот и затоа не можело да се користи за никаква друга цел. Меѓутоа, дарот што бил одреден за Бог и понатаму останувал кај лицето што го дало. На пример, еден син можел да рече дека неговите пари или имот се „курбан“ — дар посветен за Бог или за храмот — што значело дека наводно оттогаш натаму првенствено право над нив имал храмот. Синот и понатаму можел да ги користи парите или имотот, но не за да им помогне на своите остарени родители на кои им била потребна помош. Така ја избегнувал одговорноста кон своите родители (Марко 7:11).

Исус со право бил огорчен поради ваквото извртување на Божјиот закон. Затоа рекол: „Ја обезвреднивте речта Божја поради вашето предание. Лицемери, добро пророкуваше за вас Исаија, кога рече: ‚Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди‘“. Фарисеите немале одговор на острите критики на Исус. Затоа, тој го повикал мноштвото кај себе и му рекол: „Слушајте и разберете! Човекот не го валка она што влегува во устата, туку она што излегува од устата — тоа го валка човекот“ (Матеј 15:6-11; Исаија 29:13).

Кога подоцна Исус бил во една куќа, учениците го прашале: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога слушнаа што рече ти?“ Тој им одговорил: „Секоја садница што не ја засадил мојот небесен Татко, ќе биде откорната. Оставете ги. Тие се слепи водачи. А кога слепец води слепец, обајцата ќе паднат во јама“ (Матеј 15:12-14).

Потоа Петар, во името на останатите ученици, го замолил Исус да им објасни што го валка човекот. Очигледно изненаден од тоа, Исус одговорил: „Не знаете ли дека сѐ што влегува во устата доаѓа во утробата и се исфрла во нужникот? А она што излегува од устата, излегува од срцето, и тоа го валка човекот. На пример, од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. Тоа е она што го валка човекот, а ако не ги измил рацете според обредот, тоа не го валка човекот“ (Матеј 15:17-20).

Со тоа Исус не сакал да каже дека не треба да се внимава на хигиената или, пак, дека нема потреба да се мијат рацете пред оброк или пред да се подготвува храна. Тој, всушност, го осудил лицемерството на верските водачи, кои се обидувале да ги избегнат Божјите праведни закони со тоа што се држеле до човечки преданија и традиции. Според тоа, она што го валкало човекот биле злобните постапки што извирале од неговото срце.