Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 68

Божјиот Син — „светлината на светот“

Божјиот Син — „светлината на светот“

ЈОВАН 8:12-36

  • ИСУС ОБЈАСНИЛ КОЈ Е СИНОТ

  • ЗОШТО ИСУС РЕКОЛ ДЕКА ЕВРЕИТЕ БИЛЕ РОБОВИ?

На седмиот, односно на последниот ден од Празникот на сениците, Исус поучувал во делот од храмот кој бил наречен ‚ризница‘ (Јован 8:20; Лука 21:1). Тоа најверојатно било во Дворот на жените, и луѓето таму го давале својот прилог.

Секоја вечер за време на празникот, овој дел од храмот бил посебно осветлен. Таму биле поставени четири огромни свеќници, и секој од нив имал по четири големи садови полни со масло. Тие свеќници светеле толку силно што навечер го осветлувале целото место наоколу. Зборовите што Исус ги кажал во таа прилика најверојатно ги потсетиле луѓето на таа слика. „Јас сум светлината на светот“, рекол тој. „Кој оди по мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“ (Јован 8:12).

Но, фарисеите му приговориле: „Ти сведочиш сам за себе, твоето сведоштво не е вистинито“. Исус им одговорил: „Дури и да сведочам сам за себе, моето сведоштво е вистинито, бидејќи знам од каде дојдов и каде одам. Но вие не знаете од каде сум и каде одам“. Потоа додал: „Во вашиот Закон пишува дека сведоштвото од двајца луѓе е вистинито. Јас сум оној што сведочи за себе, а и Таткото, кој ме испрати, сведочи за мене“ (Јован 8:13-18).

Фарисеите не се согласиле со тоа. „Каде е твојот Татко?“, прашале. Исус директно им одговорил: „Вие не ме познавате ниту мене ниту мојот Татко. Да ме познававте мене, ќе го познававте и мојот Татко“ (Јован 8:19). Иако фарисеите сѐ уште сакале да го уапсат Исус, никој не кренал рака на него.

Тогаш Исус повторил нешто што веќе им го имал кажано: „Јас си заминувам, и вие ќе ме барате, но ќе умрете во својот грев. Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете“. Евреите потполно погрешно ги сфатиле овие зборови на Исус и почнале да се прашуваат: „Зар ќе се убие, зашто вели: ‚Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘?“ Тие не разбрале што значело тоа бидејќи не знаеле од каде потекнувал Исус. Затоа тој објаснил: „Вие сте одоздола, а јас сум одозгора. Вие сте од овој свет, а јас не сум од овој свет“ (Јован 8:21-23).

Исус зборувал за својот претходен живот на небото и за себе во улога на ветениот Месија, односно Христос, кого тие верски водачи би требало да го очекуваат. И покрај тоа, тие со голем презир го прашале: „Кој си ти?“ (Јован 8:25).

Кога видел дека и покрај сѐ не сакале да го прифатат, Исус им рекол: „Зошто, воопшто, ви зборувам?“ Но, сепак го свртел вниманието кон својот Татко и објаснил зошто Евреите требало да го слушаат Синот: „Оној што ме испрати ја зборува вистината, и она што го чув од него, тоа го зборувам во светот“ (Јован 8:25, 26).

За разлика од тие Евреи, Исус имал доверба во својот Татко и тоа го покажал со следниве зборови: „Кога еднаш ќе го подигнете Синот човечки, тогаш ќе знаете дека јас сум тоа што велам дека сум, и дека ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото. Оној што ме испрати е со мене. Не ме остави сам, бидејќи јас секогаш го правам она што нему му е по волја“ (Јован 8:28, 29).

Сепак, некои Евреи поверувале во Исус. Ним тој им рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).

За некои било чудно тоа што Исус рекол дека треба да бидат ослободени. Затоа му приговориле: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале. Како велиш: ‚Ќе бидете слободни‘?“ Иако Евреите повеќепати биле под власта на други народи, никогаш не се гледале себеси како робови. Но, Исус јасно им кажал дека сепак се робови: „Вистина, вистина, ви велам, секој што прави грев, роб му е на гревот“ (Јован 8:33, 34).

Евреите што не сакале да признаат дека се робови на гревот биле во опасност. „Робот не останува во куќата засекогаш, но синот останува засекогаш“, објаснил Исус (Јован 8:35). Еден роб немал право на наследство, а семејството каде што служел можело во кое и да било време да го отпушти. Само синот кој бил роден или посвоен во едно семејство останувал „засекогаш“, односно сѐ додека бил жив.

Според тоа, вистината за Божјиот Син е вистината што засекогаш ги ослободува луѓето од гревот и смртта. „Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“, заклучил Исус (Јован 8:36).