Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 70

Излекувал човек кој бил слеп од раѓање

Излекувал човек кој бил слеп од раѓање

ЈОВАН 9:1-18

  • ЕДЕН ПРОСЈАК КОЈ БИЛ СЛЕП ОД РАЃАЊЕ ПРОГЛЕДАЛ

Било сабота, и Исус сѐ уште се наоѓал во Ерусалим. Додека тој и неговите ученици оделе низ градот, виделе еден човек кој бил слеп од раѓање и просел. Учениците прашале: „Учителе, кој згрешил, овој човек или неговите родители, па се родил слеп?“ (Јован 9:2).

Учениците знаеле дека луѓето немаат невидлива душа која постои уште пред да се родат, но можеби се прашувале дали некој може да згреши додека е во утробата на мајката. Исус им одговорил: „Ниту овој човек згрешил ниту неговите родители, туку тоа се случило за да се покажат Божјите дела врз него“ (Јован 9:3). Значи, ниту тој човек ниту неговите родители не направиле некој грев поради кој се родил слеп. Наместо тоа, поради гревот на Адам сите луѓе се раѓаат како несоврешени и се подложни на разни телесни недостатоци, како што е и слепилото. Меѓутоа, слепилото на тој човек отворило можност Исус да направи чудо и така да ги покаже Божјите дела, исто како што правел и во други прилики кога ги лекувал луѓето.

Исус истакнал колку било неодложно да прави такви дела. „Додека е ден мораме да ги вршиме делата на оној што ме испрати“, рекол тој. „Доаѓа ноќ кога никој не ќе може да работи. Додека сум во светот, јас сум светлината на светот“ (Јован 9:4, 5). Исус требало наскоро да замине во темнината на гробот, од каде што не ќе можел да направи ништо повеќе. Сѐ дотогаш, тој ќе бил светлината на светот.

Но, дали Исус го излекувал слепиот човек? Да. Тој плукнал на земјата и со плунката направил кал, со која му ги намачкал очите на човекот. Потоа му рекол: „Оди измиј се во езерцето Силоам“ (Јован 9:7). Човекот го послушал и веднаш прогледал! Замисли си колку бил среќен што за првпат во животот можел да гледа!

Неговите соседи и другите што го познавале биле вчудовидени. „Не е ли тоа оној што седеше и просеше?“, прашале. „Тоа е тој“, велеле некои. Но, други не верувале во тоа и рекле: „Не, туку личи на него“. Меѓутоа, самиот човек им рекол: „Јас сум тој“ (Јован 9:8, 9).

Тогаш го прашале: „Како ти се отворија очите?“ Тој им одговорил: „Човекот кој се вика Исус направи кал и ми ги намачка очите и ми рече: ‚Оди во Силоам и измиј се‘. Така отидов, се измив и прогледав“. Тогаш го прашале: „Каде е тој?“ Просјакот им одговорил: „Не знам“ (Јован 9:10-12).

Потоа го одвеле кај фарисеите, кои исто така сакале да дознаат како прогледал. Тој им рекол: „Ми стави кал на очите, и јас се измив и сега гледам“. Фарисеите би требало да се радуваат што просјакот бил излекуван. Наместо тоа, некои од нив почнале да го обвинуваат Исус. „Тоа не е човек од Бог, бидејќи не ја држи саботата“, тврделе. Но, други фарисеи се прашувале: „Како може човек кој е грешник да прави такви чуда?“ (Јован 9:15, 16). Така дошло до поделба меѓу нив.

Бидејќи фарисеите имале различни мислења, го прашале човекот што прогледал: „Што велиш ти за човекот што ти ги отвори очите?“ Тој ни најмалку не се сомневал во Исус и рекол: „Тој е пророк“ (Јован 9:17).

Но, фарисеите не сакале да поверуваат во тоа. Можеби си помислиле дека тој човек и Исус скроиле некаков план за да ги измамат луѓето. За да го решат проблемот, одлучиле да ги викнат родителите на просјакот и да ги прашаат дали навистина бил слеп.