Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Матеј поглавја 5 — 7

Матеј поглавја 5 — 7

5 Кога го виде народот, се качи на планината. И кога седна, неговите ученици се приближија до него. 2 Тој проговори и почна да ги поучува:

3 „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, a зашто нивно е царството небесно.

4 Среќни се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени.

5 Среќни се кротките, b зашто ќе ја наследат земјата.

6 Среќни се оние што гладуваат и жедуваат за праведност, зашто ќе се наситат.

7 Среќни се милосрдните, зашто ќе им биде покажано милосрдие.

8 Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог.

9 Среќни се миротворците, зашто ќе бидат наречени Божји синови.

10 Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста, зашто нивно е небесното царство.

11 Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла. 12 Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас.

13 Вие сте солта на земјата. Но, ако солта стане несолена, како ќе ѝ се обнови соленоста? Таа веќе не е за ништо друго, освен да се фрли надвор и да ја газат луѓето.

14 Вие сте светлината на светот. Не може да се скрие град кој се наоѓа на планина. 15 Светилка не се пали за да се стави под кошница, туку на светилник, па им свети на сите во куќата. 16 Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата.

17 Немојте да мислите дека дојдов да ги обезвреднам Законот или Пророците. Не дојдов да обезвреднам, туку да исполнам. 18 Зашто, вистина, ви велам, побргу ќе исчезнат небото и земјата отколку да исчезне од Законот најмалата буква или делче од буква, а сето тоа да не се исполни. 19 Според тоа, кој ќе прекрши една од овие најмали заповеди, и така ги научи луѓето, тој ќе биде наречен најмал c во небесното царство. А секој што ги извршува и поучува други за нив, тој ќе биде наречен голем d во небесното царство. 20 Зашто, ви велам, ако вашата праведност не биде поголема од праведноста на книжниците и фарисеите, e нема да влезете во небесното царство.

  21 Чувте дека на старите им беше речено: ’Не убивај! Кој ќе убие, ќе одговара пред суд‘. 22 А јас ви велам: секој што упорно се гневи на својот брат, ќе одговара пред суд. А оној што ќе го нарече својот брат со навредливо име, ќе одговара пред највисокиот суд. А оној што ќе му рече дека не заслужува да живее, и самиот би можел да се најде во огнот на геената. f

23 И така, ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, 24 остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар.

25 Брзо реши го спорот со оној што те тужи, додека уште си со него на пат кон судот, за да не те предаде твојот тужител на судијата, а судијата на стражарот, па да те фрлат в затвор. 26 Вистина, ти велам, нема да излезеш оттаму додека не ја исплатиш и последната паричка.

27 Сте чуле дека било речено: ’Не врши прељуба!‘ 28 А јас ви велам: секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. 29 Според тоа, ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да биде фрлено во геената. g 30 И ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе. Зашто, подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото отколку целото твое тело да се најде во геената. h

31 Освен тоа, било речено: ’Кој ќе се разведе од својата жена, нека ѝ даде потврда за развод‘. 32 А јас ви велам: секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, ја наведува на прељуба. i И секој што ќе се ожени со разведена жена, врши прељуба.

33 Сте го чуле уште и тоа дека на старите им било речено: ’Не заколнувај се лажно, туку исполнувај ги своите завети пред Јехова‘. j 34 А јас ви велам: не заколнувајте се никако, ниту во небото, бидејќи е Божји престол, 35 ниту во земјата, бидејќи е подножје на неговите нозе, ниту во Ерусалим, бидејќи е град на великиот Цар. 36 Не заколнувај се ни во својата глава, k бидејќи не можеш ниту едно влакно да го направиш бело или црно. 37 Затоа кога ќе речете: ’Да‘, тоа нека значи ’да‘, а кога ќе речете: ’Не‘, тоа нека значи ’не‘. Што е повеќе од тоа, од Злобниот l е.

38 Сте чуле дека било речено: ’Око за око и заб за заб‘. 39 А јас ви велам: не спротивставувајте му се на оној што е злобен. Напротив, ако некој ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот. 40 И ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. 41 И ако некој што има власт те присили да одиш една милја, оди со него две. 42 Ако некој ти побара нешто, дај му, и не свртувај се од a оној што сака од тебе да земе на заем без камата.

43 Сте чуле дека било речено: ’Сакај го својот ближен и мрази го својот непријател!‘ 44 А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, 45 за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните. 46 Зашто, ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата? Зарем не го прават истото и даночниците? 47 И ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и незнабошците? 48 Според тоа, бидете совршени, b како што е совршен вашиот небесен Татко.

6 Внимавајте да не правите праведни дела пред луѓето за да ве видат. Инаку нема да добиете плата од својот Татко кој е на небесата. 2 Затоа, кога даваш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите во синагогите и по улиците за да ги слават луѓето. Вистина, ви велам, тие веќе ја добиле својата плата. 3 А ти кога даваш милостина, твојата левица нека не знае што прави твојата десница, 4 за да биде твојата милостина во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати.

5 Така и кога се молите, не бидете како лицемерите. Зашто, тие сакаат да се молат стоејќи во синагогите и на големите раскрсници за да ги видат луѓето. Вистина, ви велам, веќе ја примиле својата плата. 6 А ти, кога се молиш, влези во својата најскриена соба и затвори ја вратата, па помоли му се на својот Татко кој е во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати. 7 А кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови. 8 Затоа не бидете како нив, зашто Бог, вашиот Татко, знае што ви треба уште пред да го замолите.

9 Значи, молете се вака:

’Татко наш, c кој си на небесата, да се свети името твое. 10 Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. 11 Лебот наш за овој ден дај ни го денес 12 и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници. d 13 И не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот‘. e

14 Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. 15 Но, ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи.

16 Кога постите, немојте да имате жалосен израз на лицето како лицемерите, зашто тие сакаат лицето да им изгледа мрачно f за да ги видат луѓето дека постат. Вистина, ви велам, тие веќе ја примиле својата плата. 17 А ти, кога постиш, намачкај си ја главата и измиј си го лицето, 18 за да не видат луѓето дека постиш, туку твојот Татко кој е во тајност. Тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти возврати.

19 Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молецот и ’рѓата нагризуваат и каде што крадци провалуваат и крадат. 20 Туку собирајте си богатство на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа не нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат. 21 Зашто, каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето.

22 Светилка на телото е окото. Значи, ако окото ти е бистро, g целото тело ќе ти биде светло. 23 Но, ако окото ти е злобно, h целото тело ќе ти биде темно. Ако светлината што е во тебе, всушност, е темнина, колку само е голема таа темнина!

24 Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството.

25 Затоа ви велам: не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете. Зарем не значи животот повеќе отколку храната и телото повеќе отколку облеката? 26 Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив? 27 Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку? 28 Исто и за облеката, зошто сте загрижени? Гледајте ги полските кринови како растат! Ниту се мачат ниту предат, 29 но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив. 30 А ако Бог така го облекува полското билје, кое денес го има, а утре се фрла в печка, нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни? 31 Затоа немојте да бидете загрижени и да велите: ’Што ќе јадеме?‘ — или: ’Што ќе пиеме?‘ — или: ’Што ќе облечеме?‘ 32 Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. i А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа.

33 Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде. 34 И така, не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло.

7 Не судете, за да не бидете судени. 2 Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди. И со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери. 3 Тогаш, зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? 4 Или, како можеш да му речеш на брата си: ’Дај да ти ја извадам раската од окото‘, кога самиот имаш греда во своето око? 5 Лицемеру! Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.

6 Не давајте им го на кучињата она што е свето и не фрлајте ги своите бисери пред свињи, за да не ги изгазат под нозете, па да се свртат и да ве растргнат.

7 Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори. 8 Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори. 9 Кој од вас, ако неговиот син го замоли за леб, ќе му даде камен? 10 Или, ако го замоли за риба, зар ќе му даде змија? 11 И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе вашиот Татко кој е на небесата ќе им даде добри работи на оние што го молат?

12 Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним. Тоа е смислата на Законот и Пророците.

13 Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него. 14 А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат.

15 Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци. 16 По нивните плодови j ќе ги препознаете. Зарем се бере грозје од трње или смокви од чичка? 17 Така, секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод. 18 Добро дрво не може да даде безвреден плод, ниту, пак, може гнило дрво да даде добар плод. 19 Секое дрво кое не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. 20 И така, по нивните плодови ќе ги препознаете.

21 Не секој што ми вели: ’Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата. 22 Мнозина ќе ми речат во оној ден: ’Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многубројни моќни дела k во твое име?‘ 23 Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!

24 Затоа, секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа. 25 И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, но таа не падна, зашто темелот ѝ беше на карпа. 26 А секој што ги слуша овие мои зборови, а не ги извршува, ќе биде како безумен човек, кој си ја изградил куќата на песок. 27 И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, и таа падна и сосема се распадна“.

28 А кога Исус го заврши својот говор, мноштвата беа восхитени од неговото поучување, 29 зашто ги поучуваше како некој зад чии зборови стои Бог, а не како нивните книжници.

a Или: „оние што чувствуваат духовен глад; оние што се свесни дека им е потребен Бог (Божје водство)“.

b Или: „оние што имаат благ нарав“.

c Или: „нема да биде достоен да влезе“.

d Или: „ќе биде достоен да влезе“.

e Книжниците биле мажи кои добро ги познавале Писмата, а фарисеите биле еврејски верски водачи.

f „Геена“ значи „долината на Еном“. Долината на Еном станала буниште и место за горење на ѓубрето од Ерусалим. Во геената не биле фрлани ниту живи животни ниту луѓе за да горат живи или да се мачат. Затоа ова место не може да претставува некакво невидливо подрачје во кое човечки души вечно се мачат во вистински оган. Исус и неговите ученици го користеле изразот „геена“ како симбол за вечно уништување, за непостоење.

g Види ја фуснотата за  5:22.

h Види ја фуснотата за  5:22.

i Зборот „блуд“ (грчки: порниа) се однесува на одредени сексуални постапки кои Бог ги забранува, како што се прељуба, проституција, сексуални односи меѓу лица што не се во брак, сексуални односи меѓу лица од ист пол и сексуални односи со животни.

j Според Светото писмо, „Јехова“ е името на Семоќниот Бог.

k Или: „животот“.

l Односно, Сатана Ѓаволот.

a Или: „не врти му грб на; не го одбивај“.

b Односно, покажувајте совршена (сеопфатна) љубов.

c Или: „Оче наш“.

d Или: „нашите гревови, како што и ние им простуваме на оние што ни грешат нам“.

e Односно, Сатана Ѓаволот.

f Или: „сакаат да изгледаат запуштено“.

g Или: „едноставно; справедливо; сосредоточено само на една работа; великодушно“.

h Или: „расипано; завидливо“.

i Односно, луѓето што не му служат на Бог.

j Или: „дела; постапки“.

k Или: „многу чуда“.