Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТРЕТО ПОГЛАВЈЕ

„Јас сум... со понизно срце“

„Јас сум... со понизно срце“

„Еве, царот твој доаѓа кај тебе!“

1-3. Како влегол Исус во Ерусалим, и зошто некои од мноштвото набљудувачи можеби биле изненадени?

НА УЛИЦИТЕ на Ерусалим се чувствува силна возбуда. Луѓето се во исчекување — треба да пристигне една мошне важна личност! Надвор од ѕидините, многу народ се собира крај патот што води во градот. Со душа чекаат да му изразат добредојде на овој човек за кого насекаде се зборува дека е наследникот на цар Давид кој има законско право да владее со Израел. Мнозина држат палмови лисја во рацете за да му мавтаат во знак на поздрав, а други простираат облеки и палмови гранки за да му го израмнат патот (Матеј 21:7, 8; Јован 12:12, 13). Сигурно повеќето се прашуваат како ќе изгледа доаѓањето на овој човек.

2 Некои од нив можеби очекуваат да видат голем раскош. Сигурно знаат на каков величествен начин пристигнувале други важни личности. На пример, кога Авесалом, синот на цар Давид, се прогласил за цар, 50 луѓе трчале пред неговата кола (2. Самоилова 15:1, 10). Римскиот владетел Јулиј Цезар сакал неговото пристигнување да биде уште повеличествено. Кога во една прилика јавал на чело на победничка поворка, која се движела кон Капитол (центар на политичкиот живот во Рим), од неговите две страни оделе 40 слонови кои носеле светилки! Но, сега жителите на Ерусалим очекуваат една многу поважна личност. Сеедно дали мноштвата се свесни за тоа или не, оној што го чекаат е Месијата, најголемиот човек кој некогаш живеел на Земјата. Меѓутоа, кога овој иден Цар се појавува, можеби некои се изненадени.

3 Нема кола, нема луѓе што трчаат пред него, нема ни коњи, а камоли слонови! Наместо тоа, човекот јава на магаре, најобично товарно животно. * Овој јавач не носи раскошна облека, а неговото животинче не е украсено со ништо. Наместо скапо седло, на грбот на магарето има само облеки што ги префрлиле неговите најблиски ученици. Зошто Исус решил да влезе во Ерусалим на ваков неупадлив начин, кога други луѓе, далеку побезначајни од него, влегувале со многу поголема помпезност и раскош?

4. Што прорекла Библијата во врска со начинот на кој месијанскиот Цар требало да влезе во Ерусалим?

4 Со ова Исус исполнува едно пророштво: „Радувај се многу... Викај победнички, ќерко ерусалимска! Еве, царот твој доаѓа кај тебе! Тој е праведен и спасен, понизен е и јава на магаре“ (Захарија 9:9). Ова пророштво укажувало дека еден ден, Божјиот Помазаник, Месијата, ќе влезе во Ерусалим како Цар поставен од Бог. Самиот начин на кој ќе го стори тоа, како и животното што ќе избере да го јава, требало да открие дека тој во срцето има една прекрасна особина — понизност.

5. Зошто не можеме да останеме рамнодушни кога размислуваме за понизноста на Исус, и зошто е многу важно да научиме да бидеме понизни како него?

5 Понизноста е една од најубавите особини на Исус. Кога размислуваме за оваа особина, едноставно не можеме да останеме рамнодушни. Како што видовме во претходното поглавје, само Исус е „патот и вистината и животот“ (Јован 14:6). Значи, ниту еден од милијардите луѓе што живееле на Земјата не бил поважен од Божјиот Син. Сепак, Исус никогаш не покажал ни трошка гордост, вообразеност и надуеност — особини што се карактеристични за безброј несовршени луѓе. За да одиме по Христос, и ние мора да водиме борба да не ѝ потклекнеме на гордоста (Јаков 4:6). Не заборавај, Јехова ја мрази вообразеноста! Затоа, многу е важно да научиме да бидеме понизни како Исус.

Понизност — особина што Исус отсекогаш ја имал

6. Каков е оној што е понизен, и од каде знаел Јехова дека Месијата ќе биде понизен?

6 Понизен е оној што не е вообразен и горд. Понизноста извира од срцето и може да се види по тоа како едно лице зборува, како се однесува и како постапува со другите. Од каде знаел Јехова дека Месијата ќе биде понизен? Тој знаел дека Синот го следел Неговиот сопствен совршен пример на понизност (Јован 10:15). Освен тоа, видел како ја покажува оваа особина на дело. Кога?

7-9. а) Како Михаел покажал понизност кога имал спор со Сатана? б) Како можат христијаните да бидат понизни како што бил Михаел?

7 Посланието од Јуда содржи еден многу убав пример за понизноста на Исус: „Кога архангелот Михаел имаше спор со Ѓаволот и се расправаше околу Мојсеевото тело, не се осмели да го осуди со погрдни зборови, туку рече: ‚Јехова нека те прекори!‘“ (Јуда 9). Пред да живее на Земјата, а и потоа, Исус се викал Михаел. Михаел е името што тој го носи како архангел, односно главен ангел на Јеховината небесна војска од ангели * (1. Солуњаните 4:16). Да видиме како постапил Михаел во овој спор со Сатана.

8 Од извештајот на Јуда не може да се види што сакал да направи Сатана со телото на Мојсеј, но сигурни сме дека имал на ум нешто лошо. Можеби сакал да ги искористи останките на овој верен човек за да ги наведе Израелците да го обожаваат Бог на некој погрешен начин. Освен што се спротивставил на злобниот план на Сатана, Михаел покажал и огромна самоконтрола. Нема сомнение дека Сатана заслужувал прекор, но Михаел, кому во времето на овој спор со Сатана сѐ уште не му бил доверен „сиот суд“, сметал дека само Јехова Бог може да го прекори Ѓаволот за таа работа (Јован 5:22). Бидејќи бил архангел, Михаел имал прилично големи овластувања. Сепак, понизно му ги препуштил работите на Јехова наместо да се обиде да приграби уште поголема власт. Освен понизност, тој покажал и скромност, односно покажал дека е свесен за своите граници.

9 Има причина зошто Јуда бил вдахновен да го опише овој случај. За жал, некои христијани во тоа време не биле понизни. Тие вообразени поединци ‚зборувале погрдно за сето она што всушност не го познавале‘ (Јуда 10). Колку е лесно еден несовршен човек да ѝ потклекне на гордоста! Како реагираме ние кога не разбираме зошто се прави нешто во христијанското собрание — на пример, кога не разбираме зошто старешинството донело некоја одлука? Ако почнеме да зборуваме негативно и да критизираме, иако не ги знаеме сите причини за таа одлука, дали е можеби тоа знак дека ни фали понизност? Многу подобро е да бидеме како Михаел, односно Исус, и да не судиме за работи за кои немаме добиено никакво овластување од Бог.

10, 11. а) Зошто е навистина посебно тоа што Божјиот Син спремно прифатил да дојде на Земјата? б) Како би можеле да бидеме понизни како Исус?

10 Божјиот Син покажал понизност и со тоа што прифатил да дојде на Земјата. Размисли што сѐ морал да остави на небото. Тој бил архангел. Бил и „Речта“ — Јеховин личен Гласноговорник (Јован 1:1-3). Живеел на небото, во Јеховиното „возвишено живеалиште, свето и прекрасно“ (Исаија 63:15). И покрај сето ова, Синот ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб и станал сличен на луѓето‘ (Филипјаните 2:7). А замисли што вклучувала неговата задача на Земјата! Неговиот живот бил пренесен во матката на една еврејска девица, каде што се развивал девет месеци, сѐ додека не се родил како беспомошно бебе во семејството на еден сиромашен дрводелец. Таму пораснал и станал младич. Иако самиот бил совршен, за сето тоа време им бил послушен на двајца несовршени човечки родители (Лука 2:40, 51, 52). Каква извонредна понизност!

11 Можеме ли да бидеме понизни како Исус со тоа што спремно ќе прифаќаме задачи кои понекогаш ни се чинат ниски? На пример, нашата задача да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство можеби изгледа понижувачка кога луѓето се рамнодушни и кога нѐ исмеваат или нѐ напаѓаат (Матеј 28:19, 20). Сепак, ако истрајно го вршиме ова дело, можеме да помогнеме да се спасат животи. Во секој случај, ќе научиме да бидеме понизни, и ќе ги следиме стапките на нашиот Господар, Исус Христос.

Исус бил понизен и како човек

12-14. а) Како Исус покажал понизност кога луѓето го фалеле? б) На кои начини Исус постапувал понизно со другите? в) Од каде знаеме дека Исус не покажувал понизност само од учтивост или од култура?

12 Понизноста била главна карактеристика на Исус од првиот до последниот момент на неговата служба на Земјата. Тој покажал дека е понизен со тоа што му ја припишувал сета фалба и слава на својот Татко. Понекогаш луѓето го фалеле за неговите мудри зборови, за моќните чуда што ги правел, па дури и за неговата добрина. Но, Исус одново и одново нагласувал дека Јехова е Оној што ја заслужува сета слава, а не самиот тој (Марко 10:17, 18; Јован 7:15, 16).

13 Исус покажувал понизност и со начинот на кој постапувал со луѓето. Всушност, тој јасно ставил до знаење дека не дошол на Земјата за да му служат, туку да им служи на другите (Матеј 20:28). Покажал понизност со тоа што постапувал благо и разумно со луѓето. Кога неговите следбеници го изневериле, не им се развикал, туку и понатаму се трудел да им допре до срцето (Матеј 26:39-41). Кога во една прилика сакал малку да се одмори на едно мирно, осамено место, но мноштвата дошле кај него, тој не ги вратил, туку си го жртвувал одморот и продолжил да ги поучува за „многу работи“ (Марко 6:30-34). Кога една не-Израелка упорно го молела да ја излекува нејзината ќерка, тој во почетокот покажал дека нема намера да го стори тоа. Сепак, не ја одбил со лутина и, на крајот, попуштил кога видел колку е голема нејзината вера, како што ќе видиме во 14. поглавје (Матеј 15:22-28).

14 Во секој можен поглед, Исус живеел во склад со она што го кажал за себе: „Јас сум благ и со понизно срце“ (Матеј 11:29). Неговата понизност не била површна — не ја покажувал само од учтивост или од култура. Оваа особина извирала длабоко од него — од неговото срце. Затоа, не е ни чудо што му било многу важно да ги поучи и учениците да бидат понизни!

Ги поучил своите следбеници да бидат понизни

15, 16. На кој начин Исус посочил како треба да се разликува ставот на неговите следбеници од ставот на световните владетели?

15 На апостолите не им било лесно да се научат на понизност. Исус морал секогаш одново да ги поучува да бидат понизни. На пример, еднаш Јаков и Јован ја испратиле мајка си да побара од Исус да им вети дека ќе имаат високи положби во Божјето Царство. Исус скромно одговорил: „Да седите од мојата десна и лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас, туку им припаѓа на оние за кои мојот Татко го приготвил“. Другите десет апостоли им се налутиле за ова на Јаков и на Јован (Матеј 20:20-24). Како Исус го решил овој проблем?

16 Тој љубезно ги прекорил сите, велејќи: „Знаете дека владетелите господарат над народите и големците ги држат под своја власт. А меѓу вас нека не биде така. Напротив, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде роб“ (Матеј 20:25-27). Апостолите веројатно имале прилика да видат колку можат да бидат горди, амбициозни и себични ‚владетелите на народите‘. Исус покажал дека неговите следбеници мора да се разликуваат од таквите тирани жедни за власт. Тие требало да бидат понизни. Дали апостолите сфатиле што сакал да им каже?

17-19. а) Каква незаборавна поука за понизност им дал Исус на своите апостоли кратко пред својата смрт? б) Која била најважната поука за понизност што Исус ја дал како човек?

17 Не им било лесно да сфатат. Ова не било ни прв ни последен пат Исус да им одржи таква лекција. Кратко пред тоа, кога се расправале кој од нив е најголем, тој повикал кај себе едно дете, го ставил меѓу нив и им рекол дека треба да станат како деца. Децата не се ниту горди, ниту амбициозни, ниту, пак, се преокупирани со тоа што мислат другите за нив, како што обично е случај со возрасните (Матеј 18:1-4). И покрај тоа, ноќта пред да умре, Исус видел дека неговите апостоли сѐ уште имаат проблем со гордоста. Затоа им дал една незаборавна поука. Се опашал со крпа и ја извршил најниската задача која за гостите обично ја вршел еден од слугите во домаќинството. Им ги измил нозете на сите апостоли — дури и на Јуда, кој го предал истата вечер! (Јован 13:1-11).

18 Исус им помогнал јасно да сфатат што значи ова кога рекол: „Ви дадов пример“ (Јован 13:15). Дали оваа поука конечно допрела до нивните срца? Очигледно не, бидејќи, набрзо потоа, меѓу нив повторно настанала препирка околу тоа кој е најголем! (Лука 22:24-27). Но, Исус и понатаму бил стрплив со нив и понизно продолжил да ги поучува. На крајот, тој им ја дал најважната поука: „Се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:8). Исус спремно се подложил на срамна смрт, лажно обвинет дека е престапник и дека хули на Бог. Со ова, Божјиот Син навистина докажал дека е посебна личност бидејќи, од сите Јеховини суштества, тој покажал совршена и најголема можна понизност.

19 Можеби токму со таа последна поука за понизност што ја дал како човек, Исус засекогаш им врежал во срцето на апостолите колку е важна понизноста. Библијата ни кажува дека подоцна овие луѓе понизно служеле со години, а некои дури и со децении. Како е со нас?

Ќе го следиш ли примерот на Исус?

20. Како ќе откриеме дали сме понизни во срцето?

20 Павле нѐ советува сите нас: „Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус“ (Филипјаните 2:5). Исто како Исус, ние мора да бидеме понизни. Како ќе откриеме дали сме понизни во срцето? Павле нѐ потсетува ‚да не правиме ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност да ги сметаме другите за поголеми од себе‘ (Филипјаните 2:3). Значи, клучот е во тоа како гледаме на другите — треба да ги сметаме за подобри, за поважни од нас. Ќе го примениш ли овој совет?

21, 22. а) Зошто христијанските надгледници треба да бидат понизни? б) Како можеме да покажеме дека сме ‚опашани со понизност‘?

21 Многу години по смртта на Исус, апостол Петар сѐ уште размислувал за тоа колку е важна понизноста. Тој ги поучил христијанските надгледници понизно да ги извршуваат своите должности и никогаш да не господарат над Јеховините овци (1. Петрово 5:2, 3). Тоа што некој има поголеми одговорности, не му дава за право да биде горд. Напротив, како што растат одговорностите така расте и потребата од вистинска понизност (Лука 12:48). Се разбира, оваа особина не е важна само за надгледниците туку и за секој христијанин.

22 Петар сигурно никогаш не ја заборавил ноќта кога Исус му ги измил нозете, иако најпрвин воопшто не сакал да му го дозволи тоа! (Јован 13:6-10). Тој им напишал на сохристијаните: „Сите вие, во меѓусебното однесување, опашајте се со понизност“ (1. Петрово 5:5). Изразот „опашајте се“ се однесува на постапката на еден слуга кој обично се опашува со престилка за да заврши некоја физичка работа. Овој израз сигурно нѐ потсетува на ноќта кога Исус се опашал со крпа пред да клекне и да им ги измие нозете на своите апостоли. Ако го следиме Исус, дали ќе биде под нашето достоинство да ја извршиме која и да било задача што ќе ја добиеме од Бог? Понизноста во нашето срце треба да ја видат сите, исто како да сме опашани со неа.

23, 24. а) Зошто треба да ѝ се спротивставиме на вообразеноста? б) Кое погрешно гледиште за понизноста ќе биде исправено во следното поглавје?

23 Вообразеноста е како отров. Последиците од неа можат да бидат разорни. Колку и да е човек надарен, ако е вообразен, за Бог ќе биде бескорисен. Но, ако некој е понизен, макар да е и најбезначаен, Јехова може да го користи во голема мера. Ако секојдневно работиме на оваа скапоцена особина понизно одејќи по стапките на Христос, ќе добиеме прекрасна награда. Петар напишал: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши кога ќе дојде време“ (1. Петрово 5:6). Јехова навистина го возвишил Исус затоа што тој потполно се понизил. На нашиот Бог ќе му биде многу мило да те награди и тебе за твојата понизност.

24 За жал, некои мислат дека понизноста е знак на слабост. Примерот на Исус ни помага да сфатиме колку е погрешно таквото гледиште, бидејќи најпонизниот човек воедно бил и најхрабриот. Ова е темата на следното поглавје.

^ пас. 3 Осврнувајќи се на овој настан, една книга вели дека овие животни „не се многу ценети“, а потоа додава: „Тие се бавни, тврдоглави и сиромасите ги користат за секојдневна работа. Освен тоа, не се баш ни убави“.

^ пас. 7 Повеќе докази за тоа дека Михаел е Исус можеш да најдеш на страници 218, 219 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.