Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ

„Еве... лавот од Јудиното племе“

„Еве... лавот од Јудиното племе“

„Јас сум тој“

1-3. Во каква опасност се нашол Исус, и како постапил?

ТОЛПА луѓе сакаат да го фатат Исус. Тие се вооружени со мечеви и стапови, а меѓу нив има и војници. Се движат низ мрачните улици на Ерусалим како слепо да се водени од една иста зла намера. Ја преминуваат долината на потокот Кедрон и се искачуваат на Маслинската Гора. На небото сјае полна месечина, но тие сепак носат факли и светилки. Дали си го осветлуваат патот бидејќи некој облак ја покрива месечината? Или, пак, мислат дека оној што го бараат се крие во сенките? Едно е сигурно: ако некој мисли дека Исус се плаши и се крие, тој воопшто не го познава!

2 Исус е свесен за опасноста што му претстои. И покрај тоа, стои и чека. Толпата се приближува. Ја предводи Јуда, кој до вчера му бил близок пријател на Исус. Сега Јуда го предава својот поранешен господар со лицемерен поздрав и бакнеж. Со ова им покажува на луѓето што ги води дека тоа е човекот што треба да го фатат. Исус останува смирен. Потоа истапува пред толпата и прашува: „Кого барате?“ „Исус Назареќанецот“ — одговараат тие.

3 Многу луѓе би се здрвиле од страв пред една ваква вооружена толпа. Веројатно ова мноштво мисли дека и Исус ќе се стресе од страв. Но, тој не се плаши, не бега и не кажува никакви лаги за да се спаси. Напротив, едноставно вели: „Јас сум тој“. Ова го прави толку смирено и храбро што луѓето се запрепастени. Несигурно зачекоруваат наназад и паѓаат наземи! (Јован 18:1-6; Матеј 26:45-50; Марко 14:41-46).

4-6. а) Со што е спореден Божјиот Син, и зошто? б) На кои три начини Исус покажал храброст?

4 Што му помогнало на Исус да се соочи толку смирено и прибрано со оваа смртна опасност? Одговорот, со еден збор, е — храброста. Храброста е една од особините што се најпотребни и најценети кај еден водач. Слободно може да се каже дека Исус бил најхрабриот човек што некогаш живеел. Во претходното поглавје видовме колку понизен и кроток бил тој. Со право бил наречен „Јагне“ (Јован 1:29). Но, поради својата храброст, тој е опишан и на еден сосем поинаков начин. За Божјиот Син, Библијата вели: „Еве... лавот од Јудиното племе“ (Откровение 5:5).

5 Лавот обично се поврзува со храброст. Дали некогаш си се нашол очи в очи со лав? Ако да, тогаш најверојатно меѓу вас стоеле решетките на неговиот кафез во зоолошката градина — значи, си бил на сигурно место. Како и да е, една таква средба може да ти ја смрзне крвта во жилите. Додека стоиш пред ова огромно и силно животно, а тоа те гледа право в очи без да трепне, тешко е да замислиш дека би побегнало од страв пред кого и да било. Библијата зборува за „лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој не се трга пред никого“ (Изреки 30:30). Таква храброст има Христос.

6 Да видиме како Исус покажал лавовска храброст на три начини: со тоа што ја бранел вистината, со тоа што се залагал за правдата и со тоа што не попуштил кога се соочил со противење. Исто така, ќе видиме дека сите ние можеме да покажуваме храброст како што покажал Исус, сеедно дали по природа сме смели или не.

Храбро ја бранел вистината

7-9. а) Што се случило кога Исус имал 12 години, и од што би се уплашил ти во таа ситуација? б) Како Исус покажал храброст кога разговарал со учителите во храмот?

7 Во овој свет со кој владее Сатана, ‚таткото на лагата‘, честопати е потребна храброст за да се брани вистината (Јован 8:44; 14:30). Исус не чекал да стане полнолетен за да ја брани вистината. Кога имал 12 години, неговите родители го изгубиле во Ерусалим откако поминал празникот Пасха. Цели три дена, Марија и Јосиф избезумено го барале. Конечно го нашле во храмот. Што правел таму? „[Седел] меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања“ (Лука 2:41-50). Да видиме што значело тоа.

8 Историчарите велат дека некои од најпознатите верски поглавари имале обичај да остануваат во храмот откако ќе завршеле празниците и да поучуваат во широките тремови. Луѓето седеле крај нивните нозе за да ги слушаат и да им поставуваат прашања. Овие поглавари биле многу учени. Добро го познавале Мојсеевиот закон, како и бескрајно сложените човечки закони и преданија кои, од година во година, станувале сѐ побројни. Како ќе си се чувствувал ти да си седел меѓу нив? Уплашено? Тоа би било најнормално. А како би се чувствувал да си имал само 12 години? Многу деца на таа возраст се срамежливи (Еремија 1:6). Некои дури очајнички се трудат да не им го привлечат вниманието на наставниците — се плашат да не бидат кренати да одговараат и страв им е да не бидат на некој начин издвоени или, пак, засрамени и исмевани.

9 Меѓутоа, Исус седел меѓу тие учени луѓе и бестрашно им поставувал длабоки прашања. Но, тоа не е сѐ! Извештајот вели: „Сите што го слушаа, се восхитуваа на неговата остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:47). Во Библијата не пишува што кажал во таа прилика, но може да бидеме сигурни дека не ги повторувал лагите што сакале да ги слушаат тие верски учители (1. Петрово 2:22). Напротив, тој ја бранел вистината запишана во Божјата реч. Неговите слушатели сигурно не можеле да се изначудат како едно 12-годишно дете може да зборува со толкаво разбирање и храброст.

Голем број млади христијани храбро зборуваат за својата вера со другите

10. Како младите христијани денес покажуваат храброст како Исус?

10 Денес, безброј млади христијани одат по стапките на Исус. Се разбира, тие не се совршени како што бил младиот Исус. Но, исто како него, не чекаат да станат полнолетни за да ја бранат вистината. На училиште или таму каде што живеат, тактично им поставуваат прашања на луѓето, слушаат и со почит им зборуваат за вистината (1. Петрово 3:15). Општо гледано, овие млади им помогнале на многу свои соученици, учители и соседи да станат следбеници на Христос. Нивната храброст сигурно многу го радува Јехова! Во неговата Реч, ваквите млади се споредени со капки роса — освежуваат, пријатни се и многубројни (Псалм 110:3).

11, 12. На кој начин Исус храбро ја бранел вистината кога станал возрасен човек?

11 Како возрасен човек, Исус секогаш одново храбро ја бранел вистината. Всушност, во самиот почеток на својата служба тој имал една средба која на мнозина би им влеала страв во коски. Исус — кој тогаш не бил силен архангел, туку само човек од крв и месо — морал да се соочи со Сатана, најсилниот и најопасниот од сите Јеховини непријатели. Кога Ѓаволот го извртел значењето на зборовите од вдахновеното Писмо, Исус му се спротивставил и го побил. На крајот од разговорот, Исус храбро му заповедал: „Бегај, Сатано!“ (Матеј 4:2-11).

12 Од тој момент натаму, Исус секогаш ја бранел Речта на својот Татко од оние што се обидувале да ја извртат и погрешно да ја толкуваат, и тоа било едно од главните обележја на неговата служба. И тогаш, исто како денес, насекаде цветала нечесност во религијата. На верските водачи кои живееле во тоа време Исус им го рекол следново: „Со своето предание што сте го пренеле на другите, ја обезвреднувате Божјата реч“ (Марко 7:13). Иако народот многу ги ценел тие верски поглавари, Исус бестрашно ги осудил нарекувајќи ги слепи водачи и лицемери * (Матеј 23:13, 16). Како можеме и ние да бидеме храбри како Исус во овој поглед?

13. Што треба да имаме на ум кога го следиме примерот на Исус, но сепак, каква чест имаме?

13 Се разбира, ние не можеме да ги читаме срцата на луѓето како што ги читал Исус, а немаме ни право да им судиме како што имал тој. Сепак, исто како него, можеме храбро да ја браниме вистината. На пример, кога ги разоткриваме верските лаги, односно лажните учења за Бог, за неговите намери и за неговата Реч, ние пуштаме да свети духовна светлина во овој свет што е замрачен од пропагандата на Сатана (Матеј 5:14; Откровение 12:9, 10). Им помагаме на луѓето да се ослободат од ропството на тие лажни учења што им ги полнат срцата со болен страв и им го уништуваат односот со Бог. Навистина имаме голема чест што гледаме како се исполнува Исусовото ветување: „Вистината ќе ве ослободи“! (Јован 8:32).

Храбро се залагал за правдата

14, 15. а) На кој начин Исус разјаснил „што е тоа правда“? б) Кои предрасуди ги скршил Исус кога разговарал со Самарјанката?

14 Во едно библиско пророштво било претскажано дека Месијата ќе им разјасни на народите „што е тоа правда“ (Матеј 12:18; Исаија 42:1). Исус навистина го правел ова додека бил на Земјата. Покажувајќи огромна храброст, тој секогаш постапувал праведно и непристрасно со луѓето. На пример, не сакал да ги прифати небиблиските предрасуди и нетрпеливост, кои биле раширени во тогашниот свет.

15 Неговите ученици биле изненадени кога виделе како Исус зборува со една Самарјанка на бунарот во Сихар. Зошто? Во тоа време, Евреите како народ не ги сакале Самарјаните. Оваа нетрпеливост помеѓу нив постоела со години наназад, долго пред Исус да живее на Земјата (Езра 4:4). Освен тоа, некои рабини ги омаловажувале жените. Според рабинските правила, кои подоцна биле запишани, не било во ред еден маж да разговара со жена на јавно место. Рабините дури и укажувале дека жените не се достојни да бидат поучувани за Божјиот закон. Особено Самарјанките биле сметани за нечисти. Но, Исус не дозволил таквите предрасуди да влијаат врз него. Тој на јавно место ја поучил Самарјанката (која живеела неморално), па дури ѝ открил дека е Месијата (Јован 4:5-27).

16. Зошто на христијаните им треба храброст за да немаат предрасуди?

16 Дали некогаш си се нашол во друштво на луѓе кои имаат страшни предрасуди? Можеби тие со презир се шегуваат на сметка на лица од друга раса или народ, ги омаловажуваат припадниците на спротивниот пол или ги потценуваат оние што имаат поинаква економска или општествена положба од нив. Следбениците на Христос не дозволуваат таквите негативни ставови да влијаат врз нив и многу се трудат да ги искоренат сите предрасуди од своето срце (Дела 10:34). На секого од нас му треба храброст за да биде праведен во овој поглед.

17. Што направил Исус во храмот, и зошто?

17 Храброста исто така го навела Исус да дава сѐ од себе за да биде зачувана духовната чистота на Божјиот народ и за да се обожава Бог на исправен начин. Уште во почетокот на својата служба, кога влегол во храмот во Ерусалим, тој се згрозил кога видел дека трговците и менувачите на пари тргуваат на тоа место. Исполнет со праведен гнев, ги истерал од храмот тие алчни луѓе и стоката со која тргувале (Јован 2:13-17). Слично нешто направил и подоцна, при крајот на својата служба (Марко 11:15-18). Иако со овие постапки си стекнал големи непријатели, Исус не се двоумел ни за миг. Зошто? Уште како дете, тој го сметал храмот за дом на својот Татко — така го нарекувал, и тоа навистина го мислел (Лука 2:49). Затоа, за него било голема неправда кога видел дека некои го загадуваат чистото обожавање што требало да се врши таму, и никако не можел да премине преку тоа. Ревноста му дала храброст да го направи она што било потребно.

18. Како можат христијаните денес да покажат храброст кога се работи за духовната чистота на собранието?

18 И денес Христовите следбеници се многу заинтересирани да се зачува духовната чистота на Божјиот народ и да се обожава Бог на исправен начин. Ако гледаат дека некој сохристијанин прави тежок грев, тие не се прават како ништо да не виделе. Ќе разговараат со него храбро и отворено (1. Коринќаните 1:11). А ќе се потрудат и собраниските старешини да дознаат за тоа. Старешините можат да им помогнат на оние што се духовно болни, а можат и да ги преземат потребните чекори за Јеховиното стадо да остане чисто (Јаков 5:14, 15).

19, 20. а) Какви неправди цветале во времето на Исус, и под каков притисок се нашол тој? б) Зошто Христовите следбеници не се мешаат во политика и не учествуваат во насилство, и која е наградата за таквиот став?

19 Но, дали од сето ова треба да заклучиме дека Исус се борел против неправдите во светот? Нема сомнение дека неправди имало насекаде околу него. Неговата земја била окупирана од туѓинци. Силната римска војска ги угнетувала Евреите, и тие морале да им плаќаат големи даноци на Римјаните, кои си зеле право да се мешаат дури и во нивните верски обичаи. Затоа, не е чудно што многу луѓе сакале Исус да се вклучи во политичкиот живот од тоа време (Јован 6:14, 15). Тој повторно морал да покаже храброст.

20 Исус објаснил дека неговото Царство не е дел од светот. Со пример ги поучил своите следбеници да не се мешаат во тогашните политички судири, туку целосно да се посветат на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство (Јован 17:16; 18:36). Тој им дал незаборавна поука за неутралноста кога толпата дошла да го уапси. Петар веднаш скокнал, брзоплето замавнал со мечот и ранил еден човек. Не ни е тешко да го разбереме Петар. Ако воопшто некогаш имало оправдана причина да се примени сила, тогаш тоа било токму таа ноќ, кога Божјиот невин Син бил нападнат. Сепак, во тој момент Исус го дал мерилото што до ден-денес важи за неговите следбеници на Земјата: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:51-54). На Христовите следбеници навистина им била потребна храброст за да останат мирољубиви — како тогаш, така и денес. Бидејќи остануваат неутрални како христијани, Божјите слуги во нашево време не сносат никаква вина за безбројните денешни војни, за масовните колежи, за побуните и за други видови насилство. Ова беспрекорно чисто досие е награда за нивната храброст.

Храбро се соочил со противење

21, 22. а) Каква помош добил Исус пред да се соочи со најтешкото искушение? б) Како Исус останал храбар до крај?

21 Јеховиниот Син знаел доста однапред дека ќе се соочи со сурово противење кога ќе дојде на Земјата (Исаија 50:4-7). Животот му бил во опасност во повеќе ситуации, а најстрашната од нив беше опишана во почетокот на ова поглавје. Како Исус останал храбар во тие моменти? Па, што правел тој пред да дојде толпата да го уапси? Горливо му се молел на Јехова. И што направил Јехова? Библијата ни кажува дека Исус ‚бил услишен‘ (Евреите 5:7). Јехова испратил ангел од небото за да го зајакне неговиот храбар Син (Лука 22:42, 43).

22 Кратко потоа, Исус им рекол на своите апостоли: „Станете, да одиме!“ (Матеј 26:46). Колкава храброст зрачи од овие зборови! Тој рекол „Да одиме!“, иако многу добро знаел што сѐ го чека — знаел дека ќе бара од толпата да ги пушти неговите пријатели, знаел дека тие ќе го напуштат и ќе побегнат, и знаел дека ќе мора сам да помине низ најтешките мигови од својот живот. Сам се соочил со незаконско и неправедно судење, и сам претрпел потсмевање, мачење и страшна смрт. Низ сето ова страдање, тој не ја изгубил храброста.

23. Објасни зошто Исус не бил невнимателен кога животот му бил доведен во опасност.

23 Дали Исус бил невнимателен? Не, невнимателноста нема никаква врска со вистинската храброст. Всушност, Исус ги поучил своите следбеници да бидат внимателни, односно претпазливи, и мудро да се повлечат од опасни ситуации за да можат и понатаму да ја вршат Божјата волја (Матеј 4:12; 10:16). Но, во овој случај, Исус бил свесен дека нема место за повлекување. Тој знаел што очекува Бог од него и бил решен да остане беспрекорен. Во оваа ситуација не му преостанувало ништо друго освен директно да се соочи со испитот на својата вера.

Јеховините сведоци храбро се соочија со прогонство

24. Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе имаме храброст сеедно со какви искушенија ќе се соочиме?

24 Колку често следбениците на Исус храбро оделе по стапките на својот Господар! Навистина е голем бројот на оние што не попуштиле кога биле исмевани, прогонувани, апсени, затворани, мачени, па дури и убивани. Од каде таква храброст кај несовршени луѓе? Таа во никој случај не извира од нив. Следбениците на Исус добиваат помош одозгора, исто како што добил и тој (Филипјаните 4:13). Затоа, никогаш не плаши се од она што може да го донесе иднината. Биди решен да останеш беспрекорен, а Јехова ќе ти ја даде потребната храброст. И понатаму црпи сила од примерот на нашиот Водач, Исус, кој рекол: „Бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33).

^ пас. 12 Историчарите потврдуваат дека гробниците на рабините биле сметани за свети исто како гробовите на пророците и патријарсите.