Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОСМО ПОГЛАВЈЕ

„За тоа сум испратен“

„За тоа сум испратен“

1-4. а) На кој начин Исус вешто ја поучил Самарјанката, и со каков резултат? б) Како реагирале неговите апостоли?

ИСУС и неговите апостоли веќе со часови пешачат на север, од Јудеја кон Галилеја. Најкраткиот пат, кој обично се поминува за околу три дена, ги води низ Самарија. Скоро е пладне кога пристигнуваат во близината на еден мал град наречен Сихар, и таму застануваат да се одморат.

2 Апостолите заминуваат да купат храна, а Исус останува да се одмори крај бунарот надвор од градот. Тогаш доаѓа една жена да нацрпи вода. Исус би можел да не ѝ обрнува внимание, бидејќи е „изморен од патот“ (Јован 4:6). Би било сосема нормално да ги затвори очите и да ја пушти оваа Самарјанка да дојде и да си замине незабележано. Како што видовме во четвртото поглавје од оваа книга, веројатно таа очекува и овој Евреин да ја гледа со презир, како и сите други. Меѓутоа, Исус ѝ се обраќа.

3 Тој го почнува разговорот со една споредба за нешто што ѝ е многу познато — нешто што го прави токму во тој момент. Таа е дојдена да нацрпи вода, а Исус ѝ вели дека тој може да ѝ даде вода која ќе ја згасне нејзината духовна жед. Тогаш Самарјанката му поставува неколку прашања што лесно би можеле да водат до расправија. * Меѓутоа, Исус тактично ги избегнува и продолжува со темата што ја почнал. Тој ѝ го свртува вниманието на духовни работи — на Јехова Бог и на исправниот начин на кој треба да му се служи. Неговите зборови не влијаат само врз неа туку и врз многу други бидејќи, откако таа им кажува на жителите на Сихар што ѝ рекол овој човек, и тие доаѓаат да го слушнат (Јован 4:3-42).

4 Во меѓувреме, апостолите се враќаат. Како реагираат кога гледаат дека Исус ѝ сведочи на оваа жена? Не само што не се воодушевени, туку не можат да се изначудат што Исус воопшто разговара со неа. Што се однесува до нив, тие очигледно не чувствуваат никаква потреба да ѝ прозборат. Откако таа заминува, апостолите го молат Исус да јаде од она што го донеле. Но, тој им вели: „Јас имам за јадење храна за која вие не знаете“. Зачудени, тие прво мислат дека веќе јадел нешто. Тогаш тој објаснува: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:32, 34). Со ова Исус им става до знаење дека делото кое дошол да го изврши му е поважно и од јадењето. Тој сака и тие да гледаат така на ова дело. За што станува збор?

5. Која била најважната задача во животот на Исус, и што ќе видиме во ова поглавје?

5 Во една прилика, Исус рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Значи, Исус бил испратен да проповеда и да поучува за добрата вест за Божјето Царство. * Денешните следбеници на Исус го вршат истото дело. Затоа е многу важно да видиме зошто Исус проповедал, што проповедал и каков став имал кон службата.

Зошто Исус проповедал

6, 7. Според зборовите на Исус, како треба „секој учител“ да гледа на можноста да им ја пренесува добрата вест на другите? Наведи пример.

6 Најпрво да видиме како гледал Исус на вистините за кои поучувал, а потоа ќе разгледаме што чувствувал кон луѓето што ги учел. Исус кажал една живописна споредба за да објасни како гледа на можноста да им ги кажува на другите вистините кои ги научил од Јехова. Тој рекол: „Секој учител, кога е поучен за царството небесно, е како човек, домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо“ (Матеј 13:52). Зошто домаќинот од оваа споредба ги изнесува работите од својата ризница?

7 Тој не ги изнесува само за да се пофали, како што еднаш во минатото направил цар Езекија, па сносел тешки последици (2. Царевите 20:13-20). Тогаш, зошто домаќинот го прави ова? Замисли си ја следнава ситуација: Одиш на гости кај твојот омилен учител. Тој отвора една фиока во бирото и вади две писма — едното е пожолтено од старост, а другото е поново. Овие писма ги добил од својот татко — едното пред многу години, кога бил уште дете, а другото неодамна. Очите му светат од радост додека ти кажува колку многу му значат тие писма, бидејќи советите од нив му го промениле животот, а знае дека можат да ти помогнат и тебе. Очигледно, овие писма му се многу драги на учителот и заземаат посебно место во неговото срце (Лука 6:45). Тој не ги вади од фиоката за да се фали со нив или, пак, од некаква лична корист, туку ти ги покажува затоа што сака да ти помогне и сака да сфатиш колку се вредни.

8. Зошто имаме добра причина да ги сметаме за богатство вистините што ги учиме од Божјата реч?

8 Од слични причини, Големиот Учител, Исус, им го кажувал на другите она што го научил од Бог. Знаел дека тоа е вистина, и го сметал за бесценето богатство. Тој ги сакал поуките што ги добил од Бог и имал голема желба да им ги кажува на другите. Сакал секој негов следбеник, односно „секој учител“, да го чувствува истото. Дали е така и со нас? Имаме многу причини да го сакаме сето она што го учиме од Божјата реч. Тие скапоцени поуки ни се многу драги, сеедно дали станува збор за основните библиски учења што ги знаеме веќе долго време или, пак, за појаснувања во врска со некои работи што сме ги дознале неодамна. Кога со сета душа ги сакаме поуките што ги добиваме од Јехова и им ги пренесуваме на другите со жар, тие ќе ја видат таа љубов кај нас како што луѓето можеле да ја видат и кај Исус.

9. а) Што чувствувал Исус кон луѓето што ги поучувал? б) На кој начин можеме и ние да покажеме таков став кон луѓето?

9 Исус ги сакал и луѓето што ги поучувал, а нешто повеќе за ова ќе видиме во 3. дел. Било проречено дека Месијата „ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот“ (Псалм 72:13). И навистина, Исус бил заинтересиран за луѓето. Му било важно што размислуваат и какви ставови имаат, се грижел за проблемите што ги притискале и сакал да знае што ги спречува да ја прифатат вистината (Матеј 11:28; 16:13; 23:13, 15). На пример, сети се на Самарјанката. Нема сомнение дека таа била восхитена затоа што Исус ѝ обрнал внимание. Тоа што покажал разбирање за нејзината лична ситуација ја навело да поверува дека е пророк и да им каже и на другите за него (Јован 4:16-19, 39). Се разбира, како следбеници на Исус, ние не можеме да им ги читаме срцата на луѓето на кои им проповедаме. Сепак, можеме да им ставиме до знаење дека, исто како Исус, и ние сме заинтересирани за нив. Ова ќе го покажеме со тоа што ќе разговараме со нив за работи што ним им се важни, за нивните проблеми и за нивните потреби.

Што проповедал Исус

10, 11. а) Што проповедал Исус? б) Како се појавила потребата од Божјето Царство?

10 Што проповедал Исус? Ако го побараш одговорот на ова прашање во учењата на многу цркви што тврдат дека се христијански, можеби ќе заклучиш дека тој поучувал како да се решат проблемите во општеството. Може да добиеш впечаток дека се залагал за политички реформи или дека го нагласувал спасението на поединецот како нешто најважно. Но, како што веќе беше наведено, Исус едноставно рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство“. Што точно значело тоа?

11 Сети се, Исус бил на небото кога Сатана првпат го изнел тврдењето дека Јехова не владее на добар начин. Колку болно мора да било за Исус да гледа како неговиот праведен Татко е наклеветен и обвинет дека е неправеден Владетел кој им скратува нешто добро на своите созданија! Колку мора да му било тешко на Божјиот Син кога Адам и Ева, идните родители на човечкиот род, поверувале во клеветата на Сатана! Синот видел дека, како последица од таа побуна, човечкото семејство се заразило со грев и смрт (Римјаните 5:12). Но, колку мора да се израдувал кога дознал дека неговиот Татко еден ден ќе ги исправи работите!

12, 13. Кои неправди ќе ги исправи Божјето Царство, и како Исус го ставил Царството на прво место во својата служба?

12 Што било најважно да се исправи? Јеховиното свето име требало да се посвети, односно да се исчисти од сиот срам што му го нанеле Сатана и сите оние што застанале на негова страна. Требало да се докаже дека Јехова има право да владее со сето свое творештво и дека неговиот начин на владеење е најдобар. Исус ги разбирал овие клучни спорни прашања подобро од кој и да е човек. Во молитвата Оченаш, тој ги поучил своите следбеници најпрво да се молат да биде посветено името на неговиот Татко, потоа да дојде Неговото Царство и, на крај, да се врши Божјата волја на Земјата (Матеј 6:9, 10). Божјето Царство, на чело со Исус Христос како Владетел, наскоро ќе го отстрани Сатановиот расипан свет од Земјата и оттогаш натаму Јехова праведно ќе владее во сета вечност (Даниел 2:44).

13 Тоа Царство било тема на Исусовата служба. Целта на сѐ што кажал и сѐ што направил Исус, била да разјасни што е тоа Царство и која е неговата улога во Јеховината намера. Тој не дозволил ништо да му го одвлече вниманието од неговата задача да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Во негово време имало проблеми во општеството на кои требало итно да им се обрне внимание, а имало и безброј неправди. Сепак, тој се концентрирал на својата порака и на својата задача. Дали ова значело дека Исус бил ограничен и здодевен, и не знаел да зборува за ништо друго? Далеку од тоа!

14, 15. а) Како Исус покажал дека е „поголем од Соломон“? б) На кој начин можеме да бидеме како Исус кога проповедаме?

14 Како што ќе видиме низ целиот овој дел, Исус поучувал на многу жив и интересен начин. Тој се трудел да ги допре срцата на луѓето. Можеби нѐ потсетува на мудриот цар Соломон, кој се трудел да пронајде пријатни зборови — точните зборови на вистината — за да ги пренесе мислите што преку вдахновение ги добил од Јехова (Проповедник 12:10). Јехова му дал на тој несовршен човек „многу разум во срцето“ и го оспособил да зборува за најразлични работи — од птици и риби до дрвја и ѕверови. Луѓето доаѓале од далеку за да ги слушаат зборовите на Соломон (1. Царевите 4:29-34). Но, Исус бил „поголем од Соломон“ (Матеј 12:42). Тој бил многу помудар и имал многу повеќе „разум во срцето“. Кога ги поучувал луѓето, Исус го користел своето извонредно познавање на Божјата реч, како и своето познавање на птиците, животните, рибите, земјоделството, климата, тековните настани, историјата и општествените услови. Сепак, Исус никогаш не се расфрлал со знаење со цел да ги восхити другите. Ја пренесувал пораката на јасен и едноставен начин. Не е ни чудо што луѓето го слушале со задоволство! (Марко 12:37; Лука 19:48).

15 Денес христијаните се трудат да го следат Исус и во овој поглед. Иако никој не поседува таква речиси неограничена мудрост и знаење, сите ние имаме доволно спознание и искуство од кое може да црпиме кога зборуваме со другите за вистината од Божјата реч. На пример, врз основа на своето искуство со децата, родителите можат да објаснат каква љубов чувствува Јехова кон своите деца. Други можат да користат примери и споредби од световната работа, од училиште или од своето познавање на луѓето и на тековните настани. Притоа внимаваме со ништо да не го одвлечеме вниманието од нашата порака, односно од добрата вест за Божјето Царство (1. Тимотеј 4:16).

Каков став имал Исус кон службата

16, 17. а) Каков став имал Исус кон својата служба? б) Како покажал Исус дека службата му е најважното нешто во животот?

16 За Исус, службата била бесценето богатство. Тој со задоволство им помагал на луѓето да го видат неговиот небесен Татко таков каков што навистина е, а не како што го прикажуваат збунувачките човечки учења и традиции. Исус многу сакал да им помогне на луѓето да се зближат со Јехова и да им влее надеж дека ќе можат да живеат вечно. Му било мило што можел да ги утеши и да ги израдува со добрата вест. Како покажал дека имал такви чувства? Да разгледаме три начини.

17 Прво, службата заземала најважно место во неговиот живот. Проповедањето и поучувањето за Царството биле негова кариера, негов животен позив, најважното нешто во неговиот живот. Од таа причина, како што беше спомнато во 5. поглавје, Исус мудро избрал да живее едноставно. Неговото око останало фокусирано на најважната работа, во склад со советот што им го дал на другите. Не дозволил вниманието да му биде одвлечено од куп работи на кои би требало да троши пари и кои со текот на времето би требало да ги одржува, да ги поправа и да ги заменува. Живеел едноставен живот и не дозволувал нешто непотребно да го одвлече од неговата служба (Матеј 6:22; 8:20).

18. Како Исус се трошел во службата?

18 Второ, Исус се трошел во службата. На неа трошел огромна сила — пропешачил дословно стотици километри низ Палестина и ги барал луѓето на кои можел да им ја пренесе добрата вест. Зборувал со нив во нивните куќи, на плоштадите, на пазарите и на секое јавно место. Зборувал дури и кога самиот имал потреба да се одмори, да јаде, да пие или да биде насамо со најблиските пријатели. Дури и кога умирал, продолжил да зборува со другите за добрата вест за Божјето Царство (Лука 23:39-43).

19, 20. Како Исус покажал дека проповедничкото дело е неодложно?

19 Трето, Исус сметал дека службата е неодложна. Сети се на разговорот што го водел со Самарјанката на бунарот во близина на Сихар. Очигледно, апостолите на Исус тогаш не сфатиле дека добрата вест треба неодложно да им се пренесува на другите. Исус им рекол: „Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе дојде жетвата? Еве, ви велам: подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ (Јован 4:35).

20 Исус ја поврзал таа споредба со годишното време во кое го воделе разговорот. Очигледно бил месец кислев (ноември/декември). Јачменот требало да се жнее дури по четири месеци, околу Пасхата, на 14 нисан. Затоа било рано земјоделците да мислат на жетвата. Сѐ уште имало доволно време. Но, дали истото важело и за духовната жетва, односно за собирањето на луѓе? Не. Мнозина биле спремни да слушаат, да учат, да станат ученици на Христос и да ја прифатат величествената надеж што Јехова им ја нудел. Исус просто како да ги гледал тие симболични полиња со зрело жито, кое ги чекало своите жетвари. Сега било време да се собираат луѓето, и на ова дело требало неодложно да му се посвети внимание! Затоа, кога жителите на еден град се обиделе да го задржат Исус кај нив, тој им рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43).

21. На кој начин можеме да бидеме како Исус?

21 Во сите овие аспекти би можеле да бидеме како Исус. Можеме да ја ставиме христијанската служба на прво место во својот живот. Иако можеби имаме семејни и световни обврски, може да покажеме дека службата ни е најважна со тоа што ревносно и редовно ќе учествуваме во неа, исто како Исус (Матеј 6:33; 1. Тимотеј 5:8). Можеме да се трошиме во службата и да ѝ посветиме голем дел од нашето време, сила и средства (Лука 13:24). И, би било добро постојано да имаме на ум дека нашето дело е неодложно (2. Тимотеј 4:2). Мора да ја искористиме секоја прилика да проповедаме!

22. Што ќе разгледаме во следното поглавје?

22 Исус сфаќал колку е важно проповедањето и затоа се погрижил ова дело да се извршува и по неговата смрт. Тој им дал налог на своите следбеници да продолжат да проповедаат и да поучуваат. Во следното поглавје ќе го разгледаме овој налог.

^ пас. 3 На пример, кога прашува зошто еден Евреин ѝ се обраќа на Самарјанка, таа укажува на долговековното крвно непријателство помеѓу тие два народа (Јован 4:9). Исто така, вели дека нејзиниот народ потекнува од Јаков — тврдење кое Евреите во тоа време жестоко го негираат (Јован 4:12). Тие ги нарекуваат Самарјаните Хутејци за да нагласат дека потекнуваат од друг народ.

^ пас. 5 Да се проповеда значи да се објавува или да се разгласува некоја порака. И да се поучува значи да се пренесува порака, но поопширно и со повеќе детали. Доброто поучување, пак, значи да се изнајдат начини да се допре срцето на учениците за тие да бидат мотивирани да постапуваат според она што го слушаат.