Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Никој никогаш не зборувал така“

„Никој никогаш не зборувал така“

1, 2. а) Зошто стражарите кои биле пратени да го фатат Исус се вратиле со празни раце? б) Зошто Исус бил извонреден учител?

ФАРИСЕИТЕ вријат од гнев. Исус е во храмот и поучува за својот Татко. Оние што го слушаат имаат поделени мислења — едните веруваат во Исус, а другите сакаат да биде уапсен. Бидејќи повеќе не можат да издржат, верските поглавари испраќаат стражари за да го фатат. Но, стражарите се враќаат со празни раце. Главните свештеници и фарисеите бараат објаснување: „Зошто не го доведовте?“ На тоа, стражарите одговараат: „Никој никогаш не зборувал така“. Восхитени од начинот на кој поучувал Исус, тие едноставно не можеле да го уапсат * (Јован 7:45, 46).

2 Тие стражари не се единствените што биле воодушевени од поучувањето на Исус. Луѓето се собирале во голем број само да го слушаат (Марко 3:7, 9; 4:1; Лука 5:1-3). Зошто Исус бил таков извонреден учител? Како што видовме во 8. поглавје, тој ги сакал вистините за кои зборувал и ги сакал луѓето што ги поучувал. Освен тоа, многу вешто користел различни методи на поучување. Да разгледаме три делотворни методи што ги користел, и да видиме како можеме и ние да поучуваме како него.

Едноставни зборови

3, 4. а) Зошто Исус поучувал со едноставни зборови? б) Како Проповедта на гората е пример за едноставноста со која поучувал Исус?

3 Можеш ли да си замислиш какви сѐ зборови можел да користи Исус? Сепак, тој никогаш не користел високопарни и неразбирливи изрази кога ги поучувал луѓето, бидејќи мнозина од нив биле „неуки и обични“ (Дела 4:13). Исус бил свесен за нивните ограничувања, и никогаш не ги преоптоварувал со информации (Јован 16:12). Но, иако неговите зборови биле едноставни, вистините кои им ги кажувал биле многу длабоки.

4 Да ја земеме, на пример, Проповедта на гората, запишана во Матеј 5:3 — 7:27. Во оваа проповед Исус дал многу длабоки совети со кои навлегол во суштината на работите. Но, не изнесувал сложени идеи и не користел тешко разбирливи изрази. Всушност, нема речиси ниту еден збор што не може и мало дете веднаш да го разбере! Тогаш, не е ни чудо што, кога Исус престанал да зборува, мноштвата — во кои веројатно имало многу земјоделци, овчари и рибари — ‚биле восхитени од неговото поучување‘ (Матеј 7:28).

5. Наведи некои изреки што ги кажал Исус, кои се едноставни, но полни со значење.

5 Кога поучувал, Исус честопати користел кратки и едноставни изрази, како и изреки што биле полни со значење. На овој начин, долго пред да започне печатењето на книги, Исус неизбришливо ја врежал својата порака во умот и во срцето на своите слушатели. Еве неколку примери: „Не судете, за да не бидете судени“. „На здравите не им треба лекар, туку на болните.“ „Духот... е спремен, но телото е слабо.“ „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ * (Матеј 7:1; 9:12; 26:41; Марко 12:17; Дела 20:35). Овие изреки не се заборавени до ден-денес — речиси 2.000 години откако Исус ги кажал!

6, 7. а) Зошто е важно да користиме разбирливи зборови за да поучуваме на едноставен начин? б) Како ќе избегнеме да го затрупаме интересентот со информации?

6 Како може да поучуваме на едноставен начин? Една важна работа е да користиме секојдневни зборови што лесно можат да ги разберат повеќето луѓе. Основните вистини од Божјата реч не се тешки за разбирање. Јехова им ги открива своите намери на луѓето со искрено и понизно срце (1. Коринќаните 1:26-28). Вистините од Божјата реч можат делотворно да се објаснат со едноставни, внимателно избрани зборови.

Поучувај на едноставен начин

7 За да поучуваме едноставно, мора да внимаваме да не го затрупаме интересентот со информации. Затоа, кога ја проучуваме Библијата со некого, не мора да го објаснуваме секој детаљ. Сепак, не е потребно ни да брзаме со материјалот како да е најважно да поминеме одреден број страници. Наместо тоа, најдобро би било да дозволиме потребите и способностите на интересентот да одредат со кое темпо ќе проучуваме. Ние сакаме да му помогнеме да стане следбеник на Христос и слуга на Јехова. Затоа, треба да потрошиме онолку време колку што е потребно за тој да го разбере во разумна мера она што го учи. Само тогаш библиската вистина ќе му влезе во срцето и ќе го поттикне да го применува она што го научил (Римјаните 12:2).

Делотворни прашања

8, 9. а) Зошто Исус поставувал прашања? б) Како Исус употребил прашања за да му помогне на Петар да дојде до исправниот заклучок во врска со плаќањето на храмскиот данок?

8 Исус честопати користел прашања, дури и тогаш кога можел кратко и јасно да му ја каже поентата на својот слушател. Тогаш, зошто поставувал прашања? Понекогаш користел длабоки прашања за да ги разоткрие мотивите на своите противници, и на тој начин да ги замолкне (Матеј 21:23-27; 22:41-46). Но, во многу случаи поставувал прашања за да ги поттикне своите ученици да се изјаснат, а и да ги охрабри и да ги научи да размислуваат. Затоа поставувал прашања како, на пример: „Што мислите?“ или „Веруваш ли во тоа?“ (Матеј 18:12; Јован 11:26). Со ваквите прашања, Исус допирал до срцето на своите ученици. Да разгледаме еден пример.

9 Во една прилика, некои од оние што собирале даноци го прашале Петар дали Исус плаќа храмски данок. * Петар веднаш одговорил: „Плаќа“. Подоцна Исус разговарал со него и го прашал: „Што мислиш, Симоне? Од кого земаат давачки или данок земните цареви: од своите синови или од туѓите?“ А Петар одговорил: „Од туѓите“. Тогаш Исус рекол: „Значи, нивните синови се ослободени од данок“ (Матеј 17:24-27). Без сомнение, Петар сфатил зошто Исус му ги поставил овие прашања — секој знаел дека членовите на царското семејство се ослободени од данок. Според тоа, како единороден Син на небесниот Цар кој бил обожаван во храмот, Исус не бил должен да го плаќа овој данок. Забележи дека, наместо само да му го каже на Петар точниот одговор, Исус тактично употребил прашања за да му помогне самиот да дојде до исправниот заклучок и, можеби, да сфати дека другпат треба малку да размисли пред да одговори.

Поставувај прашања во врска со работи што ќе го интересираат станарот

10. Како можеме делотворно да користиме прашања кога проповедаме од куќа до куќа?

10 Како можеме и ние делотворно да користиме прашања во службата? Кога проповедаме од куќа до куќа, можеме да поставиме прашање за да го привлечеме интересот на луѓето, и така да си отвориме пат да им ја пренесеме добрата вест. На пример, ако на врата излезе постаро лице, можеме со почит да го прашаме: „Како се променил светот во текот на Вашиот живот?“ Откако ќе ни одговори, може да прашаме: „Според Вас, што е потребно за да се живее подобро во овој свет?“ (Матеј 6:9, 10). Доколку на вратата излезе мајка со мали дечиња, би можеле да прашаме: „Сте  размислувале ли каков ќе биде овој свет кога Вашите дечиња ќе пораснат?“ (Псалм 37:10, 11). Ако внимателно разгледуваме околу себе додека се приближуваме до куќата каде што ќе сведочиме, ќе може да избереме прашање во врска со нешто што ќе го интересира станарот.

11. Како можеме добро да користиме прашања кога поучуваме некого?

11 Како можеме добро да користиме прашања кога поучуваме некого? Ако внимателно ги избереме прашањата, би можеле да откриеме што чувствува интересентот во своето срце (Изреки 20:5). Да речеме дека го проучуваме поглавјето „Радувај го Бог со својот живот“, од книгата Што навистина учи Библијата? * Во ова поглавје се објаснува како гледа Бог на работи како што се неморалот, пијанството и лажењето. Можеби од одговорите на интересентот се гледа дека тој разбира што учи Библијата, но дали се согласува со она што го учи? Би можеле да го прашаме: „Што мислиш, дали Божјето гледиште за овие работи е разумно?“ Можеме да му го поставиме и следново прашање: „Како би го применил ти ова во твојот живот?“ Сепак, немој да заборавиш да бидеш тактичен и да разговараш со почит со интересентот. Не би сакале никогаш да поставиме прашања со кои непотребно би го засрамиле (Изреки 12:18).

Непобитна логика

12-14. а) Како ја користел Исус својата способност за логично расудување? б) Каква непобитна логика употребил Исус кога фарисеите рекле дека неговата сила потекнува од Сатана?

12 Бидејќи имал совршен ум, Исус расудувал со другите на неверојатно вешт начин. Понекогаш користел несоборлива логика за да ги побие лажните обвиненија на своите противници. Но, во многу случаи, уверливо расудувал и со своите следбеници за да им даде скапоцени поуки. Да разгледаме некои примери.

13 Откако Исус излекувал еден слеп и нем човек, кој бил опседнат од демон, фарисеите го обвиниле: „Овој не може да истерува демони, освен со помош на Велзевул, владетелот на демоните“. Тие нерадо признале дека е потребна натприродна сила за да се истеруваат демони. Сепак, тврделе дека Сатана е тој што му дава ваква сила на Исус. Освен што било лажно, ова обвинение било и нелогично. За да го разоткрие нивното погрешно размислување, Исус одговорил: „Секое царство кое во себе е разделено, пропаѓа. Ниту еден град или куќа кои во себе се разделени, нема да опстанат. Значи, ако Сатана го истерува Сатана, се разделил во себе. Тогаш како ќе опстане неговото царство?“ (Матеј 12:22-26). Со други зборови, Исус им рекол: „Ако јас сум слуга на Сатана, а го подривам она што го направил Сатана, тогаш Сатана работи против себеси и наскоро ќе пропадне“. Како можеле да побијат една ваква несоборлива логика?

14 Но, Исус имал да им каже уште нешто. Бидејќи знаел дека и некои од учениците на фарисеите истерувале демони, тој им поставил едно просто, но силно прашање: „Ако јас истерувам демони со помош на Велзевул, со чија помош ги истеруваат вашите синови [односно ученици]?“ (Матеј 12:27). Со други зборови, Исус сакал да каже: „Ако јас истерувам демони со сила што ми ја дава Сатана, тогаш и вашите сопствени ученици мора да ја користат истата таа сила“. Што можеле да кажат фарисеите на ова? Тие никогаш не би признале дека Сатана е тој што им дава сила на нивните ученици. На тој начин, Исус го искористил нивното погрешно размислување за да ги доведе до заклучок што ним воопшто не им одговарал. Зарем не сме восхитени кога денес читаме за начинот на кој Исус расудувал со нив? Замисли тогаш како мора да се чувствувале мноштвата што го слушале од прва рака! Без сомнение, самото негово присуство и тонот на гласот им додале уште поголема тежина на неговите зборови.

15-17. Наведи еден пример за тоа како Исус се служел со методата која се заснова на контраст за да пренесе охрабрувачки вистини за својот Татко.

15 Исто така, Исус користел логични, уверливи аргументи и за да им ги пренесе на луѓето охрабрувачките и утешни вистини за својот Татко. Честопати правел споредба помеѓу две спротивни работи и притоа го користел изразот „колку повеќе“. Со оваа метода им помагал на слушателите уште повеќе да се уверат во вистинитоста на она за кое ги поучувал, и тоа на темел на факти што веќе ги знаеле. Ваквиот начин на расудување, кој се заснова на контраст, може да остави длабок впечаток врз слушателите. Да разгледаме само два примера.

16 Кога учениците го замолиле Исус да ги научи како да се молат, тој укажал на спремноста на несовршените човечки родители ‚да им даваат добри дарови‘ на своите деца. Потоа заклучил: „Ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:1-13). Заклучокот што го истакнал Исус се заснова на контраст. Ако грешните човечки родители се грижат за потребите на своите деца, тогаш колку повеќе нашиот небесен Татко, кој е совршен и праведен во секој поглед, ќе им даде свет дух на своите верни слуги кои понизно го молат!

17 Исус користел слично расудување кога дал мудри совети за тоа како да излеземе на крај со грижите. Тој рекол: „Гавраните ниту сеат ниту жнеат, немаат складови ниту амбари, а сепак Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! Набљудувајте ги криновите како растат! Ниту се мачат ниту предат... Ако Бог така ги облекува полските растенија, кои денес ги има, а утре ги фрлаат во печка, колку повеќе ќе ве облече вас, маловерни!“ (Лука 12:24, 27, 28). Ако Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата, колку повеќе ќе се грижи за луѓето кои го сакаат и му служат! Без сомнение, со ваквото расудување, Исус допирал до срцето на своите слушатели.

18, 19. Како можеме да расудуваме со некого кој вели дека не верува во Бог затоа што не може да го види?

18 Добро е и ние да користиме здрава логика во службата за да ги побиеме лажните верувања. Но, сакаме уверливо да расудуваме со луѓето и за да им ги пренесеме охрабрувачките вистини за Јехова (Дела 19:8; 28:23, 24). Треба ли да научиме да користиме некоја тешка и сложена логика? Се разбира дека не! Од Исус учиме дека најделотворни се логичните докази кои се изнесени на едноставен начин.

19 На пример, како би можеле да одговориме ако некој рече дека не верува во Бог затоа што не може да го види? Можеме да се повикаме на природниот закон за причина и последица. Кога гледаме некоја последица, знаеме дека мора да постои и причина. Би можеле да речеме: „Ако се наоѓате на пусто место и наидете на убава куќа која е снабдена со храна (последица), зарем нема веднаш да заклучите дека некој (причина) ја изградил куќата и ја ставил храната во неа? На сличен начин, кога јасно гледаме дека сѐ во природата е направено според одреден план и има изобилство храна во ‚складиштата‘ на Земјата (последица), зарем не е разумно да заклучиме дека Некој (Причина) го создал сето тоа? Во врска со ова, самата Библија го вели следново: ‚Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ‘“ (Евреите 3:4). Се разбира, мора да бидеме свесни дека, колку и да се логични нашите зборови, секогаш ќе има луѓе што нема да го прифатат она што им го кажуваме (2. Солуњаните 3:2).

Расудувај со слушателот на начин што ќе му допре до срцето

20, 21. а) Како можеме да користиме споредби кои се засноваат на контраст за да ги истакнеме Јеховините особини и неговиот начин на постапување? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?

20 Споредбите што се засноваат на контраст можеме да ги користиме и кога поучуваме — сеедно дали во службата или во собранието — за да ги истакнеме Јеховините особини и неговиот начин на постапување. На пример, за да покажеме дека учењето за вечно мачење во пекол, всушност, го срами Јехова, би можеле да речеме: „Кој татко што си го сака детето би му ја држел раката во оган за да го казни? Колку повеќе мора да му е одвратна и самата помисла за пекол на нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака!“ (Еремија 7:31). А за да увериме некој потиштен соверник дека Јехова го сака, би можеле да кажеме: „Ако за Јехова е вредно едно мало врапче, тогаш колку повеќе тој мора да ги сака и да се грижи за своите слуги на Земјата, меѓу кои си и ти!“ (Матеј 10:29-31). Ваквото расудување може да ни помогне да допреме до срцето на другите.

21 Откако разгледавме само три методи на поучување што ги користел Исус, лесно ни е да сфатиме зошто стражарите, кои не можеле да го уапсат, не претерувале кога рекле: „Никој никогаш не зборувал така“. Во следното поглавје ќе ја разгледаме методата на поучување по која веројатно Исус е најпознат — користењето споредби.

^ пас. 1 Стражарите веројатно работеле во Судскиот совет и биле под надлежност на главните свештеници.

^ пас. 5 Последнава изјава, која се наоѓа во Дела 20:35, ја цитира само апостол Павле. Тој можеби ја слушнал од некој друг што лично ја чул од Исус (пред Исус да умре или откако воскреснал) или, пак, му била откриена од Бог.

^ пас. 9 Евреите биле должни да плаќаат годишен храмски данок кој изнесувал две драхми, односно околу две дневници. Во една книга пишува: „Овој данок главно бил користен да се покријат трошоците за секојдневниот пален принос, како и за сите други жртви што се принесувале за народот“.

^ пас. 11 Издадена од Јеховините сведоци.