Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕВЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

Што може да стори земјоделецот ако приносот е толку голем што не може да го собере сам?

1-3. а) Што прави еден земјоделец кога приносот е толку голем што не може да го собере сам? б) Со каков проблем се соочил Исус во пролетта 33 год. од н.е., и како го решил?

ЕДЕН земјоделец се соочува со прилично тежок проблем. Пред неколку месеци ги изорал нивите и го посеал семето. Со голем интерес гледал како тоа полека никнува и се радувал додека плодовите зрееле. Сега сиот негов труд ќе биде награден бидејќи е дојдено времето за берба. Меѓутоа, приносот е толку голем што не може да го собере сам. За да го реши овој проблем, тој мудро одлучува да најми работници и да ги испрати на нивите, бидејќи нема многу време за да се собере родот.

2 Во пролетта 33 год. од н.е., воскреснатиот Исус се соочува со сличен проблем. Додека служел на Земјата, тој го посеал семето на вистината. Сега треба да се собере приносот, но тој е голем. Мнозина ја прифатиле пораката, и треба да се соберат и да станат ученици на Христос (Јован 4:35-38). Како Исус го решава овој проблем? Кратко пред да се вознесе на небото од една планина во Галилеја, тој им дава налог на своите ученици да најдат повеќе работници, велејќи: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги...[и] учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).

3 Извршувањето на овој налог е клучно обележје на вистинските следбеници на Христос. Затоа, да ги разгледаме следниве три прашања: Зошто Исус дал налог да се најдат повеќе работници? Какви упатства им дал на своите ученици за да ги најдат? Како ние го извршуваме овој налог?

Зошто биле потребни повеќе работници

4, 5. Зошто Исус немало да го заврши делото што го почнал, и кој требало да го продолжи откако тој се вратил на небото?

4 Кога Исус ја започнал својата служба во 29 год. од н.е., знаел дека ова дело нема да го заврши сам. Бидејќи му останувало кратко време на Земјата, можел да обработи само ограничено подрачје и да им ја пренесе пораката за Царството на релативно мал број луѓе. Точно е дека тој главно им проповедал на Евреите и на прозелитите, односно на „загубените овци на домот Израелов“ (Матеј 15:24). Сепак, тие ‚загубени овци‘ биле распрснати низ целиот Израел, земја која се протегала на илјадници квадратни километри. Освен тоа, на крајот добрата вест требало да биде проповедана низ целиот свет (Матеј 13:38; 24:14).

5 На Исус му било јасно дека по неговата смрт требало да се заврши уште многу работа. Затоа, на своите 11 верни апостоли им рекол: „Вистина, вистина, ви велам, кој верува во мене, ќе ги прави делата што ги правам јас. Ќе прави и поголеми дела од овие, бидејќи јас си одам кај Таткото“ (Јован 14:12). Со оглед на тоа што Синот се вратил на небото, неговите следбеници — не само апостолите туку и сите идни ученици — морале да продолжат да проповедаат и да поучуваат (Јован 17:20). Исус понизно признал дека нивните дела ќе бидат поголеми од неговите. Во кој поглед? Во три аспекти.

6, 7. а) Во која смисла следбениците на Исус требало да прават поголеми дела од неговите? б) Како можеме да ја оправдаме довербата што Исус ја имал во своите следбеници?

6 Прво, следбениците на Исус требало да проповедаат на поголемо подрачје. Денес тие сведочат во сите делови на светот, а не само во земјата каде што проповедал Исус. Второ, требало да им проповедаат на повеќе луѓе. Малата група ученици што останала по Исус наскоро броела неколку илјади (Дела 2:41; 4:4). Сега брои неколку милиони, а секоја година се крштаваат стотици илјади нови лица. И трето, учениците требало да проповедаат подолго — сѐ до денешен ден, речиси 2.000 години откако Исус ја завршил својата служба, која траела само три и пол години.

7 Кога рекол дека ќе прават „поголеми дела од овие“, Исус покажал дека има доверба во своите следбеници. Тој им го доверил делото што за него било од најголема важност — да проповедаат и да поучуваат за „добрата вест за Божјето Царство“ (Лука 4:43). Исус бил уверен дека тие верно ќе ја извршат оваа задача. Што значи ова за нас денес? Кога ја вршиме службата ревносно и со цело срце, докажуваме дека Исус со право имал доверба во своите следбеници. Зарем ова не е огромна чест за нас? (Лука 13:24).

Поучени да сведочат

Љубовта нѐ тера да проповедаме секаде каде што има луѓе

8, 9. Каков пример дал Исус за службата, и како ние го следиме тој пример?

8 Исус ги поучил своите ученици како да ја вршат службата на најдобар можен начин. Пред сѐ, им дал совршен пример (Лука 6:40). Во претходното поглавје стана збор за неговиот став кон службата. Размисли на момент за учениците што биле заедно со Исус додека тој патувал и проповедал. Тие гледале дека тој проповеда секаде каде што имало луѓе — на брегот на езерата и на планинските падини, во градовите и на пазарите, како и по домовите на луѓето (Матеј 5:1, 2; Лука 5:1-3; 8:1; 19:5, 6). Виделе дека вредно ја врши службата — од рани зори до доцна во ноќта. За него таа во никој случај не била хоби! (Лука 21:37, 38; Јован 5:17). Без сомнение, тие можеле да почувствуваат дека тој бил мотивиран од длабока љубов кон луѓето. Веројатно можеле да му го прочитаат во очите сочувството што го имал во срцето (Марко 6:34). Што мислиш, како влијаел примерот на Исус врз неговите ученици? Како ќе влијаел врз тебе?

9 Како следбеници на Христос, ние ја вршиме службата по примерот што ни го дал тој. Затоа ги бараме луѓето под дрво и под камен за да им „сведочиме темелно“ (Дела 10:42). Исто како Исус, одиме во нивните домови (Дела 5:42). Спремни сме да направиме сѐ што е потребно за да ги посетиме тогаш кога најверојатно се дома. Освен тоа, им пристапуваме и неупадливо им проповедаме и на јавни места — на улица, во парк, по продавници и на работното место. „Работиме напорно и се напрегаме“ во службата, бидејќи таа е многу важна за нас (1. Тимотеј 4:10). Длабоката и искрена љубов кон другите нѐ поттикнува да даваме сѐ од себе за да проповедаме во секое време и секаде каде што има луѓе (1. Солуњаните 2:8).

„Седумдесеттемина се вратија радосни“

10-12. Какви важни поуки им дал Исус на своите ученици пред да ги испрати да проповедаат?

10 Исус ги поучил своите ученици давајќи им и детални упатства. Пред да ги испрати — прво 12-те апостоли, а потоа и 70-те ученици — Исус ги собрал сите заедно за да им објасни во детали како да проповедаат (Матеј 10:1-15; Лука 10:1-12). Ова поучување дало добри резултати, бидејќи во Лука 10:17 пишува: „Седумдесеттемина се вратија радосни“. Да разгледаме две важни поуки што им ги дал Исус, имајќи ги притоа на ум еврејските обичаи во негово време.

11 Исус ги поучил своите ученици да имаат доверба во Јехова. Тој им рекол: „Не земајте ниту злато, ниту сребро, ниту бакар во појасите, ниту патна торба, ниту две облеки, ниту сандали, ниту стап, зашто работникот ја заслужува својата храна“ (Матеј 10:9, 10). Во тоа време било нормално патниците да си носат пари во појасот, да имаат патна торба за храна и еден резервен пар сандали. Кога им рекол на своите ученици да не се грижат за овие работи, Исус всушност сакал да им каже: „Имајте потполна доверба во Јехова, и тој ќе се погрижи за вашите потреби“. Јехова ќе им го обезбедел она што им било потребно така што ќе ги поттикнел оние кои ја прифаќале добрата вест да им укажат гостољубивост, како што било обичај во Израел (Лука 22:35).

12 Исус исто така ги поучил своите ученици да не дозволат вниманието да им биде одвлечено од неважни работи. Тој рекол: „Патем никого не поздравувајте долго, како што е обичај“ (Лука 10:4). Дали Исус ги советувал да бидат ладни и воздржани? Се разбира дека не. Во библиски времиња, поздравувањето не се сведувало само на едно „здраво“. Во вообичаениот поздрав спаѓале најразлични формалности и долги разговори. Еден библиски изучувач го вели следново: „Народите на Истокот не се поздравувале како нас — само да кимнат со главата или да се ракуваат. Напротив, тие се прегрнувале повеќепати, се клањале, па дури и паѓале ничкум наземи. За сето ова било потребно многу време“. Кога им рекол на своите ученици да не ги поздравуваат луѓето како што налагал обичајот, Исус, всушност, сакал да каже: „Мора да го искористите времето најдобро што можете, бидејќи пораката што ја носите мора итно да се пренесе“. *

13. Како ќе покажеме дека сериозно ги сфаќаме упатствата што Исус им ги дал на своите ученици во првиот век?

13 Ние ги сфаќаме сериозно упатствата што Исус им ги дал на своите ученици во првиот век. Имаме целосна доверба во Јехова додека ја извршуваме нашата служба (Изреки 3:5, 6). Знаеме дека, ако ‚го бараме најнапред царството‘, никогаш нема да ни недостасува она што ни е неопходно за живот (Матеј 6:33). Полновремените проповедници низ целиот свет можат да посведочат дека, дури и во тешки времиња, Јеховината рака никогаш не е прекратка (Псалм 37:25). Освен тоа, сфаќаме дека не треба да дозволиме вниманието да ни го одвлекуваат неважни работи. Ако не сме претпазливи, овој свет лесно може да нѐ занесе (Лука 21:34-36). Но, сега во никој случај не е време за неважни работи. Бидејќи многу животи се на коцка, мораме неодложно да ја пренесуваме пораката (Римјаните 10:13-15). Ако секогаш го имаме ова на ум, нема да дозволиме неважните работи од овој свет да ни ги украдат времето и силата кои можеме многу подобро да ги искористиме во службата. Не заборавај, жетвата е голема, а времето што преостанува е кратко! (Матеј 9:37, 38).

Налог што важи и за нас

14. Што покажува дека налогот запишан во Матеј 28:18-20 важи за сите следбеници на Христос? (Види ја и фуснотата.)

14 Кога кажал „одете и правете ученици“, воскреснатиот Исус им доверил сериозна одговорност на своите следбеници. Овој налог не им бил даден само на учениците што тој пролетен ден биле со него на планината во Галилеја. * Требало да им се проповеда на „луѓето од сите народи“, а ова дело продолжува сѐ „до свршетокот на овој поредок“. Јасно е дека овој налог важи за сите следбеници на Христос, вклучувајќи нѐ и нас денес. Ајде сега да ги разгледаме подетално зборовите на Исус запишани во Матеј 28:18-20.

15. Зошто е мудро да ја послушаме Исусовата заповед да правиме ученици?

15 Пред да го даде овој налог, Исус рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (стих 18). Дали Исус навистина има толку голема власт? Се разбира дека има! Тој е архангелот кој им заповеда на миријади ангели (1. Солуњаните 4:16; Откровение 12:7). Исус е и „глава на собранието“, што значи дека има власт над своите следбеници на Земјата (Ефешаните 5:23). А од 1914 год., владее како месијански Цар на небото (Откровение 11:15). Исус има власт дури и над гробот, бидејќи може да ги воскреснува мртвите (Јован 5:26-28). Откако најпрво навел колку голема власт му е дадена, Исус јасно посочил дека зборовите што ги кажал потоа не се предлог, туку заповед. Мудро е да го послушаме, бидејќи тој не си ја присвоил таа власт сам за себе, туку ја добил од Бог (1. Коринќаните 15:27).

16. Каква заповед ни дал Исус кога рекол да ‚одиме‘, и како го исполнуваме овој дел од налогот?

16 Потоа Исус кажал во што точно се состои налогот, почнувајќи со еден збор: „Одете“ (стих 19). Со тоа ни заповеда први да преземеме чекори за да им ја пренесеме пораката за Царството на другите. Овој дел од налогот можеме да го извршиме користејќи најразлични методи. Најдобри резултати можат да се постигнат кога проповедаме од куќа до куќа и лично разговараме со луѓето (Дела 20:20). Сепак, се трудиме да сведочиме и неформално. Секогаш сме спремни да започнеме разговор за добрата вест, и тоа секаде каде што е можно. Во зависност од потребите и околностите, користиме различни методи на проповедање. Но, една работа е иста: Ние ‚одиме‘ и ги бараме достојните (Матеј 10:11).

17. Како ‚правиме ученици‘?

17 Потоа Исус ја објаснил целта на овој налог — ‚да правиме ученици од луѓето од сите народи‘ (стих 19). Како ‚правиме ученици‘? Главното значење на зборот „ученик“ е „некој што учи, што е поучен“. Но, ние не правиме ученици само така што им пренесуваме знаење на другите. Кога ја проучуваме Библијата со заинтересираните, нашата цел е да им помогнеме да станат следбеници на Христос. Секогаш кога е можно, ние им го посочуваме Исус за тие да можат во него да гледаат Учител и Пример, да живеат како него и да го извршуваат делото што го вршел тој (Јован 13:15).

18. Зошто крштавањето е најважниот чекор во животот на еден Христов ученик?

18 Еден многу важен дел од налогот е содржан во зборовите „крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (стих 19). Крштавањето е најважниот чекор во животот на ученикот, бидејќи е соодветен симбол за неговата целосна оддаденост на Бог. Значи, тоа е неопходно за спасение (1. Петрово 3:21). Ако продолжи да дава сѐ од себе додека му служи на Јехова, крстениот ученик може со радост да очекува бескрајни благослови во новиот свет што доаѓа. Дали си му помогнал на некој ученик на Христос да се крсти? Тоа е најголемата причина за радост во нашата христијанска служба (3. Јованово 4).

19. За што ги поучуваме новите, и зошто поучувањето може да продолжи и откако ќе се крстат?

19 Исус потоа го објаснил следниот дел од налогот: „Учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (стих 20). Ние ги поучуваме новите да им бидат послушни на заповедите на Исус, а некои од тие заповеди се да го сакаат Бог, да го сакаат ближниот и да ги поучуваат другите (Матеј 22:37-39). Постепено ги учиме како да им ги објаснуваат библиските вистини на другите и како да ја бранат својата вера, која станува сѐ поцврста. Кога ќе ги исполнат условите да учествуваат во јавното проповедање, ние сведочиме со нив и ги поучуваме — и со збор и со пример — како делотворно да го вршат ова дело. Но, поучувањето на новите ученици не престанува кога тие ќе се крстат. На новокрстените им се потребни додатни упатства за да им се помогне успешно да го следат Христос (Лука 9:23, 24).

„Јас сум со вас во сите денови“

20, 21. а) Зошто нема од што да се плашиме додека го извршуваме налогот што го дал Исус? б) Зошто сега не е време да забавиме, и на што треба да бидеме решени?

20 Последните зборови од заповедта што ја дал Исус се многу утешни: „Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Матеј 28:20). Исус многу добро знае дека оваа задача не е лесна. Освен тоа, тој знае дека, додека ја извршуваме, понекогаш луѓето ќе ни се противат (Лука 21:12). Но, нема зошто да се плашиме. Нашиот Водач не очекува да ја извршиме сами и без ничија помош. Зарем не е утешно да се знае дека оној што ја има „сета власт на небото и на земјата“ е со нас и ни помага да го вршиме овој налог?

21 Исус ги уверил своите ученици дека ќе биде со нив додека ја извршуваат службата низ вековите што следеле, сѐ „до свршетокот на овој поредок“. Сѐ додека не дојде крајот, мора да продолжиме да го извршуваме налогот што ни го дал. Сега не е време да забавиме. Во тек е една голема духовна жетва! Се собираат сѐ повеќе луѓе што ја прифаќаат пораката за Царството. Како следбеници на Христос, да бидеме решени да го исполниме важниот налог што ни е доверен. Да бидеме одлучни да ги трошиме своето време, сила и средства за да ја извршиме Христовата заповед: „Одете и правете ученици“.

^ пас. 12 Пророкот Елисеј еднаш дал слични упатства. Кога го испратил својот слуга Гиезиј да оди кај една жена чиј син починал, Елисеј рекол: „Ако сретнеш некого, немој да го поздравуваш“ (2. Царевите 4:29). Она што требало да го направи било неодложно, и затоа немало време за губење.

^ пас. 14 Бидејќи повеќето негови следбеници биле во Галилеја, можеби овде станува збор за приликата кога воскреснатиот Исус им се појавил на „повеќе од петстотини“ луѓе, настан кој е опишан во Матеј 28:16-20 (1. Коринќаните 15:6). Значи, кога Исус го дал налогот да се прават ученици, можеби биле присутни стотици луѓе.