Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Секогаш им зборуваше со споредби“

„Секогаш им зборуваше со споредби“

1-3. а) Каква ретка можност имале учениците што патувале со Исус, и како тој им помогнал полесно да го запамтат она што им го кажувал? б) Зошто делотворните споредби лесно се памтат?

УЧЕНИЦИТЕ што патуваат со Исус имаат една ретка можност. Тие од прва рака учат од Големиот Учител. Со свои уши слушаат како тој им ја објаснува Божјата реч на луѓето и како ги поучува за прекрасната вистина што се наоѓа во неа. Сега-засега, мора да ги зачуваат неговите скапоцени изреки само во својот ум и срце, бидејќи сѐ уште не е дојдено времето тие зборови да бидат запишани. * Сепак, Исус им помага да го запамтат она што им го кажува. Како? Со начинот на кој ги поучува, а особено со споредбите кои многу вешто ги користи.

2 И навистина, делотворните споредби не се забораваат лесно. Еден писател напишал дека споредбите „ги претвораат ушите во очи“ и „им помагаат на слушателите живо да си ги претстават работите“. Со оглед на тоа што обично најдобро размислуваме во слики, споредбите можат да ни помогнат полесно да разбереме дури и некои апстрактни идеи. Тие ни создаваат живи слики во умот и неизбришливо ги врежуваат поуките во сеќавањето.

3 Не постоел друг учител на Земјата што повешто користел споредби од Исус Христос. До ден-денес луѓето лесно се сеќаваат на нив. Зошто Исус толку многу ја користел оваа метода на поучување? Зошто споредбите што ги кажувал биле толку делотворни? Како можеме и ние да научиме да ја користиме оваа метода кога ги поучуваме другите?

Зошто Исус поучувал со споредби

4, 5. Зошто Исус користел споредби?

4 Библијата наведува две важни причини зошто Исус користел споредби. Прво, со тоа исполнил едно пророштво. Во Матеј 13:34, 35 читаме: „Исус му... зборуваше на народот користејќи споредби. Секогаш им зборуваше со споредби, за да се исполни она што беше кажано преку пророкот: ‚Ќе ја отворам својата уста со споредби‘“. Пророкот што го спомнува Матеј е писателот на Псалм 78:2. Псалмистот ги напишал овие зборови под вдахновение на Божјиот дух со векови пред да се роди Исус. Размисли што значи ова. Стотици години однапред, Јехова одредил Месијата да поучува со споредби. Според тоа, Јехова сигурно ја цени оваа метода на поучување.

5 Второ, Исус објаснил дека зборува со споредби за да види чие ‚срце е неприемливо‘ (Матеј 13:10-15; Исаија 6:9, 10). Значи, споредбите му помагале да ги разоткрие мотивите на луѓето. Како? Па, понекогаш кажувал споредби за да види кои слушатели ќе побараат објаснување за потполно да ги разберат неговите зборови. Понизните биле спремни да прашуваат, но вообразените и рамнодушните не прашувале (Матеј 13:36; Марко 4:34). Значи, споредбите што ги кажувал Исус им ја откривале вистината на оние што гладувале по неа, но истовремено им ја сокривале на оние што биле горделиви во срцето.

6. Што друго постигнувал Исус со своите споредби?

6 Исус постигнувал уште нешто со своите споредби. Предизвикувал интерес кај луѓето и ги наведувал да слушаат. Исто така, споредбите помагале тие да си создадат живописни слики во умот и лесно да го сфатат значењето на она што им го кажувал. Освен тоа, како што беше наведено во почетокот, споредбите на Исус им помагале на слушателите да ги запамтат неговите зборови. Проповедта на гората, која е запишана во Матеј 5:3 — 7:27, е извонреден пример за тоа колку често Исус користел споредби. Оваа проповед содржи повеќе од 50! За да добиеш претстава колку многу е тоа, сети се дека Проповедта на гората може гласно да се прочита за околу 20 минути. Тоа значи дека Исус во просек наведувал по една споредба скоро на секои 20 секунди! Тој многу добро знаел колку е корисна оваа метода!

7. Зошто треба и ние, по примерот на Исус, да користиме споредби кога поучуваме?

7 Бидејќи сме следбеници на Христос, ние сакаме да поучуваме како него. Тоа значи дека треба да користиме и споредби. Исто како што зачините го прават јадењето повкусно така и делотворните споредби го прават поучувањето поинтересно. Освен тоа, добро осмислените споредби помагаат полесно да се сфатат важните вистини. Да видиме сега некои причини поради кои споредбите на Исус биле толку делотворни. Потоа ќе разгледаме како можеме добро да ја користиме оваа извонредна метода на поучување.

Едноставни споредби

На кој начин Исус, зборувајќи за птиците и цвеќињата, покажал дека Бог се грижи за нас?

8, 9. Како Исус користел едноставни споредби, и зошто тие биле толку делотворни?

8 Кога поучувал, Исус честопати користел едноставни споредби што се состоеле од само неколку збора. Сепак, едноставните зборови им помагале на слушателите да си создадат жива претстава во умот и јасно да ги разберат важните вистини за Бог, за неговите мерила и за неговата намера. На пример, кога ги поттикнал учениците да не бидат преокупирани со секојдневните потреби, Исус ги спомнал ‚небесните птици‘ и „полските кринови“. Птиците не сеат и не жнеат, а криновите не предат и не ткаат. Сепак, Бог се грижи за нив. Лесно е да се сфати што сакал да каже Исус — штом Бог се грижи за птиците и за цвеќињата, тогаш сигурно се грижи и за луѓето кои ‚го бараат најнапред царството‘ (Матеј 6:26, 28-33).

9 Исус честопати користел и метафори, кои се исто така споредби, но многу посилни. Метафората е јазично изразно средство во кое со еден збор или поим се означува нешто друго. И овие споредби биле едноставни. Во една прилика, тој им рекол на своите ученици: „Вие сте светлината на светот“. Тие веднаш разбрале што сакал да каже — дека, со своите зборови и дела, тие можат да ја пуштат симболичната светлина, односно духовната вистина, да свети, и така да им помогнат на другите да му оддадат чест на Бог (Матеј 5:14-16). Еве уште две метафори што ги кажал Исус: „Вие сте солта на земјата“ и „Јас сум лозата, вие сте прачките“ (Матеј 5:13; Јован 15:5). Овие изразни средства се делотворни токму затоа што се едноставни.

10. Наведи примери што покажуваат како можеш да користиш споредби кога поучуваш некого.

10 Како можеш и ти да користиш споредби кога поучуваш некого? Не мора да измислуваш долги и комплицирани приказни. Обиди се да се сетиш на некоја едноставна споредба. Да речеме дека зборуваш со некого за воскресение и сакаш да му дадеш пример зошто за Јехова не е проблем да ги воскресне мртвите. Која споредба ти паѓа на ум? Во Библијата, смртта е споредена со спиење. Затоа, би можел да кажеш: „Како што ние можеме лесно да разбудиме некого, така и Бог може да ги воскресне мртвите“ (Јован 11:11-14). Или, да речеме дека сакаш да дадеш пример за тоа дека на децата им е потребна љубов и наклоност за да бидат успешни и среќни. Кој пример би можел да го наведеш? Библијата ја користи следнава споредба: Децата се „како маслинови фиданки“ (Псалм 128:3). Затоа би можел да речеш: „На детето му се потребни љубов и наклоност исто како што на дрвото му се потребни сонце и вода“. Колку поедноставна е споредбата толку полесно ќе им биде на слушателите да сфатат што сакаш да кажеш.

Споредби од секојдневниот живот

11. Наведи примери за тоа како Исус во своите споредби спомнувал работи што сигурно ги гледал додека растел во Галилеја.

11 Исус многу вешто користел и споредби што биле поврзани со животот на луѓето. Зборувал за секојдневни работи што веројатно ги гледал додека растел во Галилеја. Размисли за момент за неговото детство. Колкупати мора да ја гледал мајка си како го меле житото за да добие брашно, како става квасец во тестото, како пали светилка или ја мете куќата! (Матеј 13:33; 24:41; Лука 15:8). Колкупати ги гледал рибарите како ги фрлаат мрежите во Галилејското Море! (Матеј 13:47). И колкупати ги гледал децата како си играат на плоштадот! (Матеј 11:16). Без сомнение, Исус видел и ред други секојдневни работи што ги спомнал во многу од своите споредби — сеење семе, весели свадби и ниви со жито кое зрее на сонцето (Матеј 13:3-8; 25:1-12; Марко 4:26-29).

12, 13. Зошто е интересно тоа што, во приказната за милосрдниот Самарјанин, Исус го спомнал патот што водел „од Ерусалим кон Ерихон“?

12 Во своите споредби, Исус спомнувал детали кои неговите слушатели многу добро ги знаеле. На пример, тој ја почнал приказната за милосрдниот Самарјанин со следниве зборови: „Еден човек слегуваше од Ерусалим кон Ерихон и налета на разбојници, кои го соблекоа и го претепаа... оставајќи го полумртов“ (Лука 10:30). Интересно е тоа што Исус овде го спомнал патот што водел „од Ерусалим кон Ерихон“. Кога ја раскажал оваа споредба, тој бил во Јудеја, недалеку од Ерусалим. Значи, неговите слушатели сигурно знаеле на кој пат мисли. Добро знаеле и дека тој пат е опасен, особено ако некој патувал сам. Бидејќи се извивал низ пусто подрачје, имало многу места каде што разбојниците можеле да чекаат во заседа.

13 Исус навел и други познати работи во врска со овој пат што водел „од Ерусалим кон Ерихон“. Во споредбата тој кажал дека прво еден свештеник, а потоа и еден левит поминал по истиот пат — но ниту едниот ниту другиот не застанал да му помогне на ранетиот човек (Лука 10:31, 32). Свештениците служеле во храмот во Ерусалим, а левитите им помагале. Кога не биле во храмот, многу свештеници и левити живееле во Ерихон, бидејќи овој град бил оддалечен од Ерусалим само 23 километри. Затоа тие честопати оделе по тој пат. Но, забележи и дека патникот ‚слегувал‘ по патот „од Ерусалим“, а не се качувал по него. Ова било сосема разбирливо за слушателите на Исус. Ерусалим бил на повисока надморска височина од Ерихон. Според тоа, кога патувал „од Ерусалим“, патникот навистина ‚слегувал‘ по патот. * Очигледно е дека Исус ја кажал оваа споредба имајќи ги на ум своите слушатели.

14. Како можеме да ги имаме на ум слушателите кога кажуваме споредби?

14 Кога користиме споредби, и ние треба да ги имаме на ум оние што нѐ слушаат. Кои работи во врска со нашите слушатели би можеле да влијаат врз тоа каква споредба ќе кажеме? Можеби нивната возраст, културното или семејното потекло, или, пак, нивното занимање. На пример, споредбите кои содржат детали од областа на земјоделието многу полесно ќе ги разберат луѓе што се занимаваат со земјоделие и живеат на село отколку луѓе што живеат во голем град. Соодветни споредби можат да бидат и оние кои се земени од секојдневниот живот на луѓето што нѐ слушаат — нивните деца, куќа, хоби, храна итн.

Споредби од творештвото

15. Зошто не треба да нѐ чуди тоа што Исус многу добро го познавал творештвото?

15 Од споредбите што ги кажал Исус се гледа дека знаел многу за природата — за растенијата, животните и временските прилики (Матеј 16:2, 3; Лука 12:24, 27). Од каде имал такво познавање? Без сомнение, додека растел во Галилеја, можел постојано да го набљудува творештвото. Но, уште поважно е тоа што Исус е „првороден од сѐ што е создадено“, и Јехова го користел како свој „вешт градител“ додека создавал сѐ друго (Колошаните 1:15, 16; Изреки 8:30, 31). Тогаш, дали треба да нѐ чуди тоа што Исус многу добро го познавал творештвото? Да видиме како вешто го искористил тоа свое знаење.

16, 17. а) Што покажува дека Исус многу добро знаел какви се овците? б) Кој пример покажува дека овците навистина го слушаат гласот на својот пастир?

16 Сети се, Исус за себе рекол дека е „добриот пастир“, а своите следбеници ги споредил со „овци“. Овие зборови покажуваат дека тој многу добро знаел какви се домашните овци. Знаел дека меѓу пастирите и нивните овци постои посебна врска. Забележал дека овие суштества, кои имаат доверба во луѓето, спремно дозволуваат да бидат водени и верно го следат својот пастир. Зошто овците одат по својот пастир? „Бидејќи го познаваат неговиот глас“, рекол Исус (Јован 10:2-4, 11). Дали овците навистина го познаваат гласот на пастирот?

17 Во книгата Историски атлас на Светата земја (The Historical Geography of the Holy Land), од свое лично искуство, Џорџ А. Смит го напишал следново: „Имавме обичај да пладнуваме крај некој од бунарите во Јудеја, на кои по тројца-четворица пастири ги доведуваа своите стада. Стадата се мешаа, а ние се прашувавме како пастирите ќе ги најдат своите овци. Откако овците ќе се напиеја вода и ќе си поиграа, секој пастир тргнуваше на различна страна од долината и ги повикуваше своите овци на специфичен начин. Тогаш овците, една по една, се одвојуваа од измешаното стадо и тргнуваа по него, па стадата си заминуваа во истиот ред како што и доаѓаа“. Исус ја избрал најдобрата можна споредба за да го нагласи она што сакал да го каже — ако ги разбереме и послушно ги следиме неговите учења и неговото водство, тогаш „добриот пастир“ ќе се грижи за нас.

18. Каде има информации за Јеховините созданија?

18 Како да научиме и ние да користиме споредби кои се поврзани со творештвото? Извонредните карактеристики на животните можат да ни бидат извор на едноставни, но делотворни споредби. Каде има информации за Јеховините созданија? Самата Библија е ризница на податоци за најразлични животни. Освен тоа, понекогаш за карактеристиките на животните таа зборува на симболичен начин. Библијата вели дека некој може да биде брз како газела или како леопард, претпазлив како змија или безопасен како гулаб * (1. Летописи 12:8; Авакум 1:8; Матеј 10:16). Други скапоцени извори на информации се Стражарска кула, Разбудете се! и останатите публикации издадени од Јеховините сведоци. Доколку обрнуваш внимание кога ги читаш овие публикации, можеш многу да научиш за тоа како да користиш едноставни споредби кои се поврзани со многуте чудесни творби што ги создал Јехова.

Споредби од познати ситуации

19, 20. а) Како Исус делотворно искористил еден познат настан за да разоткрие едно лажно учење? б) Како можеме да користиме примери и искуства од секојдневниот живот кога поучуваме некого?

19 Како делотворни споредби можат да послужат и ситуации од секојдневниот живот. Во една прилика, Исус искористил еден настан што се случил кратко пред тоа за да покаже дека не е точно верувањето според кое несреќи им се случуваат само на оние што заслужиле да бидат казнети на таков начин. „Оние осумнаесетмина врз кои падна кулата во Силоам и ги уби, мислите ли дека тие беа поголеми грешници од сите други луѓе што живеат во Ерусалим?“ (Лука 13:4). Со други зборови, тие 18 души не загинале затоа што направиле некој грев со кој го разгневиле Бог. Напротив, нивната трагична смрт била последица на „времето и непредвидените настани“ (Проповедник 9:11). На тој начин, Исус побил едно лажно учење осврнувајќи се на настан кој им бил познат на неговите слушатели.

20 Како можеме да користиме ситуации и примери од секојдневниот живот кога поучуваме? Да речеме дека зборуваш за исполнувањето на Исусовото пророштво во врска со знакот на неговата присутност (Матеј 24:3-14). Би можел да спомнеш нешто што неодамна било на вестите, на пример, некој извештај за војна, глад или земјотрес, и така да нагласиш дека тие конкретни делови од знакот сега се исполнуваат. Или, ако сакаш да покажеш што значи да се облече новата личност, можеби ќе биде добро да раскажеш низ што морал да помине некој за да го постигне тоа (Ефешаните 4:20-24). Кого би можел да го наведеш како пример? Можеби некој соверник што го познаваш бил во слична ситуација или си читал за сличен пример во некоја публикација на Јеховините сведоци.

21. Кои благослови ќе ги добиеме ако делотворно ги поучуваме другите за Божјата реч?

21 Навистина, Исус е најголемиот Учител! Како што видовме во овој дел, неговиот животен позив бил да ја проповеда добрата вест и да ги поучува луѓето (Матеј 4:23). Тоа е и наш животен позив. Ако станеме вешти учители, ќе добиеме многу благослови. Кога ги поучуваме луѓето, им даваме нешто корисно, и тоа нѐ прави среќни (Дела 20:35). Среќни сме затоа што знаеме дека им даваме нешто од вистинска и трајна вредност — вистината за Јехова. Исто така, се радуваме што знаеме дека го следиме примерот на Исус, најголемиот Учител што живеел на Земјата.

^ пас. 1 По сѐ изгледа, првиот пишан запис за Исусовиот живот на Земјата е евангелието по Матеј, кое било напишано околу осум години по смртта на Исус.

^ пас. 13 Исто така, Исус рекол дека свештеникот и левитот доаѓале „од Ерусалим“, односно си заминувале од храмот. Значи, ни едниот ни другиот немал изговор за тоа што рамнодушно го одминал претепаниот човек, и не можел да рече дека не сакал да го допре човекот кој навидум бил мртов за да не стане привремено нечист за службата во храмот (3. Мојсеева 21:1; 4. Мојсеева 19:16).

^ пас. 18 Подетален список на карактеристиките на животните кои во Библијата се користат на симболичен начин можеш да најдеш во Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures), том 1, страници 268, 270, 271, издадена од Јеховините сведоци.