Предговор
Драг читателе!
„Појди по мене!“ (Јован 1:43). Со овие зборови, Исус Христос нѐ поканува да го следиме. Дали ја прифаќаш неговата покана? Ако да, тоа ќе има големо влијание врз твојот живот. Зошто го велиме ова?
Јехова го испратил својот единороден Син на Земјата за да го даде својот живот како откупнина (Јован 3:16). Но, освен што умрел за нас, овој Син ни покажал и како да живееме. Тој останал беспрекорен во сѐ и го израдувал својот Татко. Покрај тоа, Исус ни покажал на кој начин можеме и ние да бидеме како неговиот Татко. Сѐ што зборувал и сѐ што правел Синот било во совршен склад со волјата на Таткото и со начинот на кој би постапил самиот Јехова (Јован 14:9).
Библијата вели дека Исус ни дал ‚пример во сѐ да одиме по неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Ако сакаме да се зближиме со Јехова, ако сакаме уште сега да имаме вистинска смисла во животот и ако сакаме да останеме на патот што води до вечен живот, мора во сѐ да одиме по Христовите стапки.
За да почнеме да го правиме ова, треба да дознаеме нешто повеќе за тоа каков живот живеел Исус на Земјата. Затоа, вреди внимателно да го проучиме сето она што во Библијата е запишано за него. Ако го анализираме она што го зборувал и што го направил, и ако размислуваме како можеме и ние да зборуваме и да постапуваме како него, ќе ни стане уште појасно како да го следиме.
Се надеваме дека оваа публикација ќе ти помогне уште повеќе да ги засакаш Исус и Јехова. Таа љубов нека те поттикне во сѐ да одиш по Исусовите стапки, за и ти да го радуваш Јехова — сега и во сета вечност.
Издавачите