Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Му пристапи многу народ“

„Му пристапи многу народ“

„Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене“

1-3. Што се случило кога некои родителите ги донеле своите деца кај Исус, и што откриваме од овој настан за Исус?

ИСУС знае дека крајот на неговиот живот на Земјата брзо се приближува. Му остануваат само неколку седмици, а има уште толку многу работа! Сега проповеда со своите апостоли во Переја, област која се наоѓа источно од реката Јордан. Проповедаат одејќи на југ кон Ерусалим, каде што Исус ќе присуствува на својата последна, најважна Пасха.

2 Откако Исус завршува со еден напнат разговор што го води со некои верски водачи, луѓето се раздвижуваат. Некои од нив му ги донесуваат своите деца за да ги види. Изгледа дека децата се на различна возраст, бидејќи за нив Марко го користи истиот збор што претходно го употребил за дете од 12 години, а Лука користи еден збор што може да се преведе со ‚мали деца‘, или бебиња (Лука 18:15; Марко 5:41, 42; 10:13). И, се разбира, каде што има деца таму обично има врева и раздвиженост. Тогаш учениците на Исус ги прекоруваат родителите затоа што веројатно мислат дека нивниот Господар е премногу зафатен за да им посвети внимание на децата. Што прави Исус?

3 Кога гледа што се случува, Исус се лути. На кого му е лут? На децата? На родителите? Не. Исус им е лут на учениците! Тој вели: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство. Вистина, ви велам, кој не го прима Божјето царство како дете, нема да влезе во него“. Потоа ги зема децата „во прегратка“ и ги благословува (Марко 10:13-16). Зборовите што овде ги користи Марко укажуваат дека Исус со љубов ги прегрнува дечињата и веројатно дури зема некои од бебињата в раце. Се гледа дека Исус ги сака децата. Но, одовде учиме уште една работа за него: тој е пристаплив.

4, 5. а) Од што можеме со сигурност да заклучиме дека Исус бил пристаплив? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

4 Да бил Исус крут, ладен или горделив човек, веројатно тие дечиња немало да сакаат да одат кај него, а и родителите немало да се чувствуваат слободни да му ги донесат. Само замисли си ја сцената — очите на родителите светкаат од радост додека овој мил човек ги прегрнува нивните дечиња, им кажува дека Бог многу ги цени и ги благословува! И покрај тоа што морал да ги понесе најтешките одговорности на својот грб, Исус сепак бил и останал најпристапливиот човек.

5 Кои други луѓе се чувствувале слободни да му пристапат на Исус? Зошто било толку лесно човек да му пристапи? И како можеме да научиме да бидеме како Исус во овој поглед? Да видиме.

Кој му пристапувал слободно?

6-8. Меѓу какви луѓе најчесто се движел Исус, и како неговиот став кон нив се разликувал од ставот на верските водачи?

6 Можеби се чудиш кога читаш во евангелијата дека на голем број луѓе воопшто не им било незгодно да му пристапат на Исус. На пример, кога се зборува за него, честопати се спомнува „многу народ“ или „мноштво луѓе“. „Го следеше многу народ од Галилеја.“ „Околу него се собра многу народ.“ „Му пристапи многу народ.“ „Со него патуваа големо мноштво луѓе“ (Матеј 4:25; 13:2; 15:30; Лука 14:25). Очигледно, Исус речиси секогаш бил опкружен со многу луѓе.

7 Најчесто ова бил обичниот народ, луѓето кои верските водачи со презир ги нарекувале „народ од земјата“. Фарисеите и свештениците отворено рекле: „Овој народ, кој не го познава Законот, е проклет“ (Јован 7:49). Подоцнежните рабински списи потврдуваат дека фарисеите имале ваков став. Многу верски водачи ги сметале обичните луѓе за проста маса и одбивале да јадат со нив, да купуваат од нив или да се дружат со нив. Некои од фарисеите дури тврделе дека за оние што не го знаат усниот закон ќе нема воскресение! Затоа бедните луѓе не само што не барале помош или совет од нив, туку веројатно и ги избегнувале. Но, Исус не бил како тие верски водачи.

8 За него било најнормално да биде во друштво на обичните луѓе. Јадел со нив, ги лекувал, ги поучувал и им влевал надеж. Се разбира, Исус имал реални очекувања и бил свесен дека повеќето ќе одбијат да му служат на Јехова (Матеј 7:13, 14). Сепак, бил позитивен во врска со секој поединец и верувал дека мнозина се способни да го прават она што е исправно. Колку спротивно на бездушните свештеници и фарисеи! Меѓутоа, изненадува фактот што дури и некои од нив му приоѓале на Исус. Голем број од овие луѓе се промениле и станале негови следбеници (Дела 6:7; 15:5). Освен тоа, и некои од богатите и влијателните луѓе се чувствувале слободни да му пристапат на Исус (Марко 10:17, 22).

9. Зошто жените слободно му пристапувале на Исус?

9 И жените слободно му пристапувале на Исус. Тие сигурно честопати го имале осетено на своја кожа понижувачкиот презир на верските водачи. На пример, на жените не им било дозволено да сведочат на суд бидејќи мажите сметале дека на жена не може да ѝ се верува. Освен што ги потценувале жените, рабините гледале со презир и на лицата што поучувале жени. Дури имале и посебна молитва во која му благодареле на Бог што не се родиле како жени! Но, жените не чувствувале таков презир од страна на Исус. Многу од нив му пристапувале со желба да учат од него. На пример, Марија, сестрата на Лазар, седела крај нозете на Господарот, потполно внесена во она што го кажувал Исус, додека сестра ѝ, Марта, била растрчана околу готвењето и се секирала за храната. Исус ја пофалил Марија затоа што на прво место ги ставила исправните работи (Лука 10:39-42).

10. Во кој поглед Исус постапувал со болните на поинаков начин од верските водачи?

10 И болните се собирале околу Исус, иако главно биле отфрлени од верските водачи. Со Мојсеевиот закон било предвидено лепрозните да бидат одвоени од здравите за да не ги заразат, но немало причина со нив да се постапува нељубезно (3. Мојсеева, 13. поглавје). Меѓутоа, во рабинските правила, кои биле додадени подоцна, пишувало дека лепрозните се одвратни како измет. Некои верски водачи оделе дотаму што ги мавале лепрозните со камења за да не им се приближат! Тешко е да се замисли дека некој со кого се постапувало на ваков начин би можел да собере храброст да му пристапи на некој учител. Сепак, лепрозните доаѓале кај Исус. Еден од нив ја покажал својата вера со следнава изјава: „Господару, ако сакаш, можеш да ме исчистиш“ (Лука 5:12). Во следното поглавје ќе видиме што направил Исус. Засега е доволно да кажеме дека ова е еден од најцврстите докази дека Исус бил пристаплив човек.

11. Кој пример ни покажува дека оние што се бореле со чувства на вина слободно му пристапувале на Исус, и зошто е важно ова?

11 И оние што се бореле со чувства на вина слободно му пристапувале на Исус. На пример, размисли за приликата кога Исус бил на гости во домот на еден фарисеј. Таму дошла и една жена за која сите знаеле дека е грешница. Таа клекнала крај нозете на Исус, леејќи солзи поради вината што ја чувствувала. Нејзините солзи обилно капеле врз неговите нозе, а таа ги бришела со својата коса. Домаќинот се згрозил од оваа глетка и остро го осудил Исус. Но, Исус љубезно ја пофалил жената затоа што искрено се каела и ја уверил дека Јехова ѝ простува (Лука 7:36-50). Денес, повеќе од кога и да е порано, луѓето што се измачуваат со чувства на вина имаат потреба слободно да им пристапат на оние кои можат да им помогнат да се помират со Бог. Зошто Исус бил толку пристаплив?

Зошто Исус бил пристаплив?

12. Зошто не нѐ изненадува тоа што Исус бил пристаплив?

12 Сети се дека Исус совршено го следел примерот на својот сакан небесен Татко (Јован 14:9). Библијата нѐ потсетува дека Јехова „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Јехова, кој „ги слуша молитвите“, е достапен во секое време за своите верни слуги и за сите други кои искрено го бараат и сакаат да му служат (Псалм 65:2). Замисли си — Бог, кој е најмоќната и најважната Личност во вселената е, всушност, најпристаплив! Исто како својот Татко, Исус ги сака луѓето. Во следните поглавја ќе видиме колку била силна таа љубов што ја чувствувал во срцето. Но, луѓето слободно му пристапувале на Исус главно затоа што лесно можеле да видат дека тој ги сака. Да разгледаме со кои особини Исус ја покажал својата љубов.

13. Како можат родителите да бидат како Исус?

13 Луѓето лесно можеле да почувствуваат дека Исус бил лично заинтересиран за нив. Тој не го губел овој интерес дури и кога ќе се најдел под притисок. Како што веќе видовме, кога родителите му ги донесувале своите дечиња, Исус ги примил иако бил зафатен и притиснат од тешки одговорности. Навистина дал одличен пример за родителите! Во денешниов свет воопшто не е лесно да се подигаат деца. Но, и покрај тоа, децата треба да знаат дека слободно можат да им пристапат на своите родители во секое време. Ако си родител, и самиот знаеш дека понекогаш си толку зафатен што не можеш да му го посветиш на детето вниманието кое му е потребно. Сепак, можеш ли да го увериш дека ќе најдеш време за него што е можно поскоро? Кога ќе си го одржиш зборот, твоето дете ќе научи дека стрпливоста се исплаќа. Освен тоа, ќе научи и дека може во секое време да дојде кај тебе и да ти каже што го мачи.

14-16. а) Кои околности го навеле Исус да го направи своето прво чудо, и зошто тоа било големо чудо? б) Што открива за Исус чудото што го направил во Кана, и што можат да научат родителите од тоа?

14 Исус јасно им ставил до знаење на луѓето дека нивните грижи биле и негови грижи. На пример, размисли за првото чудо што го направил. Кога бил на свадба во галилејскиот град Кана, се јавил еден проблем — снемало вино! Марија, мајката на Исус, му кажала што се случило. Што направил тој? Им рекол на послужителите да наполнат шест камени ќупови со вода. Но, кога му дале на управителот на масата да проба од таа течност, тоа не било вода, туку многу добро вино! Дали ова било некаков магионичарски трик? Не, водата била „претворена во вино“! (Јован 2:1-11). Луѓето отсекогаш сонувале дека еден ден ќе можат да претворат една работа во друга. Алхемичарите со векови се обидувале да го претворат оловото во злато. Сепак, не успеале во тоа иако оловото и златото се, всушност, неверојатно слични елементи. * Што може да се каже за водата и виното? Според хемискиот состав, водата е едноставна супстанција, комбинација од два основни елемента. Виното, од друга страна, содржи речиси илјада состојки, од кои повеќето се сложени соединенија! Зошто Исус направил едно вакво големо чудо само за да реши еден толку безначаен проблем како што е недостиг на вино на некоја свадбена гозба?

15 Овој проблем воопшто не бил безначаен за младоженецот и за невестата. Во старо време, на Блискиот Исток било многу важно да се покаже гостољубивост кон поканетите. Ако снемало вино на гозбата, тоа ќе било голем срам за младенците, ќе фрлело лошо светло врз нивната свадба и ќе оставело лоши спомени. Ним им било многу важно да го решат овој проблем, а му било важно и на Исус. Затоа сторил нешто во врска со тоа. Сфаќаш ли сега зошто луѓето му пристапувале и му ги кажувале своите грижи?

Покажи му на твоето дете дека си пристаплив и дека навистина го сакаш

16 Родителите можат да научат нешто и од ова. Што ако твоето дете дојде кај тебе да ти се пожали за некој проблем што го мачи? Веројатно веднаш ќе ти дојде да кажеш дека нема зошто да се грижи. Можеби неговиот проблем ќе ти биде и смешен. Се разбира, во споредба со она што те загрижува тебе, можеби проблемот на детето навистина изгледа безначаен. Но, запомни, тој не е безначаен за детето! А ако е важен за некој што толку многу го сакаш, зар не треба да биде важен и за тебе? Ако му ставиш до знаење на твоето дете дека ти се важни неговите грижи, ќе покажеш дека навистина си пристаплив како родител.

17. Каков пример за благост оставил Исус, и зошто оваа особина е доказ дека некој е цврст карактер?

17 Како што веќе видовме во 3. поглавје, Исус бил благ и понизен (Матеј 11:29). Благоста е прекрасна особина, силен доказ дека некој е понизен во срцето. Таа е плод на Божјиот свет дух и поврзана е со Божјата мудрост (Галатите 5:22, 23; Јаков 3:13). Дури и под најтешка провокација, Исус задржал самоконтрола. Но, неговата благост не била воопшто знак на слабост. Во врска со оваа особина, еден изучувач рекол: „Зад нежноста се крие цврстина на челик“. И навистина, честопати ни треба многу сила за да не избувнеме и да постапиме благо со другите. Но, ако се трудиме — и со Јеховина помош — ќе можеме да покажеме благост како Исус, и така ќе бидеме попристапливи за другите.

18. Од кој пример се гледа дека Исус бил разумен, и зошто мислиш дека разумноста може да ни помогне да бидеме пристапливи?

18Исус бил разумен. Кога бил во Тир, една жена дошла кај него бидејќи ‚ќерка ѝ била обземена од демони и ужасно страдала‘. На три различни начини, Исус ѝ ставил до знаење дека нема намера да го стори она што го барала од него. Прво не рекол ништо; второ, ѝ навел причина зошто нема да го стори тоа што го барала од него; и трето, ѝ кажал една споредба за да ѝ стане уште појасно зошто нема да ѝ ја исполни молбата. Но, дали го направил тоа отсечно и бездушно? Дали на каков и да било начин ја предупредил жената да не си игра со животот и да не му противречи на еден толку важен човек како него? Не. Јасно е дека оваа жена не се исплашила од Исус. Таа не само што побарала помош од него туку и упорно го молела, иако се чинело дека тој не сака да ѝ помогне. Исус видел дека нејзината упорност е резултат на извонредна вера, и затоа ја излекувал ќерка ѝ (Матеј 15:22-28). Значи, Исус бил разумен, спремен да сослуша и да попушти кога тоа било на место, и затоа луѓето слободно му пристапувале во секое време.

Дали ти си пристаплив?

19. Од каде можеме да знаеме дали сме навистина пристапливи?

19 Секој сака да си мисли за себе дека е пристаплив. На пример, некои луѓе на положба имаат обичај да кажат дека нивната врата е секогаш отворена, дека оние што се под нив можат слободно да им пристапат во секое време. Но, Библијата го дава ова силно предупредување: „Многу луѓе се фалат со својата добрина, но кој ќе најде верен човек?“ (Изреки 20:6). Лесно е да кажеме дека сме пристапливи, но дали навистина се трудиме да бидеме верни во овој аспект од љубовта на Исус? Одговорот на ова прашање лежи во тоа како нѐ гледаат другите, а не како ние се гледаме себеси. Павле рекол: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Би било добро секој од нас да се праша: ,Што мислат другите за мене? На каков глас сум во околината?‘

Старешините се трудат да бидат пристапливи

20. а) Зошто е важно христијанските старешини да бидат пристапливи? б) Зошто треба да имаме разумни очекувања од старешините во собранието?

20 Особено христијанските старешини се трудат да бидат пристапливи. Тие искрено сакаат да живеат во склад со описот што е запишан во Исаија 32:1, 2: „Секој ќе биде како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“. Старешините ќе можат да понудат такво прибежиште, освежување и олеснување само ако се пристапливи. Се разбира, ова нема секогаш да биде лесно, бидејќи старешините имаат големи одговорности во овие тешки времиња. Сепак, тие се трудат да не бидат зафатени до тој степен што нема да можат да се грижат за потребите на Јеховините овци (1. Петрово 5:2). Другите членови на собранието се трудат да бидат разумни во она што го очекуваат од овие верни мажи, и затоа понизно соработуваат со нив (Евреите 13:17).

21. Како можат родителите да бидат достапни за своите деца, и за што ќе зборуваме во следното поглавје?

21 Родителите се трудат секогаш да бидат достапни за своите деца. Ова е многу важно. Тие сакаат нивните деца да знаат дека слободно можат да им се доверат на мама и тато. Затоа христијанските родители се трудат да бидат благи и разумни, и да не реагираат бурно кога некое од децата ќе признае дека направило грешка или, пак, погрешно размислува во врска со некоја работа. Додека стрпливо ги поучуваат децата, родителите секогаш се трудат отворено да разговараат со нив за сѐ. Всушност, сите ние сакаме да бидеме пристапливи како што бил Исус. Во следното поглавје ќе зборуваме за длабокото сочувство што го покажувал кон луѓето. Тоа е една од неговите главни особини што му помогнале да биде пристаплив.

^ пас. 14 Оние што учеле хемија знаат дека оловото и златото се речиси едно до друго во периодниот систем на елементите. Атомот на олово има во своето јадро само три протони повеќе од атомот на златото. Денес физичарите дури успеале да претворат мали количини олово во злато, но за овој процес се троши толку многу енергија што не се исплаќа.