Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОСУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Оди по мене!“

„Оди по мене!“

1-3. а) Како Исус се разделил од апостолите, и зошто ова не било тажна разделба? б) Зошто треба да дознаеме што се случило со Исус откако се вратил на небото?

ЕДИНАЕСЕТ души стојат собрани на една гора. Тие со голема љубов и ценење гледаат во дванаесеттиот што стои таму заедно со нив. Иако изгледа како обичен човек, тоа, всушност, е воскреснатиот Исус, кој сега повторно е најмоќниот духовен Син на Јехова. Исус ги собрал своите апостоли на Маслинската Гора за да се види со нив за последен пат.

2 Оваа гора, дел од варовничкиот планински венец кој се протега по должината на Кедронската Долина спроти Ерусалим, сигурно го потсетува Исус на многу настани од неговиот живот. На овие падини е сместено гратчето Витанија, каде што го воскреснал Лазар. Само неколку седмици пред тоа, тој тргнал од соседната Витфага и влегол јавајќи на магаре во Ерусалим, каде што бил пречекан како Цар. Веројатно на Маслинската Гора се наоѓа и градината Гетсиманија, каде што Исус ги поминал последните мачни часови пред да биде уапсен. Сега, на истиот тој рид, Исус е спремен да се раздели од своите најблиски пријатели и следбеници. Но, пред да се разделат, тој им се обраќа со срдечни зборови. Потоа се подига од земјата! Апостолите стојат стаписани, гледајќи без да трепнат во својот сакан Господар додека тој се крева кон небото. На крајот го сокрива облак, и тие повеќе не можат да го видат (Дела 1:6-12).

3 Можеби оваа сцена те трогнува зашто ти личи на тажна разделба, на последно збогум. Но, дали навистина е разделба? Не, не е. Всушност, според она што сега им го кажуваат двајца ангели на апостолите, ова воопшто не е крај (Дела 1:10, 11). Во многу погледи, Исусовото заминување на небото е само почеток. Божјата реч јасно ни кажува што се случило потоа со Исус. За нас е важно да дознаеме што правел тој откако заминал од Земјата. Зошто? Па, сети се што му кажал Исус на Петар: „Оди по мене!“ (Јован 21:19, 22). Сите ние треба да ја слушаме оваа заповед, но не само за кратко време, туку цел живот. За да го правиме тоа, треба да разбереме што се случува со нашиот Господар сега и какви задачи добил на небото.

Како живеел Исус откако заминал од Земјата

4. Како Библијата однапред открила што требало да се случи на небото откако Исус се вратил таму?

4 Светото писмо не ни кажува ништо за тоа како Исус пристигнал на небото, како бил пречекан и колку била радосна повторната средба со неговиот Татко. Сепак, Библијата ни открила доста однапред што требало да се случи на небото веднаш откако Исус се вратил таму. Во времето на Исус, Евреите веќе 15 века редовно присуствувале на еден свет обред. Еднаш годишно, првосвештеникот влегувал во Светињата над светињите што се наоѓала во храмот, и таму, пред Ковчегот на сојузот, попрскувал со крвта од жртвите принесени на Денот на очистувањето. Тој ден првосвештеникот симболично го претставувал Месијата. Откако се вратил на небото, Исус — еднаш засекогаш — го исполнил пророчкото значење на овој обред. Тој се појавил пред величествениот Јехова на небото — во најсветото место во вселената — и му ја принел на својот Татко вредноста на својата откупна жртва (Евреите 9:11, 12, 24). Дали Јехова ја прифатил?

5, 6. а) Што покажало дека Јехова ја прифатил Христовата откупна жртва? б) Кој има корист од откупнината, и како?

5 Одговорот ќе го дознаеме ако размислиме што се случило неколку дена откако Исус се вознел на небото. Додека една мала група од 120 христијани седеле во една горна соба во Ерусалим, одеднаш се слушнал шум, како при налет на силен ветар. Над главите им се појавило нешто како пламенчиња, тие се исполниле со свет дух и почнале да зборуваат на разни јазици (Дела 2:1-4). Овој настан го означил раѓањето на еден нов народ, духовниот Израел, односно новиот Божји „избран род“ и „царско свештенство“, кое требало да ја извршува Божјата волја на Земјата (1. Петрово 2:9). Тоа било јасен доказ дека Јехова Бог ја прифатил Христовата откупна жртва. Излевањето на светиот дух било еден од првите благослови што Јехова ги подарил благодарение на таа жртва.

6 Оттогаш наваму, Христовата откупнина им користи на неговите следбеници насекаде во светот. Сеедно дали сме од помазаното „мало стадо“, кое ќе владее со Христос на небото, или од ‚другите овци‘, кои ќе живеат под неговата влада на Земјата, ние имаме корист од неговата жртва (Лука 12:32; Јован 10:16). Благодарение на неа имаме надеж, и Јехова ни ги простува гревовите. Сѐ додека веруваме во таа откупнина и го следиме Исус од ден на ден, можеме да имаме чиста совест и да очекуваме светла иднина (Јован 3:16).

7. Каква власт добил Исус откако се вратил на небото, и како можеш да му покажеш дека си на негова страна?

7 Што правел Исус откако се вратил на небото? Тој добил огромна власт (Матеј 28:18). Всушност, Јехова го овластил да управува со христијанското собрание, задача што тој ја извршува праведно и со љубов (Колошаните 1:13). Како што било проречено, Исус се погрижил да има одговорни мажи кои ќе водат сметка за потребите на неговото стадо (Ефешаните 4:8). На пример, го избрал Павле за ‚апостол на другите народи‘ и го испратил да ја шири добрата вест насекаде (Римјаните 11:13; 1. Тимотеј 2:7). При крајот на првиот век, Исус им испратил пораки со пофалби, совети и исправки на седум собранија во римската провинција Азија (Откровение, поглавја 2, 3). Дали ти лично го признаваш Исус за Глава на христијанското собрание? (Ефешаните 5:23). За да продолжиш да одиш по него, треба и понатаму да го даваш својот дел за во твоето собрание да владее дух на послушност и соработка.

8, 9. Каква власт добил Исус во 1914 год., и каква врска има тоа со одлуките што ние ги донесуваме?

8 Исус добил уште поголема власт во 1914 год., кога бил устоличен како Цар на Јеховиното месијанско Царство. Штом почнал да владее, ‚избувнала војна на небото‘. Какви биле последиците од таа војна? Сатана и неговите демони биле исфрлени на Земјата, и со тоа започнал еден период на неволји. Војните што беснеат насекаде, криминалот, насилството, болестите, земјотресите и гладот со кој се соочуваат луѓето денес, нѐ потсетуваат дека сега Исус владее на небото. Иако Сатана сѐ уште е ‚владетел на овој свет‘, му останува само „кратко време“ (Откровение 12:7-12; Јован 12:31; Матеј 24:3-7; Лука 21:11). Меѓутоа, Исус им дава можност на сите луѓе да го прифатат неговото владеење.

9 Многу е важно да застанеме на страната на месијанскиот Цар. Со секоја одлука што ја донесуваме, мораме да се трудиме да му угодиме нему, а не на овој расипан свет. Додека овој „Цар над царевите и Господар над господарите“ ги испитува луѓето, неговото праведно срце пламнува од гнев, но и се прелева од радост (Откровение 19:16). Зошто?

Гневот и радоста на месијанскиот Цар

10. Каков е Исус по природа, но сепак, што е тоа што кај нашиот Господар предизвикува праведен гнев?

10 Исто како својот Татко, нашиот Господар по природа е среќна личност (1. Тимотеј 1:11). Кога бил човек, Исус не им наоѓал маани на луѓето и не било тешко да му се угоди. Сепак, денес на Земјата се случуваат многу работи што кај него сигурно предизвикуваат праведен гнев. Тој мора да е многу гневен на сите тие верски организации што лажат дека се негови застапници. Во врска со нив прорекол: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата. Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господару, Господару... не правевме ли многубројни моќни дела во твое име?‘ Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:21-23).

11-13. Зошто некои можеби се чудат на острите зборови што Исус им ги кажал на оние што прават „многубројни моќни дела“ во негово име, но зошто тој има право да се гневи? Наведи пример.

11 На мнозина што денес се нарекуваат христијани, овие зборови можеби им звучат чудно. Зошто Исус би им кажал вакви остри зборови на луѓето што правеле „многубројни моќни дела“ во негово име? Црквите на христијанскиот свет организираат добротворни акции, им помагаат на сиромашните, градат болници и училишта, и прават многу други работи. За да разбереме зошто и покрај сето тоа Исус со право се гневи на нив, да размислиме за следнава споредба.

12 Во едно семејство, таткото и мајката треба да одат на пат. Бидејќи не можат да ги поведат и своите деца, тие наоѓаат жена за ги чува. Ѝ даваат едноставни упатства: „Грижи се за децата. Давај им да јадат, води сметка да бидат чисти и гледај да не се повредат“. Но, кога родителите се враќаат, не можат да си поверуваат на очите — нивните деца се мртви гладни! Извалкани се, пребледени и несреќни. Ја молат жената за внимание, но таа не ги ни погледнува. Зошто? Си нашла друга работа — се качила на скала и ги брише прозорците! Разбеснетите родители сакаат да знаат што се случува. А таа одговара: „Видете што сѐ направив за вас! Куќата ви свети! Ги избришав прозорците и поправив сѐ што беше расипано!“ Дали родителите ќе се смират? Во никој случај! Воопшто не барале такво нешто од неа. Тие само сакале да ги чува децата. Нормално дека ќе бидат многу лути што не ги послушала нивните упатства.

13 Христијанскиот свет постапува како таа жена. Исус им дал упатства на своите застапници да ги хранат луѓето духовно, односно да ги поучуваат за вистината од Божјата реч, и да им помагаат да останат духовно чисти (Јован 21:15-17). Но, црквите во христијанскиот свет воопшто не ги послушале неговите упатства. Го оставиле народот духовно да гладува, го збуниле со лаги и не му ги кажале ни основните библиски вистини (Исаија 65:13; Амос 8:11). Дури и тоа што се обидуваат да го подобрат овој свет не е никаков изговор за нивната намерна непослушност. На крајот на краиштата, овој свет и така е како куќа која е обележана за рушење! Божјата реч јасно кажува дека Сатановиот светски поредок наскоро ќе биде уништен (1. Јованово 2:15-17).

14. На кое дело се радува Исус денес, и зошто?

14 Од друга страна, Исус мора да е многу среќен кога гледа одозгора како милиони луѓе го извршуваат налогот да прават ученици што тој им го дал на своите следбеници пред да си замине од Земјата (Матеј 28:19, 20). Колку голема чест имаме да го радуваме месијанскиот Цар! Затоа, да бидеме решени никогаш да не престанеме да му помагаме на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). За разлика од свештенството на христијанскиот свет, оваа мала група од помазани браќа послушно предводи во проповедничкото дело и верно ги храни Христовите овци.

15, 16. а) Како се чувствува Исус кога гледа дека денес во светот нема љубов, и од каде го знаеме тоа? б) Зошто Исус со право се гневи на христијанскиот свет?

15 Можеме да бидеме сигурни дека Царот се гневи кога гледа дека денес нема љубов на Земјата. Можеби се сеќаваш како фарисеите го критикувале Исус затоа што лекувал во сабота. Тие биле толку бездушни и закоравени што не сакале за жива глава да отстапат од усниот закон и од своето сопствено тесноградо толкување на Мојсеевиот закон. Со своите чуда, Исус им направил огромна добрина на многу луѓе! Но, на тие фарисеи ништо не им значеле ни радоста, ни утехата, ни силната вера што ги чувствувале луѓето благодарение на овие чуда. Што мислел Исус за тие верски водачи? Во една прилика тој ‚налутено ги погледнал сите наоколу, длабоко разжалостен поради неосетливоста на нивните срца‘ (Марко 3:5).

16 Денес, Исус гледа многу повеќе работи што уште ‚подлабоко го разжалостуваат‘. Водачите во христијанскиот свет се заслепени од својата оддаденост на традициите и на учењата кои се косат со Библијата. Освен тоа, тие се бесни затоа што се проповеда добрата вест за Божјето Царство. Во многу делови од светот, свештениците подбуцнуваат свирепо прогонство против христијаните што искрено се трудат да ја проповедаат истата порака што ја проповедал Исус (Јован 16:2; Откровение 18:4, 24). Истовремено, истите тие свештеници честопати ги поттикнуваат своите сопствени следбеници да одат во војна и да ги убиваат другите — небаре со тоа му угодуваат на Исус Христос!

17. Како вистинските следбеници на Исус го радуваат неговото срце?

17 За разлика од нив, вистинските следбеници на Исус истрајно покажуваат љубов кон своите ближни. Тие им ја кажуваат добрата вест на „најразлични луѓе“, исто како што правел Исус, и тоа го прават и покрај прогонството (1. Тимотеј 2:4). Љубовта што ја покажуваат еден кон друг е нешто посебно; тоа е главниот знак по кој се препознаваат (Јован 13:34, 35). Тие се однесуваат со соверниците со љубов, почит и достоинство. Така навистина го следат Исус — и го радуваат срцето на овој месијански Цар!

18. Што го разжалостува нашиот Господар, но како можеме ние да му угодиме?

18 Исто така, да не заборавиме дека на нашиот Господар му е многу тешко кога неговите следбеници не успеваат да истраат, односно дозволуваат нивната љубов кон Јехова да олади и престануваат да му служат (Откровение 2:4, 5). Но, Исус е задоволен со оние што истрајуваат до крајот (Матеј 24:13). Затоа, никогаш да не ја заборавиме Христовата заповед: „Оди по мене!“ (Јован 21:19). Да видиме накратко какви благослови ќе излее месијанскиот Цар врз оние што ќе истраат до крајот.

Благослови за верните слуги на Царот

19, 20. а) Какви благослови имаме денес од тоа што го следиме Исус? б) Како тоа што ќе бидеме како Христос ќе ни помогне да ја задоволиме нашата потреба од Вечен Татко?

19 Тоа што го следиме Исус ни помага уште денес да водиме навистина среќен живот. Ако го прифатиме Христос како свој Господар, ако ги слушаме неговите упатства и ако го следиме неговиот пример, ќе најдеме богатства што луѓето низ целиот свет залудно ги бараат. Ќе учествуваме во едно дело што ќе му даде смисла на нашиот живот, ќе бидеме дел од семејството на Божји слуги кои ги обединува вистинска љубов и ќе имаме чиста совест и душевен мир. Накратко, ќе водиме еден исполнет и смисловен живот. Но, тоа не е сѐ.

20 Јехова им го дал Исус како „Вечен Татко“ на оние што се надеваат да живеат засекогаш на Земјата. Исус е замена за човечкиот татко, Адам, кој целосно ги изневерил своите потомци (Исаија 9:6, 7). Ако го прифатиме Исус како „Вечен Татко“ и ако веруваме во него, ќе имаме сигурна надеж за вечен живот. Освен тоа, така стануваме сѐ поблиски со Јехова Бог. Како што видовме, ако се трудиме секој ден да го следиме примерот на Исус, на најдобар можен начин ќе ѝ бидеме послушни на следнава Божја заповед: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“ (Ефешаните 5:1).

21. Како следбениците на Христос шират светлина во овој мрачен свет?

21 Кога се угледуваме на Исус и на неговиот Татко, Јехова, правиме нешто прекрасно. Од нас зрачи блескава светлина. Во овој свет што е обвиткан во темнина, во кој милијарди луѓе се заведени од Сатана и ги покажуваат неговите особини, ние, како следбеници на Исус, ја шириме насекаде најблескавата можна светлина, односно ги шириме библиските вистини, покажуваме прекрасни христијански особини, и имаме вистинска радост, мир и љубов. Поради ова стануваме поблиски со Јехова, а тоа е крајната и највисока можна цел што треба да ја има секое суштество обдарено со разум.

22, 23. а) Кои благослови им претстојат во иднина на оние што верно продолжуваат да го следат Исус? б) На што треба да бидеме решени?

22 Размисли и за она што Јехова, заедно со својот месијански Цар, сака да го стори за тебе во иднина. Наскоро тој Цар ќе поведе праведна војна против Сатановиот злобен свет. Неговата победа е сигурна! (Откровение 19:11-15). Потоа ќе започне Христовото илјадагодишно Царство на Земјата. Неговата небесна влада ќе ги примени користите од откупнината на сите верни луѓе, и ќе им помогне да станат совршени. Замисли, ќе бидеш млад, силен и здрав како дрен! Ќе учествуваш во нешто прекрасно — ти и сите други луѓе сложно и радосно ќе работите за да ја претворите Земјата во рај! На крајот на тие илјада години, Исус ќе му ја предаде власта на својот Татко (1. Коринќаните 15:24). Ако продолжиш верно да го следиш Христос, ќе бидеш меѓу оние што ќе добијат неверојатен благослов — „славната слобода на Божјите деца“! (Римјаните 8:21). Ние сигурно ќе ги добиеме сите благослови што ги изгубиле Адам и Ева. Како земни синови и ќерки на Јехова, од нас засекогаш ќе биде избришана и последната трага од гревот на Адам. Всушност, ниту „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4).

23 Сети се на богатиот млад поглавар за кого стана збор во првото поглавје. Тој ја одбил поканата која му ја упатил Исус кога му рекол да ‚појде по него‘ (Марко 10:17-22). Немој да ја направиш истата грешка! Прифати ја оваа покана од Исус со радост и воодушевеност. Биди решен да истраеш, да продолжиш да го следиш Добриот Пастир од ден на ден, од година во година, и да бидеш жив кога тој конечно ќе ги исполни сите Јеховини намери на еден величествен начин!