Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 7

Бог ги ослободува Израелците од ропство

Бог ги ослободува Израелците од ропство

Јехова му нанесува неволји на Египет, и Мојсеј ги изведува Израелците од таа земја. Бог им го дава Законот преку Мојсеј

ИЗРАЕЛЦИТЕ останале во Египет со децении. Живееле во благосостојба и станувале сѐ побројни. Но, на власт дошол нов фараон, кој не го познавал Јосиф. Овој немилосрден тиранин се плашел од Израелците затоа што станале многубројни, па од нив направил робови и заповедал сите нивни машки новороденчиња да бидат фрлени во реката Нил. Но, една храбра мајка го заштитила своето доенче ставајќи го во кошница која ја скрила во трските. Ќерката на фараонот го нашла бебето, му го дала името Мојсеј и го одгледала на египетскиот двор.

Кога имал 40 години, Мојсеј се нашол во неволја. Сакајќи да одбрани еден израелски роб, го убил неговиот надзорник, кој бил Египќанец. Поради тоа морал да избега во далечна земја, каде што останал да живее. Кога наполнил 80 години, Јехова му заповедал да се врати во Египет и да побара од фараонот да го ослободи Божјиот народ.

Фараонот не сакал да чуе за такво нешто. Затоа Бог му нанел десет неволји на Египет. Секојпат кога Мојсеј доаѓал пред фараонот и му давал можност да ја избегне следната неволја, фараонот бил дрзок и одбивал да ги исполни барањата на Мојсеј и на неговиот Бог, Јехова. На крајот, во последната, десетта неволја, загинале сите првородени во земјата. Биле поштедени само семејствата што го послушале Јехова и ги обележале довратниците на своите куќи со крвта на јагнето кое морале да го принесат за жртва. Божјиот ангел, кој поминал за да ги убие сите првородени, ги прескокнал тие куќи. По тој настан, Израелците почнале секоја година да го одбележуваат тоа величествено избавување славејќи го празникот Пасха.

Бидејќи и самиот го изгубил својот првороден син, фараонот им наредил на Мојсеј и на сите Израелци да излезат од Египет. Народот веднаш се подготвил и заминал. Но, фараонот се премислил и тргнал во потера по нив со голема војска и со многубројни бојни коли. Изгледало како Израелците да се фатени во стапица на брегот на Црвеното Море. Но, Јехова го раздвоил морето, и Израелците поминале по сувото морско дно, додека водата стоела како ѕид одлево и оддесно. Кога Египќаните јурнале по нив, Бог заповедал водите да се вратат, и така фараонот и неговата војска се удавиле.

Подоцна, кога Израелците се улогориле во подножјето на планината Синај, Јехова склучил сојуз со нив. Посредник на тој сојуз бил Мојсеј. Бог им дал закони за да ги водат и да ги штитат на речиси секое поле од животот. Освен тоа, им ветил дека ќе биде со нив сѐ додека верно му служат и го прифаќаат како свој Владетел, и дека преку нив ќе ги благословува и другите народи.

За жал, повеќето Израелци не покажале вера во Бог. Затоа Јехова дозволил тоа поколение да талка 40 години низ пустината. Пред да умре, Мојсеј го поставил за свој наследник Исус Навин, кој бил праведен човек. На крајот, Израелците биле подготвени да влезат во земјата што Бог му ја ветил на Авраам.

Се темели на 2. Мојсеева, 3. Мојсеева, 4. Мојсеева, 5. Мојсеева, Псалм 136:10-15 и Дела 7:17-36.