ДЕЛ 23
Добрата вест се шири
Павле патува по копно и по море за да ја проповеда добрата вест
ПО СВОЕТО преобраќање, Павле ревносно ја проповедал добрата вест за Божјето Царство. Но, сега, и овој некогашен противник на христијанството се соочил со жестоко прогонство. Тој неуморен апостол бил на неколку мисионерски патувања и пропатувал многу километри за да ја шири добрата вест за Царството кое ќе ја исполни Божјата првобитна намера со човештвото.
На своето прво мисионерско патување, додека бил во Листра, Павле излекувал еден човек кој бил сакат од раѓање. Мноштвото луѓе што го виделе тоа почнале да извикуваат дека Павле и неговиот соработник Варнава се богови. Тие двајца едвај успеале да ги спречат да им принесат жртви. Но, подбуцнати од непријателите на Павле, истите луѓе подоцна го каменувале и го оставиле да лежи надвор од градот мислејќи дека е мртов. Павле го преживеал тоа и подоцна се вратил назад за да ги охрабри и да ги зајакне учениците.
Некои христијани со еврејско потекло тврделе дека христијаните со нееврејско потекло мораат да држат извесни одредби од Мојсеевиот закон. Павле го изнел ова прашање пред апостолите и старешините во Ерусалим. Откако под водство на Божјиот дух внимателно ги разгледале светите списи, тие им напишале писмо на собранијата во кое им наложиле да се воздржуваат од идолопоклонство, од крв, од неискрвавено месо и од блуд. Овие работи спаѓале во она „што е неопходно“. Но држењето на тие заповеди не значело дека треба да го држат и целиот Мојсеев закон (Дела 15:28, 29).
На своето второ мисионерско патување, Павле бил во Верија, која се наоѓала на подрачјето на денешна Грција. Евреите кои живееле таму ја прифатиле речта со сето срце и секој ден го истражувале Писмото за да видат дали е точно она што им го зборувал Павле. Но, поради противењето, тој повторно морал да замине, овој пат за Атина. Пред една група образовани Атињани, Павле одржал силен и длабок говор кој е одличен пример за тактичност, добро просудување и уверливо говорење.
По своето трето мисионерско патување, Павле отишол во Ерусалим. Кога дошол во храмот, некои Евреи направиле метеж со намера да го убијат. Се вмешале римските војници, и потоа Павле бил сослушан. Како римски граѓанин, подоцна ја изнел својата одбрана пред римскиот намесник Феликс. Евреите не можеле да докажат ниту едно од обвиненијата што ги изнеле против Павле. За да не дојде до тоа римскиот намесник Фест да го предаде на Евреите, Павле рекол: „Ќе се жалам пред цезарот!“ А Фест му одговорил: „Ќе одиш пред цезарот!“ (Дела 25:11, 12).
Павле бил одведен со брод во Италија за таму да излезе на суд. Бидејќи на тоа патување доживеал бродолом, морал да ја помине зимата на островот Малта. Кога конечно пристигнал во Рим, останал две години во една изнајмена куќа. Иако бил под стража, овој ревносен апостол и понатаму им проповедал за Божјето Царство на сите што доаѓале да го видат.
Се темели на Дела 11:22—28:31.