ДЕЛ 24
Павле испраќа посланија до собранијата
Павле ги охрабрува првите христијани преку своите посланија
НОВООСНОВАНОТО христијанско собрание требало да одигра важна улога во исполнувањето на Јеховината намера. Но, христијаните во првиот век многу брзо станале мета на прогонство. Дали му останале верни на Бог додека се соочувале со противење однадвор, но и со подмолни опасности во самото собрание? Во Христијанските грчки списи, кои содржат 21 послание, им биле дадени потребните совети и охрабрување.
Четиринаесет од овие посланија — од Посланието до Римјаните до Посланието до Евреите — ги напишал апостол Павле. Имињата им се дадени според лицата или собранијата до кои биле упатени. Да разгледаме некои од работите за кои се зборува во нив.
Морални начела и совети за исправно постапување. Оние што вршат блуд, прељуба и други тешки гревови „нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21; 1. Коринќаните 6:9-11). Божјите слуги мора да бидат обединети без оглед на своето национално потекло (Римјаните 2:11; Ефешаните 4:1-6). Тие треба со радост да им помагаат на соверниците кои се во неволја (2. Коринќаните 9:7). „Молете се непрестајно“, рекол Павле. Тој ги поттикнал соверниците да му ги излеат своите срца на Јехова во молитва (1. Солуњаните 5:17; 2. Солуњаните 3:1; Филипјаните 4:6, 7). Но, Бог ќе ги сослуша молитвите само ако се молиме со вера (Евреите 11:6).
Што ќе им помогне на семејствата да бидат среќни? Мажот треба да ја сака жената како своето тело. Жената треба длабоко да го почитува мажот. Децата треба да ги слушаат родителите зашто тоа му се допаѓа на Бог. Родителите треба со љубов да ги поучуваат и да ги воспитуваат децата, водејќи се притоа според начелата од Божјата Реч (Ефешаните 5:22 — 6:4; Колошаните 3:18-21).
Откривање на Божјата намера. Мојсеевиот закон на многу начини им служел на Израелците како заштита и водич до доаѓањето на Христос (Галатите 3:24). Но, христијаните не мора да се држат за тој Закон за да му угодат на Бог. Во Посланието до Евреите, односно до христијаните со еврејско потекло, Павле објаснува која била целта на Законот и која е Христовата улога во исполнувањето на Јеховината намера. Тој објаснил дека различни аспекти од Законот имале пророчко значење. На пример, принесувањето на животинските жртви укажувало на жртвената смрт на Исус, која овозможила вистинско простување на гревовите (Евреите 10:1-4). Со смртта на Исус, Бог го укинал сојузот на Законот бидејќи повеќе не бил потребен (Колошаните 2:13-17; Евреите 8:13).
Упатства за организирање на собранието. Мажите кои се спремни да преземат одговорности во собранието мора да живеат според високи морални мерила и да ги исполнат условите што се наведени во Божјата Реч (1. Тимотеј 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9). Божјите слуги треба редовно да се состануваат со соверниците за да се храбрат еден со друг (Евреите 10:24, 25). Таквите состаноци треба да бидат поучни и да ги изградуваат присутните (1. Коринќаните 14:26, 31).
Во времето кога го пишувал своето Второ послание до Тимотеј, Павле повторно се наоѓал во Рим. Бил во затвор и ја чекал пресудата. Го посетувале само неколку браќа кои биле доволно храбри да се изложат на таков ризик. Павле знаел дека му останува уште малку време. Тој рекол: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував“ (2. Тимотеј 4:7). Веројатно кратко потоа Павле бил погубен. Но, неговите посланија до ден-денес им даваат сигурно водство на вистинските Божји слуги.
Се темели на Римјаните, 1. Коринќаните, 2. Коринќаните, Галатите, Ефешаните, Филипјаните, Колошаните, 1. Солуњаните, 2. Солуњаните, 1. Тимотеј, 2. Тимотеј, Тит, Филимон и Евреите.