ПРАШАЊЕ 4
Што треба да направам кога ќе згрешам?
ШТО БИ НАПРАВИЛ ТИ?
Замисли си ја следнава ситуација: Додека си игра со другарите, Томи ја шутира топката и несакајќи го крши стаклото од колата на соседот.
Што би направил ти доколку се најдеш во иста ситуација?
ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!
ИМАШ ТРИ ОПЦИИ:
-
А. Да избегаш.
-
Б. Да обвиниш некој друг.
-
В. Да му кажеш на соседот што се случило и да понудиш да ја платиш штетата.
Можеби ти е најлесно да ја одбереш опцијата под А. Сепак, секогаш е добро да си ги признаеш грешките, без разлика дали станува збор за скршено стакло или за нешто друго.
ТРИ ПРИЧИНИ ЗОШТО ТРЕБА ДА СИ ГИ ПРИЗНАВАШ ГРЕШКИТЕ
-
Тоа е исправно и чесно.
Во Библијата пишува: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).
-
Другите се поспремни да им простат на оние што ги признаваат своите грешки.
Во Библијата пишува: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13).
-
Најважно од сѐ, тоа го радува Бог.
Во Библијата пишува: „На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изреки 3:32).
Катерина (20), добила казна за брзо возење и ја криела од својот татко. Но, не можела да ја крие засекогаш. Катерина вели: „Една година подоцна, татко ми дозна за казната. Со тоа си направив уште поголеми проблеми“.
Која е поуката од ова? Катерина вели: „Ако ги криеш грешките, уште полошо ќе си поминеш. Кога-тогаш, ќе мора да поднесеш сметка за тоа што си го направил“.
УЧИ ОД СВОИТЕ ГРЕШКИ
Во Библијата пишува: „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2). Но, ако веднаш си ги признаваме грешките, покажуваме дека сме понизни и зрели личности.
Освен тоа, многу е важно да учиш од своите грешки. Една девојка по име Вера вели: „Се обидувам од секоја своја грешка да научам како да бидам подобра личност и што да направам ако пак се најдам во слична ситуација“. Да видиме како може да учиш од своите грешки.
Го позајмуваш велосипедот од татко ти и го расипуваш. Што ќе направиш?
-
Ќе премолчиш, надевајќи се дека татко ти нема ништо да забележи.
-
Ќе му кажеш што точно се случило.
-
Ќе му кажеш што се случило, но ќе ја префрлиш вината на некој друг.
Добиваш единица на тест затоа што книга не си фатил в рака. Што ќе направиш?
-
Ќе кажеш дека тестот бил претежок.
-
Ќе признаеш дека самиот си крив за лошата оценка.
-
Ќе тврдиш дека професорот те мрази.
Сега, повторно врати се на претходните ситуации и замисли дека во првата си на местото на татко ти, а во втората си на местото на професорот. Што би мислеле за тебе татко ти и професорот кога веднаш би си ги признал грешките? Што би мислеле за тебе кога би се обидел да ги скриеш?
Обиди се да се сетиш на некоја грешка што си ја направил изминатава година и одговори на следниве прашања.
Каква грешка направи? Како реагираше потоа?
-
Не кажа никому.
-
Обвини некој друг.
-
Веднаш ја призна.
Доколку не си ја признал грешката, како се чувствуваше потоа?
-
Супер, успеав да се извлечам!
-
Чувствував вина — требаше да ја кажам вистината.
Размисли дали си можел да постапиш на подобар начин.
Што научи од твојата грешка?
ШТО МИСЛИШ?
Зошто на некои луѓе им е тешко да си ги признаваат грешките?
Што ќе мислат другите за тебе ако постојано се обидуваш да ги скриеш своите грешки, а што ќе мислат ако си ги признаваш грешките? (Лука 16:10).