Предговор
Драг читателе,
Се чувствуваш ли близок со Бог? На мнозина тоа им се чини невозможно. Некои мислат дека тој воопшто не е заинтересиран за нас. Други се чувствуваат премногу безначајни за да бидат блиски со него. Меѓутоа, Библијата ни го дава овој убав поттик: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8). Тој дури и ги уверува своите слуги: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:13).
Како можеме да развиеме такво пријателство со Бог? Па, за кои луѓе велиме дека ни се пријатели? Оние што добро ги познаваме и ги цениме поради нивните особини. Затоа, многу е важно да ја проучуваме Библијата зашто од неа дознаваме какви особини има Бог и како постапува тој. Ако размислуваме за начинот на кој Јехова ги покажува неговите особини, ако учиме од Исус Христос кој совршено ги покажувал истите тие особини и ако сфатиме како и ние да ги покажуваме, ќе станеме уште поблиски со Бог. Ќе сфатиме дека Јехова е совршен и законски Владетел на целата вселена. Освен тоа, тој е најдобриот Татко што постои. Јехова е моќен, праведен, мудар и полн со љубов и затоа никогаш не ги напушта своите верни деца.
Се надеваме дека оваа книга ќе ти помогне да станеш уште поблизок со Јехова Бог и да стекнеш пријателство со него што не ќе може ништо да го раскине. Така ќе можеш да го славиш во сета вечност.
Издавачите