Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 34

Како може да покажеме дека го сакаме Јехова?

Како може да покажеме дека го сакаме Јехова?

Со оглед на тоа дека веќе некое време ја проучуваш Библијата, дали чувствуваш дека си станал поблизок со Бог? Дали сакаш и понатаму да го зајакнуваш твоето пријателство со него? Имај на ум дека, колку повеќе Јехова гледа дека твојата љубов кон него расте толку повеќе и тој ќе те сака и ќе се грижи за тебе. Како можеш да му покажеш дека го сакаш?

1. Како му покажуваме на Јехова дека го сакаме?

Му покажуваме на Јехова дека го сакаме со тоа што сме му послушни. (Прочитај 1. Јованово 5:3.) Тој никого не присилува да му биде послушен. Напротив, на секого од нас му дава можност да избере дали ќе го слуша или не. Зошто? Затоа што сака да му бидеме послушни од срце (Римјаните 6:17). Со други зборови, тој сака да му бидеш послушен не затоа што мораш, туку затоа што сакаш. Од третиот и од четвртиот дел од оваа книга ќе дознаеш како можеш да ја покажеш твојата љубов кон Јехова, односно кои работи треба да ги правиш за да го радуваш неговото срце, а кои работи не треба да ги правиш.

2. Зошто не е секогаш лесно да покажеме дека го сакаме Јехова?

„Многу неволји има праведникот“ (Псалм 34:19). Сите ние се бориме со нашите слабости. Освен тоа, можеби се соочуваме со финансиски проблеми, неправди и други потешкотии. Кога се наоѓаме во тешки ситуации, можеби не ни е лесно да постапуваме онака како што сака Јехова бидејќи полесно ни е да ги правиме работите по свое. Но, ако секогаш се трудиш да го правиш она што Јехова го бара од тебе, ќе покажеш дека го сакаш повеќе од сѐ друго и дека си му верен. Така и тој ќе постапува верно со тебе и нема никогаш да те остави. (Прочитај Псалм 4:3.)

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе дознаеш зошто Јехова се радува кога сме му послушни и ќе видиш што може да ти помогне да му останеш верен.

3. Спорно прашање во кое си вклучен и ти

Од библиската книга Јов дознаваме дека Сатана изнел едно обвинение — и тоа не само против Јов туку и против сите луѓе што сакаат да му служат на Јехова. Прочитај Јов 1:1, 6 — 2:10, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Според Сатана, зошто Јов му бил послушен на Јехова? (Види во Јов 1:9-11.)

  • Што тврдел Сатана во врска со сите луѓе, вклучувајќи те и тебе? (Види во Јов 2:4.)

Прочитај Јов 27:5б, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Како Јов докажал дека вистински го сака Јехова?

Јов докажал дека го сака Јехова со тоа што му останал верен

Ние докажуваме дека го сакаме Јехова со тоа што му остануваме верни

4. Радувај го Јеховиното срце

Прочитај Изреки 27:11, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Како се чувствува Јехова кога постапуваш мудро и си му послушен? Зошто се чувствува така?

5. Ти можеш да му бидеш верен на Јехова

Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да им кажуваме на другите за него, а верноста кон него нѐ поттикнува да го правиме тоа дури и кога не ни е лесно. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:

  • Дали понекогаш ти е тешко да им кажуваш на другите за Јехова?

  • Што му помогна на Грејсон да го надмине стравот?

Ќе ни биде полесно да му останеме верни на Јехова ако го сакаме она што тој го сака и го мразиме она што тој го мрази. Прочитај Псалм 97:10, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • На темел на она што го научи досега, кои се некои работи што Јехова ги сака? Кои се некои работи што тој ги мрази?

  • Што може да ти помогне да го сакаш она што е добро и да го мразиш она што е лошо?

6. Тоа што сме му послушни на Јехова е за наше добро

Секогаш е за наше добро ако сме му послушни на Јехова. Прочитај Исаија 48:17, 18, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Според тебе, дали Јехова секогаш знае што е најдобро за нас? Зошто мислиш така?

  • Како досега ти користело она што си го научил од Библијата и она што си го дознал за вистинскиот Бог, Јехова?

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Не верувам дека на Бог му е важно што правам јас“.

  • Со кој стих би можел да покажеш некому дека со нашите постапки влијаеме врз чувствата на Јехова?

ШТО НАУЧИ:

Покажуваме дека го сакаме Јехова со тоа што сме му послушни и му остануваме верни дури и кога не ни е лесно.

Како би одговорил?

  • Што научи од примерот на Јов?

  • Како ќе покажеш дека го сакаш Јехова?

  • Што ќе ти помогне да му останеш верен на Јехова?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Дознај што може да ти помогне да покажуваш верност кон Јехова и кон неговата организација.

Со верниот постапуваш верно (16:49)

Дознај нешто повеќе за обвиненијата на Сатана против луѓето.

„Јов му останува верен на Бог“ (Библијата — која е нејзината порака?, дел 6)

Види како можат дури и децата да покажат дека го сакаат Јехова.

Радувај го Јехова (8:16)

Како можат младите да му останат верни на Бог кога се под притисок од врсниците да направат нешто погрешно?

Спротивстави се на притисокот од врсниците! (3:59)