ЛЕКЦИЈА 44
Дали Бог ги одобрува сите празници и прослави?
Јехова сака да уживаме во животот и нема ништо против тоа да прославиме одредени настани. Но, дали тој ги одобрува сите празници и прослави? Како можеме и на ова подрачје да покажеме дека го сакаме Јехова?
1. Зошто многу празници и прослави не му се допаѓаат на Јехова?
Можеби ќе се изненадиш дека многу празници и прослави се темелат на небиблиски учења или имаат паганско потекло, односно потекнуваат од лажните религии. Тие можеби се поврзани со окултизам или се темелат на верувањето дека душата е бесмртна. Некои прослави се поврзани со суеверие или со верувањето дека правењето одредени обичаи носи среќа (Исаија 65:11). Јехова ги предупредува своите слуги: „Одвојте се... и повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:17). a
2. Како се чувствува Јехова кога со некои празници им се оддава преголема чест на луѓе?
Јехова нѐ предупредува да не ја полагаме нашата доверба во луѓе. (Прочитај Еремија 17:5.) Со некои празници се воздигнуваат владетели или народни херои. Со други се слават државни симболи или независност (1. Јованово 5:21). А со некои празници се слават политички организации или општествени движења. Како ќе се чувствува Јехова ако им искажуваме преголема чест на луѓе или на организации, особено ако тие се залагаат за идеи спротивни на неговата намера?
3. Како се однесуваат луѓето на некои прослави?
Библијата осудува прекумерно пиење, разуздани забави и пијанки (1. Петрово 4:3). На некои прослави луѓето се однесуваат без контрола и прават неморални работи. За да останеме пријатели со Јехова, мора да се држиме подалеку од сѐ што е нечисто во морален поглед.
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш како можеш да носиш мудри одлуки во врска со разните празници и прослави со цел да го радуваш Јехова.
4. Не учествувај во празници и прослави што не му се допаѓаат на Јехова
Прочитај Ефешаните 5:10, а потоа разговарајте за овие прашања:
-
Што треба да испитаме пред да одлучиме дали ќе учествуваме во некоја прослава?
-
Кои празници и прослави се вообичаени во местото каде што живееш ти?
-
Што мислиш, дали тие празници и прослави му се допаѓаат на Јехова?
На пример, дали некогаш си се прашал што мисли Бог за славењето роденден? Никаде во Библијата не пишува дека некој Божји слуга славел роденден, но во неа се спомнати две роденденски прослави на луѓе што не му служеле на Бог. Прочитај 1. Мојсеева 40:20-22 и Матеј 14:6-10. Потоа, разговарајте за овие прашања:
-
Што им е заедничко на овие две роденденски прослави?
-
На темел на овие библиски извештаи, како гледа Јехова на родендените?
Сепак, можеби се прашуваш: „Зарем на Јехова му е толку важно дали ќе учествувам во некоја роденденска или друга небиблиска прослава?“ Прочитај 2. Мојсеева 32:1-8. Потоа пушти го ВИДЕОКЛИПОТ и разговарајте за следниве прашања:
-
Зошто треба да испитуваме што е прифатливо за Јехова?
-
Како може да го правиме тоа?
Како може да знаеме дали некоја прослава му се допаѓа на Бог?
-
Дали се темели на небиблиски учења? За да го дознаеш одговорот, дознај какво потекло има.
-
Дали со неа се величаат луѓе, организации или државни симболи? Ние го величаме и го славиме Јехова и сме уверени дека тој ќе ги реши проблемите во светот.
-
Дали таа е поврзана со обичаи и постапки кои не се во склад со Библијата? Ние мора да останеме чисти во морален поглед.
5. Помогни им на другите да ги разберат твоите верувања
Можеби нема да ти биде лесно ако другите ти вршат притисок да учествуваш во некоја прослава што Јехова не ја одобрува. Во таков случај, стрпливо и тактично објасни им зошто си одлучил да не учествуваш. За да видиш како би можел да го правиш тоа, пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.
Прочитај Матеј 7:12, а потоа разговарајте за овие прашања:
-
Според овој стих, дали би било во ред да им кажеш на членовите на твоето семејство кои не му служат на Јехова дека не смеат да слават некој празник?
-
Што би можел да направиш за да ги увериш твоите најблиски дека, иако не учествуваш со нив во некоја прослава, сепак ги сакаш и ги цениш?
6. Јехова сака да бидеме среќни
Јехова сака да уживаме во друштвото на семејството и пријателите. Прочитај Проповедник 8:15, а потоа разговарајте за ова прашање:
-
Како овој стих покажува дека Јехова сака да бидеме среќни?
Јехова сака неговите слуги да се забавуваат и да уживаат во меѓусебното дружење. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ за да видиш колку тоа е очигледно на нашите меѓународни конгреси.
Прочитај Галатите 6:10, а потоа разговарајте за овие прашања:
-
Дали празниците се единствената прилика во која можеме „да им правиме добро“ на другите?
-
Кога би бил порадосен — ако си обврзан да дадеш подарок поради некоја прослава или ако подариш нешто од срце?
-
Многу Јеховини сведоци одвреме-навреме организираат нешто интересно за своите деца, па дури и ги изненадуваат со некој подарок. Ако имаш деца, што би можел да направиш за да ги израдуваш?
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Не е важно потеклото на празникот. Важно е да си поминеш убаво со семејството и пријателите“.
-
Што би рекол ти?
ШТО НАУЧИ:
Јехова сака да уживаме во друштвото на семејството и пријателите. Но, тој не сака да учествуваме во празници и прослави што не му се допаѓаат.
Како би одговорил?
-
Кои прашања треба да си ги поставиме за да процениме дали некоја прослава му се допаѓа на Јехова?
-
Како може да им помогнеме на семејството и на пријателите да го разберат нашиот став кон одредени празници и прослави?
-
Од каде знаеме дека Јехова сака да се забавуваме и да бидеме среќни?
ИСТРАЖУВАЈ
Прочитај кои се некои празници што вистинските христијани не ги слават.
„Зошто Јеховините сведоци не слават одредени празници?“ (Статија на интернет)
Дознај поради кои четири причини Јеховините сведоци сметаат дека роденденските прослави не му се допаѓаат на Бог.
„Зошто Јеховините сведоци не слават родендени?“ (Статија на интернет)
Види како децата кои го сакаат Јехова може да го радуваат за време на празниците.
Милиони христијани не слават Божиќ. Прочитај што велат некои од нив во врска со тоа.
„Нешто поубаво од Божиќ“ (Стражарска кула од 1 декември 2012)