Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Писмо од Водечкото тело

Писмо од Водечкото тело

Драги браќа и сестри,

Љубовта кон Бог и кон луѓето нѐ поттикнува да го правиме она што е запишано во Библијата: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги“ (Мат. 28:19, 20; Мар. 12:28-31). Несебичната љубов има голема моќ. Таа може да допре до срцето на оние кои исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48).

Во минатото, се концентриравме на тоа да ги запомниме презентациите и да оставиме публикации. Сега треба да се трудиме да стануваме повешти во водењето разговори. Сакаме да им покажеме љубов на луѓето така што ќе зборуваме за теми што нив ги интересираат. Тоа вклучува да бидеме приспособливи и внимателно да размислуваме за она што ги загрижува и ги интересира. Како оваа брошура ќе ни помогне да го правиме тоа?

Во оваа брошура има 12 лекции во кои се разгледани некои особини што треба да ги развиваме за да покажуваме љубов и за да им помогнеме на луѓето да станат ученици на Христос. Секоја лекција се темели на библиски извештај во кој Исус или некој друг христијанин од првиот век покажал некоја конкретна особина во службата на проповедање. Целта не е да запомниме презентации, туку да бараме начини на кои можеме да покажеме дека ги сакаме луѓето. Иако секоја особина е потребна за сите аспекти од службата, ќе разгледаме како одредени особини се особено потребни кога започнуваме разговори, кога правиме повторни посети или кога водиме библиски курсеви.

Додека ја разгледуваш секоја лекција, внимателно размисли како можеш да ја покажуваш таа особина кога зборуваш со луѓето во местото каде што живееш. Труди се да ја продлабочуваш твојата љубов кон Јехова и кон луѓето. Таа, повеќе од која и да било конкретна техника, ќе ти помогне да ја постигнеш својата цел да им помагаш на луѓето да станат ученици на Исус.

Многу ја цениме честа да соработуваме рамо до рамо со вас (Соф. 3:9). Јехова богато нека ве благословува додека и понатаму им покажувате љубов на луѓето и им помагате да станат ученици на Исус!

Вашите браќа,

Водечко тело на Јеховините сведоци