Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Радувај го Бог со својот живот

Радувај го Бог со својот живот
  • Како можеш да станеш Божји пријател?

  • Како си вклучен и ти во спорното прашање што го подигнал Сатана?

  • Кои работи не ги одобрува Бог?

  • Како можеш да го радуваш Бог со својот живот?

1, 2. Кои се некои луѓе што Јехова ги сметал за свои блиски пријатели?

КАКОВ човек би избрал за пријател? Веројатно би сакал да се дружиш со некој што има слични гледишта, интереси и мерила како твоите. Исто така, би ти се допаднал некој што има убави особини, како што се чесноста и добротата.

2 Бог отсекогаш си избирал некои луѓе за свои блиски пријатели. На пример, Јехова го нарекол Авраам свој пријател. (Прочитај Исаија 41:8; Јаков 2:23.) За Давид кажал дека е ,човек по неговото срце‘ затоа што имал многу убави особини (Дела 13:22). А за пророкот Даниел рекол дека му е „љубимец“ (Даниел 9:23).

3. Зошто Јехова избира некои луѓе за свои пријатели?

3 Зошто Јехова ги сметал Авраам, Давид и Даниел за свои пријатели? Па, тој му рекол на Авраам: „[Ти] го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:18). Значи, Јехова станува близок со оние што понизно го прават она што тој го бара од нив. „Слушајте го мојот глас“, им рекол на Израелците, „и јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете мој народ“ (Еремија 7:23). Ако си му послушен на Јехова, и ти можеш да станеш негов пријател!

ЈЕХОВА ГИ ЗАЈАКНУВА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

4, 5. Како Јехова ја покажува својата сила во полза на својот народ?

4 Размисли што значи да се биде Божји пријател. Библијата вели дека Јехова бара прилики „да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Како може Јехова да ја покаже својата сила во твоја полза? Еден начин е спомнат во Псалм 32:8, каде што читаме дека Јехова вели: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“.

5 Колку трогателен израз на Јеховината грижа! Тој ќе ти го дава потребното водство и ќе те чува додека го следиш. Бог сака да ти помогне да ги пребродиш сите неволји и искушенија. (Прочитај Псалм 55:22.) Затоа, ако му служиш на Јехова со цело срце, можеш да ја имаш истата доверба што ја имал и псалмистот, кој рекол: „Постојано го имам Јехова пред себе. Тој ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам“ (Псалм 16:8; 63:8). Да, Јехова може да ти помогне да живееш онака како што вели тој и со тоа да го радуваш. Но, како што знаеш, Бог има еден непријател што сака да те спречи во тоа.

ОБВИНЕНИЈАТА ОД САТАНА

6. За што ги обвинил Сатана луѓето?

6 Во единаесеттото поглавје од оваа книга беше објаснето дека Сатана Ѓаволот го оспорил Божјето право да владее. Сатана го обвинил Јехова дека лаже и дека не постапил праведно кога не им дозволил на Адам и Ева сами да одлучуваат што е исправно, а што погрешно. Откако Адам и Ева згрешиле и на Земјата веќе имало многу нивни потомци, Сатана ги довел во прашање мотивите на сите луѓе. Тој тврдел: ,Луѓето не му служат на Бог од љубов. Само дајте ми шанса, па ќе видите дека можам секого да го свртам против Бог‘. Извештајот за еден човек, кој се викал Јов, покажува дека Сатана бил уверен во тоа. Кој бил Јов, и како бил вмешан во обвиненијата што ги изнел Сатана?

7, 8. а) По што се издвојувал Јов од луѓето во негово време? б) Како Сатана ги довел во прашање мотивите на Јов?

7 Јов живеел пред околу 3.600 години. Тој бил добар човек, и за него Јехова рекол: „На земјата нема таков како него — човек беспрекорен и праведен, кој се бои од Бога и го одбегнува злото“ (Јов 1:8). Јов му бил многу мил на Бог.

8 Меѓутоа, Сатана ги довел во прашање мотивите од кои Јов му служел на Бог. Ѓаволот му рекол на Јехова: „Зарем ти не ги огради и [Јов] и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу? Го благослови делото на неговите раце и неговата стока се намножи по земјата. Туку, те молам, пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице“ (Јов 1:10, 11).

9. Што направил Јехова за да се даде одговор на обвиненијата од Сатана, и зошто?

9 Со ова Сатана тврдел дека Јов му служи на Бог само затоа што има корист од тоа. Ѓаволот исто така тврдел дека, ако Јов се најде на искушение, ќе се сврти против Бог. Што направил Јехова за да се даде одговор на обвиненијата што ги изнел Сатана? Бидејќи во прашање биле мотивите на Јов, Јехова му дозволил на Сатана да го искуша. На тој начин јасно ќе се видело дали Јов го сака или не го сака Бог.

ЈОВ Е ИСКУШАН

10. Кои неволји го снашле Јов, и како реагирал тој?

10 Наскоро Сатана почнал да го искушува Јов на различни начини. Некои од домашните животни на Јов биле украдени, а други биле убиени. Биле убиени и повеќето негови слуги. Така Јов претрпел голема материјална загуба. Трагедијата станала уште поголема кога неговите десет деца загинале во едно силно невреме. Сепак, и покрај сите овие ужасни работи што го снашле, ,Јов не згрешил и не рекол ништо лошо за Бог‘ (Јов 1:22).

11. а) За што друго Сатана го обвинил Јов, и што направил Јехова? б) Како реагирал Јов кога се разболел од тешка болест?

11 Сатана не се откажал. Веројатно си мислел дека, иако Јов не потклекнал кога ги изгубил имотот, слугите и децата, сигурно ќе се сврти против Бог ако се разболи. Јехова му дозволил на Сатана да му нанесе на Јов една одвратна, тешка болест. Но, дури ни тогаш Јов не ја изгубил верата во Бог. Напротив, тој одлучно рекол: „Додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5).

Јов бил награден за својата верност

12. Како докажал Јов дека Ѓаволот не е во право?

12 Јов не бил свесен дека Сатана е тој што ги предизвикува неговите неволји. Бидејќи не знаел дека Ѓаволот го довел во прашање Јеховиното право да владее, си мислел дека Бог му ги предизвикува тие неволји (Јов 6:4; 16:11-14). Сепак, му останал верен на Јехова. Со тоа се докажало дека Сатана не бил во право кога тврдел дека Јов му служи на Бог од себични причини!

13. Што се постигнало со тоа што Јов му останал верен на Бог?

13 Со тоа што Јов останал верен, Јехова можел да даде убедлив одговор со кој го побил навредливото обвинение од Сатана. Јов навистина му бил пријател на Јехова, и Бог го наградил за неговата верност (Јов 42:12-17).

КАКО СИ ВКЛУЧЕН И ТИ

14, 15. Зошто може да се каже дека обвинението што Сатана го изнел против Јов се однесува на сите луѓе?

14 Спорното прашање што го подигнал Сатана, имено, дали луѓето ќе му останат верни на Бог, не се однесувало само на Јов. Во него си вклучен и ти. Ова јасно се гледа од Изреки 27:11, каде што Јеховината Реч вели: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“. Овие зборови биле запишани стотици години по смртта на Јов, што значи дека и со векови подоцна Сатана сѐ уште му се подбивал на Бог и не престанал да ги обвинува неговите слуги. Ако живееме онака како што ни вели Јехова, и ние ќе можеме да ги побиеме лажните обвиненија од Сатана и со тоа да го израдуваме Божјето срце. Што мислиш ти за оваа можност? Зарем не би сакал и ти да придонесеш да се побијат лажните тврдења на Ѓаволот, дури и ако тоа значи дека ќе треба да направиш некои промени во животот?

15 Забележи дека Сатана рекол: „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“ (Јов 2:4). Со тоа што рекол „човекот“, јасно покажал дека неговото обвинение не се однесува само на Јов туку на сите луѓе. Ова е многу важно. Сатана ја довел во прашање и твојата верност кон Бог. Ѓаволот сака да му бидеш непослушен на Бог и да скршнеш од правиот пат кога ќе се појават тешкотии. Како може да се обиде да те наведе на тоа?

16. а) Кои методи ги користи Сатана за да ги одврати луѓето од Бог? б) Како може Ѓаволот да ги користи овие методи против тебе?

16 Како што видовме во десеттото поглавје, Сатана користи различни методи за да ги одврати луѓето од Бог. Од една страна, тој напаѓа „како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Поради тоа, влијанието на Сатана може да се види кога пријателите, роднините или други луѓе ти се противат затоа што ја проучуваш Библијата и го применуваш она што го учиш * (Јован 15:19, 20). Но, од друга страна, Сатана „се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:14). Ѓаволот може да те заведе на подмолен начин и може лукаво да те натера да престанеш да живееш онака како што вели Бог. Исто така, може да се обиде и да те обесхрабри со тоа што ќе те наведе да си мислиш дека не си доволно добар за да му угодиш на Бог (Изреки 24:10). Сеедно дали Сатана настапува како „разрикан лав“ или како „ангел на светлината“, неговото обвинение останува исто. Тој вели дека, кога ќе имаш проблеми или искушенија, ќе престанеш да му служиш на Бог. Како можеш и ти, како Јов, да го побиеш ова обвинение и да докажеш дека си му верен на Бог?

СЛУШАЈ ГИ ЈЕХОВИНИТЕ ЗАПОВЕДИ

17. Која е главната причина зошто треба да ги слушаме Јеховините заповеди?

17 Можеш да дадеш одговор на обвиненијата од Сатана со тоа што ќе живееш онака како што вели Бог. Што вклучува тоа? Библијата го дава одговорот: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“ (5. Мојсеева 6:5). Како што ќе расте твојата љубов кон Бог, така ќе расте и твојата желба да го правиш она што тој го бара од тебе. Апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“. Ако го сакаш Јехова со сето свое срце, ќе видиш дека „неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).

18, 19. а) Кои се некои заповеди што ги дал Јехова? (Види ја рамката со наслов „ Не прави го она што Јехова го мрази“.) б) Од каде знаеме дека Бог не очекува премногу од нас?

18 Какви заповеди дал Јехова? Некои од нив се однесуваат на работи што не треба да ги правиме. На пример, обрни внимание на рамката со наслов „ Не прави го она што Јехова го мрази“. Во неа се спомнати работи што Библијата отворено ги осудува. Можеби на прв поглед ќе ти се чини дека некои од нив не се толку погрешни. Но, откако добро ќе размислиш за библиските стихови што се наведени, сигурно ќе сфатиш колку се мудри Јеховините закони. Можеби ќе треба да смениш некои работи кај себе и тоа ќе биде најголемиот предизвик со кој си се соочил досега. Сепак, ако живееш онака како што вели Јехова, ќе бидеш задоволен и среќен (Исаија 48:17, 18). Ова не е нешто недостижно. Од каде знаеме?

19 Јехова никогаш не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме. (Прочитај 5. Мојсеева 30:11-14.) Тој ги знае нашите можности и ограничувања подобро од нас самите (Псалм 103:14). Освен тоа, Јехова може да ни даде сила да му бидеме послушни. Апостол Павле напишал: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13). За да ти помогне да издржиш, Јехова може да ти даде дури и невообичаено голема сила (2. Коринќаните 4:7). Откако поднел многу искушенија, Павле со право можел да рече: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).

СТЕКНУВАЈ ОСОБИНИ ШТО МУ СЕ ДОПАЃААТ НА БОГ

20. Кои особини што му се допаѓаат на Бог треба да ги стекнуваш, и зошто се важни?

20 Се разбира, за да го радуваш Јехова не е доволно само да не го правиш она што тој го мрази — треба да го сакаш она што тој го сака (Римјаните 12:9). Зарем не ти се допаѓаат оние што имаат слични гледишта, интереси и мерила како твоите? И со Јехова е така. Затоа, научи да го сакаш она што го сака тој. Во 15. Псалм се опишани некои работи што тој ги сака. Таму читаме кои личности Бог ги смета за свои пријатели. (Прочитај Псалм 15:1-5.) Пријателите на Јехова ги имаат особините што Библијата ги нарекува ,плодови на духот‘. Тие особини се ,љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата, благоста и самосовладувањето‘ (Галатите 5:22, 23).

21. Како можеш да стекнеш особини што му се допаѓаат на Бог?

21 Ако редовно ја читаш и ја проучуваш Библијата, ќе можеш да стекнеш особини што му се допаѓаат на Бог. Кога ќе знаеш што бара тој од нас, ќе можеш да го усогласиш својот начин на размислување со Божјиот (Исаија 30:20, 21). Колку повеќе се продлабочува твојата љубов кон Јехова, толку посилна ќе биде твојата желба да го радуваш Бог со тоа што ќе живееш онака како што вели тој.

22. Што ќе постигнеш ако живееш онака како што вели Бог?

22 За да живееш онака како што вели Бог, треба да вложиш труд. Промените што ќе треба да ги направиш во животот Библијата ги споредува со соблекување на старата и облекување на нова личност (Колошаните 3:9, 10). Но, во врска со Јеховините заповеди, псалмистот напишал: „Тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Псалм 19:11). И ти ќе се увериш дека ќе бидеш богато награден ако живееш онака како што вели Бог. Така ќе ги побиеш обвиненијата од Сатана и ќе го израдуваш Јеховиното срце!

^ пас. 16 Ова не значи дека оние што ти се противат се под директна контрола на Сатана. Но, Сатана е богот на овој свет, и целиот свет е под негова власт (2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19). Затоа можеме да очекуваме дека на луѓето нема да им се допадне ако живееме онака како што вели Бог, и дека некои ќе ни се противат.