Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Јеховината реч сѐ повеќе растеше“

„Јеховината реч сѐ повеќе растеше“

Петар е ослободен од затвор, а прогонството не успева да го спречи ширењето на добрата вест

Се темели на Дела 12:1-25

1-4. Во каква тешка ситуација се нашол Петар, и како би се чувствувал ти да си бил на негово место?

 ОГРОМНАТА железна капија со силен тресок се затвора зад Петар. Окован меѓу двајца римски стражари, тој чекори кон својата ќелија. Следат часови, а можеби и денови на неизвесност и исчекување. Каде и да се сврти, Петар не може да види ништо друго освен затворски ѕидови, решетки, окови и стражари.

2 Конечно, ја дознава страшната пресуда. Царот Ирод Агрипа I е решен да го погуби. a Всушност, Петар ќе биде изведен пред народот по Пасхата, а неговата смртна казна треба да биде еден вид подарок од царот за да му угоди на народот. Ова не е празна закана. Неодамна, истиов владетел веќе погубил еден друг апостол — Јаков.

3 Вечер е, и само часови го делат Петар од погубувањето кое е планирано за следниот ден. За што размислува во својата мрачна зандана? Дали можеби се потсетува на зборовите што Исус му ги кажал пред десетина години, кога му открил дека еден ден ќе биде врзан и одведен таму каде што не ќе сака да оди — во својата смрт? (Јован 21:18, 19). Веројатно Петар се прашува дали сега е дојдено тоа време.

4 Како би се чувствувал ти да беше на негово место? Мнозина би паднале во очај и би мислеле дека нема никаква надеж. Но, има ли ситуација која е потполно безнадежна за еден вистински следбеник на Исус Христос? Што можеме да научиме од начинот на кој Петар и неговите сохристијани се справиле со прогонството? Да видиме.

„Собранието горливо му се молеше на Бог“ (Дела 12:1-5)

5, 6. а) Зошто и како цар Ирод Агрипа I го нападнал христијанското собрание? б) Зошто смртта на Јаков претставувала испит за собранието?

5 Како што видовме во претходното поглавје од оваа книга, преобраќањето на не-Евреинот Корнелиј и на неговото семејство било радосен настан за христијанското собрание. Но, за неверните Евреи сигурно било вистински шок кога дознале дека многу еврејски христијани почнале да го обожаваат Јехова заедно со не-Евреи.

6 Ирод, лукав политичар, видел дека ова му е уште една шанса да ја придобие наклоноста на Евреите, па затоа почнал да ги малтретира христијаните. Без сомнение, тој дознал дека апостолот „Јаков, братот на Јован“, му бил особено близок на Исус Христос, и затоа го погубил со меч (Дела 12:2). Колку голем испит било ова за собранието! Јаков бил еден од тројцата кои го виделе преобразувањето на Исус, а бил очевидец и на други чуда што не ги виделе сите апостоли (Мат. 17:1, 2; Мар. 5:37-42). Поради нивната огнена ревност, Исус ги нарекол него и брат му, Јован, „синови на громот“ (Мар. 3:17). Според тоа, со неговата смрт, собранието загубило еден смел, верен сведок и сакан апостол.

7, 8. Што правело собранието откако Петар бил затворен?

7 Како што се надевал Агрипа, погубувањето на Јаков им било по волја на Евреите. Охрабрен од ова, тој за следна мета си го поставил Петар. Како што беше опишано во почетокот, наредил Петар да биде уапсен. Меѓутоа, Агрипа веројатно се сеќавал дека веќе еднаш апостолите со чудо биле ослободени од затвор, како што беше спомнато во 5. поглавје од оваа книга. Овој пат не сакал да ризикува. Затоа заповедал Петар да биде окован меѓу двајца стражари, и вкупно 16 стражари требало да го чуваат на смени дење и ноќе за да не им побегне. Ако успеел да побегне, тие ќе биле погубени наместо него. Што можеле да прават соверниците на Петар во една ваква тешка ситуација?

8 Собранието добро знаело што треба да прави. Во Дела 12:5 стои: „Така го држеа Петар в затвор, а собранието горливо му се молеше на Бог за него“. Значи, тие се молеле горливо и сесрдно за својот сакан брат. Не дозволиле смртта на Јаков да ги фрли во очај, ниту пак да ги наведе да помислат дека молитвите се залудни. Молитвите многу му значат на Јехова. Ако се во склад со неговата волја, тој ќе одговори на нив (Евр. 13:18, 19; Јак. 5:16). Ова е важна лекција за христијаните денес.

9. Што учиме за молитвата од примерот на соверниците на Петар?

9 Дали познаваш соверници кои се погодени од неволји? Можеби трпат прогонство, служат под забрана или доживеале природна катастрофа. Зошто сесрдно не се молиш за нив? А можеби познаваш и некои што не страдаат на толку видлив начин, некои што се соочуваат со проблеми во семејството, обесхрабрување или со друг испит на својата вера. Ако длабоко размислуваш пред да се молиш, можеби ќе се сетиш на повеќе лица што би можел да ги спомнеш по име кога зборуваш со Јехова, кој „ги слуша молитвите“ (Пс. 65:2). Впрочем, зарем не сакаш твоите браќа и сестри да го прават истото за тебе кога се соочуваш со тешкотии?

Се молиме за нашите браќа кои лежат по затвори поради својата вера

„Појди по мене!“ (Дела 12:6-11)

10, 11. Опиши како Јеховиниот ангел го ослободил Петар од затворот.

10 Дали Петар бил вознемирен поради опасноста што му се заканувала? Не можеме да го тврдиме тоа, но во текот на таа последна ноќ во затворот, тој цврсто спиел меѓу двајцата будни стражари. Овој верен човек сигурно знаел дека, сеедно што ќе му донесе утрешниот ден, тој е на сигурно кај Јехова (Рим. 14:7, 8). Како и да е, ни на крај памет не му паѓало дека ќе се случат неверојатните настани што следеле потоа. Одеднаш, ќелијата се исполнила со силна светлина и во неа застанал ангел. Но, чуварите очигледно не можеле да го видат. Тој брзо го разбудил Петар. И тогаш, синџирите со кои му биле врзани рацете — и кои се чинело дека никој не може да ги скине — едноставно паднале наземи!

„Дојдоа до железната порта, која води во градот. Таа им се отвори сама од себе“ (Дела 12:10)

11 Потоа ангелот му дал на Петар неколку кратки и јасни заповеди: „Стани брзо!... Опаши се и обуј си ги сандалите!... Облечи ја наметката“. Петар спремно го послушал. На крајот, ангелот му рекол: „Појди по мене!“ И тој пошол. Излегле заедно од ќелијата, поминале покрај стражарите што стоеле надвор и незабележливо дошле до големата железна порта. Како ќе поминат низ неа? Дури и да го помислил ова, Петар речиси за миг го добил одговорот. Додека се приближувале кон портата, таа се отворила „сама од себе“. Пред да се соземе, Петар веќе излегол на улицата, а ангелот исчезнал. Дури тогаш сфатил дека сето ова се случувало на јаве, а не во видение. Тој бил на слобода! (Дела 12:7-11).

12. Зошто е утешно да размислуваме за начинот на кој Јехова го спасил Петар?

12 Зарем не е утешно кога размислуваме дека Јехова, со својата неограничена моќ, може да ги спаси своите слуги? Петар бил фрлен во затвор од цар зад кого стоела една од најмоќните светски сили во историјата. Сепак, тој цар не можел да го спречи да излезе од затворот! Се разбира, Јехова не прави такви чуда за сите свои слуги. Не направил такво нешто за Јаков, а подоцна ниту за Петар, кога зборовите што му ги кажал Исус конечно се исполниле. Христијаните денес не очекуваат да бидат избавени со чудо. Сепак, знаеме дека Јехова не се менува (Мал. 3:6). Наскоро, преку својот Син, Тој ќе ослободи милиони луѓе од најстрашниот затвор — смртта (Јован 5:28, 29). Таквите ветувања можат да ни влеат огромна храброст кога ќе се соочиме со испити денес.

„Го здогледаа и се вчудовидоа“ (Дела 12:12-17)

13-15. а) Како реагирале членовите на собранието, кои биле собрани во куќата на Марија, кога пристигнал Петар? б) За што главно се зборува во остатокот од книгата Дела, но какво влијание имал Петар и понатаму врз своите духовни браќа и сестри?

13 Петар стоел во мрачната улица, прашувајќи се каде да оди. И тогаш се сетил! Во близина живеела една христијанка по име Марија. Очигледно, таа била побогата вдовица бидејќи имала своја куќа која била доволно голема да собере цело собрание. Оваа жена му била мајка на Јован Марко, кој, во книгата Дела, за првпат е спомнат на ова место и кој на крајот му станал како син на Петар (1. Пет. 5:13). Таа ноќ, иако веќе било доцна, мнозина од собранието биле во куќата на Марија и горливо се молеле. Без сомнение, се молеле Петар да биде ослободен, но во никој случај не очекувале Јехова да им одговори на таков начин!

14 Петар тропнал на влезната врата, од која се влегувало во предниот двор на куќата. Една слугинка по име Рода — вообичаено грчко име што значи „Ружа“ — излегла да отвори. Кога го чула гласот на Петар, не можела да си поверува на ушите! И, наместо да ја отвори вратата, возбудената девојка го оставила да стои на улица, па отрчала во куќата каде што се обидела да ги убеди браќата дека Петар стои надвор. Тие ѝ рекле дека е луда, но не можеле лесно да ја разубедат. Таа упорно тврдела дека ја кажува вистината. Некои попуштиле и рекле дека можеби тоа е ангел кој им носи порака од Петар (Дела 12:12-15). Петар продолжил да тропа сѐ додека конечно не дошле да му ја отворат вратата.

15 Кога стигнале кај портата, тие го здогледале и се вчудовиделе! (Дела 12:16). Петар морал прво да ги смири за да им каже што точно се случило. Откако им раскажал сѐ, рекол да им го јават ова на ученикот Јаков и на браќата, а потоа си заминал пред да можат војниците на Ирод да го најдат. Сигурно отишол на некое побезбедно место за да продолжи со својата верна служба. Освен улогата што ја имал кога се решавал спорот околу обрежувањето, за кој се зборува во 15. поглавје од Дела, тој веќе не се спомнува во оваа книга. Книгата Дела понатаму главно зборува за службата и патувањата на апостол Павле. Сепак, можеме да бидеме уверени дека, каде и да одел, Петар ја зајакнувал верата на своите браќа и сестри. Кога ги оставил браќата во куќата на Марија, тие сигурно биле многу радосни.

16. Зошто можеме да бидеме сигурни дека во иднина ќе имаме многу работи на кои ќе се радуваме?

16 Понекогаш Јехова им дава на своите слуги многу повеќе отколку што очекуваат, и тоа им причинува речиси неопислива радост. Токму така се чувствувале таа ноќ духовните браќа и сестри на Петар. Така можеби понекогаш се чувствуваме и ние денес кога ќе доживееме некој голем благослов од Јехова (Изр. 10:22). Во иднина, ќе видиме како сите Јеховини ветувања се исполнуваат во светски размери. Тогаш, реалноста сигурно далеку ќе го надмине сето она што можеме воопшто да си го замислиме сега. Затоа, сѐ додека сме верни, можеме да се надеваме на среќна иднина.

„Го удри Јеховиниот ангел“ (Дела 12:18-25)

17, 18. Како дошло до тоа народот да му ласка на Ирод?

17 И Ирод бил изненаден од бегството на Петар — но за него ова не било пријатно изненадување. Тој веднаш заповедал да се спроведе темелна истрага и ги испрашал стражарите што го чувале. Потоа, заповедал „да ги одведат за да ги казнат“, веројатно со погубување (Дела 12:19). Во никој случај не може да се каже дека Ирод Агрипа бил сочувствителен и милосрден. Дали овој свиреп човек некогаш бил казнет?

18 Иако можеби се чувствувал понижен затоа што не успеал да го погуби Петар, Агрипа наскоро си нашол лек за својата повредена суета. Се појавила ситуација кога неговите непријатели побарале да склучат мир со него. Без сомнение, тој едвај чекал да одржи говор пред огромна публика. Лука известува дека, кога дошол тој ден, Ирод ја облекол „кралската руба“. Еврејскиот историчар Јосиф пишува дека наметката на Ирод била направена од сребро, па кога врз него паѓала светлина, изгледало како дословно да е облечен во слава. Потоа, овој вообразен политичар одржал говор. Со желба да му ласка, насобраниот народ почнал да вика: „Тоа е глас на бог, а не на човек!“ (Дела 12:20-22).

19, 20. а) Зошто Јехова го казнил Ирод? б) Каква утеха црпиме од извештајот за ненадејната смрт на Ирод?

19 Славата му припаѓа само на Бог, а Тој го гледал сето тоа! Ирод имал шанса да го избегне она што се случило потоа. Можел да го прекори народот или барем да каже дека не се согласува со нивните зборови. Наместо тоа, на него, во вистинска смисла на зборот, се исполнила изреката: „Гордоста оди пред пропаста“ (Изр. 16:18). Веднаш го удрил Јеховиниот ангел, и тој надуен и самобендисан владетел умрел на ужасен начин. Библијата вели: „Го изедоа црви и издивна“ (Дела 12:23). И Јосиф известува дека Агрипа ненадејно паднал болен и додава дека царот заклучил оти умира затоа што го прифатил ласкањето на народот. Јосиф пишува дека Агрипа се мачел пет дена пред конечно да издивне. b

20 Има моменти кога можеби ни се чини дека злобните луѓе прават што сакаат и секогаш поминуваат без казна. Ова не треба да нѐ изненади бидејќи „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Сепак, на верните Божји слуги понекогаш не им е сеедно кога гледаат дека злите луѓе не ги стигнува правдата. Ова е една причина зошто ваквите извештаи се многу утешни. Всушност, од нив гледаме како Јехова се вмешува во работите и со тоа ги потсетува сите свои слуги дека тој ја сака правдата (Пс. 33:5). Кога-тогаш, неговата правда ќе биде извршена!

21. Која е главната поука од 12. поглавје во книгата Дела, и зошто тоа може да нѐ утеши денес?

21 Овој извештај завршува со уште поохрабрувачка изјава: „А Јеховината реч сѐ повеќе растеше и се ширеше“ (Дела 12:24). Оваа забелешка за напредокот на проповедничкото дело можеби нѐ потсетува на тоа како Јехова го благословува проповедањето во денешно време. Очигледно, 12. поглавје од книгата Дела не зборува само за тоа дека еден апостол бил погубен, а друг избавен, туку и за тоа дека Јехова ги спречил обидите на Сатана да го сотре христијанското собрание и да го задуши ревносното проповедање на христијаните. Тие напади не успеале, како што нема да успее ниту една друга таква замисла на Сатана (Иса. 54:17). Но, оние што се на страната на Јехова и на Исус Христос учествуваат во дело кое сигурно ќе има успех. Зарем ова не нѐ охрабрува? Колкава чест имаме што помагаме да се шири „Јеховината реч“ денес!

a Види ја рамката „ Цар Ирод Агрипа I“.

b Еден лекар и автор напишал дека симптомите што ги опишуваат Јосиф и Лука можеби биле предизвикани од детски глисти кои создале смртоносна блокада во цревата. Понекогаш, болниот повраќа такви црви, или пак му излегуваат од телото при смртта. Во една книга се вели: „Тоа што Лука точно опишува што му се случило, како што обично би направил еден лекар, живо ни ја доловува ужасната смрт на [Ирод]“.