ВТОРО ПОГЛАВЈЕ
„Ќе ми бидете сведоци“
Исус ги подготвува апостолите да предводат во проповедањето
Се темели на Дела 1:1-26
1-3. Како Исус се разделил со учениците, и кои прашања се поставуваат?
ЗА АПОСТОЛИТЕ, последните неколку седмици се полни со возбудливи настани, и тие не сакаат тоа да се промени. Нивниот длабок очај се претворил во неизмерна радост кога со свои очи го виделе воскреснатиот Исус. Во текот на цели 40 дена, тој повеќепати им се појавил на своите ученици и секојпат ги поучувал и ги храбрел. Меѓутоа, денес апостолите го гледаат за последен пат.
2 Додека стојат со Исус на Маслинската Гора, просто го голтаат секој збор што им го кажува. Кога завршува — се чини пребрзо — тој ги подига рацете и ги благословува. И тогаш, почнува да се крева од Земјата! Тие втренчено гледаат како се вознесува на небото. На крајот, еден облак им го сокрива од погледот. Иако веќе не можат да го видат, тие не ги тргаат очите од небото (Лука 24:50; Дела 1:9, 10).
3 Овој настан е вистинска пресвртница во животот на апостолите. Што ќе прават сега кога нивниот Господар, Исус Христос, е вознесен на небото? Можеме да бидеме сигурни дека тој ги обучил да продолжат со делото што самиот го започнал. Како ги подготвил за оваа важна задача? Што направиле тие? И како влијае ова врз христијаните денес? Одговорот на овие прашања, кој се наоѓа во првото поглавје од книгата Дела, многу ќе нѐ охрабри.
„Многубројни неоспорни докази“ (Дела 1:1-5)
4. Како го започнал Лука својот извештај запишан во книгата Дела?
4 Лука го започнува својот извештај обраќајќи му се на Теофил — истиот човек кому пред тоа му го напишал своето евангелие. a За да покаже јасно дека ова е продолжение на претходниот запис, Лука во почетокот накратко ги повторува настаните што ги запишал на крајот од своето евангелие, но притоа користи малку поинакви зборови и додава нови детали.
5, 6. а) Што им помогнало на следбениците на Исус и понатаму да имаат цврста вера? б) Во која смисла верата на денешните христијани се темели на „многубројни неоспорни докази“?
5 Што ќе им помогне на следбениците на Исус и понатаму да имаат цврста вера? Во Дела 1:3 читаме: „[Исус] им покажа со многубројни неоспорни докази дека е жив“. Во Библијата, само „саканиот лекар“ Лука го користи зборот преведен со „неоспорни докази“ (Кол. 4:14). Овој термин, кој се користел во стручни медицински текстови, укажува на докази кои се јасни, уверливи и веродостојни. Исус им дал токму такви докази. Тој им се појавил на своите ученици повеќе пати, понекогаш на еден или на двајца, понекогаш на сите апостоли, а еднаш и на повеќе од 500 верници (1. Кор. 15:3-6). Тоа биле навистина неоспорни докази!
6 И верата на вистинските христијани денес се темели на „многубројни неоспорни докази“. Дали имаме потврда дека Исус живеел на Земјата, дека умрел за нашите гревови и дека бил воскреснат? Се разбира! Веродостојните извештаи на очевидци, кои се запишани во Божјата вдахновена Реч, ги содржат сите потребни докази. Ако ги проучуваме и ако го молиме Бог да ни помогне да го примениме она што сме го научиле од нив, нашата вера ќе стане уште поцврста. Не заборавај, вистинската вера се разликува од чистата лековерност по цврстите докази на кои се темели. Токму таква вера ни е неопходна за да добиеме вечен живот (Јован 3:16).
7. Каков пример им дал Исус на своите следбеници во поглед на поучувањето и проповедањето?
7 Исус им зборувал на учениците и за Божјето Царство. На пример, им објаснил некои пророштва што покажуваат дека Месијата треба да пострада и да умре (Лука 24:13-32, 46, 47). Кога им ја разјаснил својата улога на Месија, посебно го нагласил Божјето Царство, бидејќи тој требало да биде идниот Цар. Исус секогаш проповедал за Царството, а и неговите следбеници денес ја проповедаат истата важна порака (Мат. 24:14; Лука 4:43).
„Сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:6-12)
8, 9. а) Во врска со кои две работи имале погрешно гледиште апостолите на Исус? б) Како го исправил Исус нивното размислување, и каква поука им дал со тоа на денешните христијани?
8 Кога се собрале заедно на Маслинската Гора, апостолите за последен пат се сретнале со Исус на Земјата и со голем интерес го прашале: „Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел?“ (Дела 1:6). Со ова прашање, апостолите, всушност, откриле дека имаат погрешно гледиште во врска со две работи. Прво, тие мислеле дека Божјето Царство ќе владее само над израелскиот народ. Второ, очекувале ветеното Царство да почне да владее веднаш, „во ова време“. Како им помогнал Исус да го исправат своето размислување?
9 Исус веројатно знаел дека гледиштето во врска со првата работа ќе го сменат многу скоро. Всушност, по само десет дена, неговите следбеници требало да го видат раѓањето на еден нов народ, духовниот Израел! Значи, Бог имал намера набрзо да му стави крај на посебниот однос што го имал со израелскиот народ. А во врска со втората работа, Исус љубезно ги потсетил: „Не е ваше да ги знаете времињата или раздобјата што Таткото ги има под своја власт“ (Дела 1:7). Јехова е тој што го одредува временскиот распоред за своите намери. Пред да умре, самиот Исус рекол дека во тоа време дури ни Синот не го знаел денот и часот кога ќе дојде крајот, „туку само Таткото“ (Мат. 24:36). Според тоа, доколку денес некои христијани претерано размислуваат кога ќе дојде крајот на овој поредок, тие се преокупираат со нешто што, всушност, не е нивна работа.
10. Кој став на апостолите треба да го имаме и ние, и зошто?
10 Сепак, не смееме поради тоа да ги потценуваме апостолите, кои имале силна вера. Тие понизно ја прифатиле исправката од Исус. Освен тоа, иако го поставиле прашањето тргнувајќи од погрешна претпоставка, тоа открило и дека имаат добар став. Исус постојано ги поттикнувал своите следбеници: „Бдејте“ (Мат. 24:42; 25:13; 26:41). Во духовна смисла, тие биле на штрек и будно внимавале за да го забележат секој доказ дека Јехова набрзо ќе преземе нешто. Таков став треба да имаме и ние денес. Всушност, тоа е особено важно за нас денес бидејќи живееме во овие многу значајни последни денови (2. Тим. 3:1-5).
11, 12. а) Кој налог им го дал Исус на своите ученици? б) Зошто било на место Исус да го спомне светиот дух во поврзаност со налогот за проповедање?
11 Исус ги потсетил апостолите што треба да им биде најважно. Тој им рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Веста за воскресението на Исус требало најпрво да се објави во Ерусалим, градот каде што бил убиен. Оттаму требало да се рашири низ цела Јудеја, потоа низ Самарија и, на крајот, многу подалеку.
12 На место е што Исус им го дал налогот да проповедаат дури откако го повторил своето ветување дека ќе им биде пратен светиот дух за да им помага. Во Дела на апостолите, изразот „свет дух“ се појавува повеќе од 40 пати. Секогаш одново, во оваа живописна библиска книга се нагласува дека не можеме да ја вршиме Јеховината волја без помошта од светиот дух. Според тоа, многу е важно секогаш да го молиме Јехова да ни дава од својот дух! (Лука 11:13). Сега ни е потребен повеќе од кога и да било порано!
13. На колкаво подрачје треба да се изврши проповедничката задача што му е дадена на Божјиот народ денес, и зошто треба спремно да учествуваме во неа?
13 Изразот „крајот на земјата“ денес опфаќа многу поголемо подрачје отколку во првиот век. Но, како што беше кажано и во првото поглавје, Јеховините сведоци со цело срце ја прифаќаат оваа задача да сведочат бидејќи знаат дека Бог сака најразлични луѓе да ја слушнат добрата вест за неговото Царство (1. Тим. 2:3, 4). Дали и ти ревносно учествуваш во ова животоспасувачко дело? Ниту една друга активност не може да ти донесе поголемо задоволство и среќа во животот! А Јехова ќе ти ја дава силата што ти е потребна за да сведочиш. Од книгата Дела ќе научиш многу за методите што можеш да ги користиш и за ставот што треба го да имаш за да бидеш успешен.
14, 15. а) Што рекле ангелите во врска со враќањето на Христос, и што сакале да кажат со тоа? (Види ја и фуснотата.) б) Во која смисла Исус се вратил „на истиот начин“ како што си заминал?
14 Како што беше спомнато во почетокот на ова поглавје, Исус се подигнал од земјата, и 11-те апостоли не можеле повеќе да го видат. Сепак, тие останале да стојат и да гледаат во небото. На крајот им се појавиле двајца ангели и благо ги прекориле, велејќи: „Луѓе Галилејци, зошто стоите и гледате кон небото? Овој Исус, кој е земен од вас на небото, ќе дојде на истиот начин како што го видовте дека заминува на небо“ (Дела 1:11). Дали ангелите сакале да кажат дека Исус ќе се врати во истото тело, како што поучуваат некои верски лица? Не. Од каде знаеме?
15 Ангелите не рекле дека Исус ќе се врати во истиот облик, туку „на истиот начин“. b А на кој начин си заминал? Кога се појавиле ангелите, тој веќе не се гледал. Всушност, само тие неколку луѓе — апостолите — биле свесни дека Исус си заминал од Земјата кај својот Татко на небото. Христос требало да се врати на сличен начин. Така и било. Денес, само оние што ја разбираат Библијата и го сфаќаат значењето на нашево време се свесни дека Исус е присутен како Цар (Лука 17:20). Ние треба да ги препознаеме доказите за неговата присутност и да им ги кажеме и на другите за да сфатат колку е итно да преземат нешто.
„Покажи кого... си го избрал“ (Дела 1:13-26)
16-18. а) Што дознаваме од Дела 1:13, 14 за христијанските собири на кои се слави Бог? б) Што учиме од примерот на Марија, мајката на Исус? в) Зошто христијанските состаноци се многу важни денес?
16 Не е чудо што апостолите се вратиле „во Ерусалим со голема радост“ (Лука 24:52). Но, ќе постапат ли во склад со водството и упатствата што им ги дал Христос? Во 13. и 14. стих од првото поглавје на Дела читаме дека тие биле собрани во една горна соба и дознаваме некои интересни детали за таквите собирања. Во тоа време, куќите во Палестина обично имале просторија на кат со надворешни скали. Дали можеби оваа горна соба била во куќата на мајката на Марко, која се спомнува во Дела 12:12? Како и да е, веројатно станува збор за едноставно и практично место каде што можеле да се собираат следбениците на Христос. Но, кој бил присутен таму, и што правеле?
17 Забележи дека не биле присутни само апостолите, ниту пак само мажи. Таму биле и „некои жени“, а меѓу нив и Марија, мајка му на Исус. Ова е последното место во Библијата каде што таа се спомнува по име. И навистина е соодветен описот што за неа е даден овде — таа понизно присуствува на состанокот со своите духовни браќа и сестри без да бара некое посебно место за себе. Сигурно ѝ било голема утеха тоа што со неа биле и другите четири сина, кои не станале верници додека Исус бил жив (Мат. 13:55; Јован 7:5). Откако нивниот полубрат умрел и воскреснал, тие го промениле ставот (1. Кор. 15:7).
18 Забележи и од која причина се собрале учениците: „Сите тие еднодушно истрајаа во молитва“ (Дела 1:14). Заедничкото собирање отсекогаш било многу важно за христијаните. Ние се состануваме за да се храбриме еден со друг, да слушаме поуки и совети, но, пред сѐ, заедно да го славиме нашиот небесен Татко, Јехова. Нашите молитви и песни на фалба во тие прилики се многу важни за нас и многу го радуваат Бог. Никогаш да не ги пропуштаме овие свети и охрабрувачки собири! (Евр. 10:24, 25).
19-21. а) Што учиме од тоа што Петар имал важна улога во собранието? б) Зошто требало Јуда да биде заменет, и што учиме од начинот на кој била разрешена таа работа?
19 Сега, учениците на Христос морале да најдат начин како да решат едно важно организациско прашање, и апостол Петар презел иницијатива во тоа (стихови 15-26). Навистина е утешно кога гледаме колку многу духовно закрепнал Петар во неколкуте седмици откако трипати се откажал од својот Господар! (Мар. 14:72). Сите ние сме склони кон грев и потребни ни се потсетувања дека Јехова е добар и спремен да му прости на секој што искрено се кае (Пс. 86:5).
20 Петар сфатил дека Јуда, апостолот кој го предал Исус, треба да биде заменет со некој друг. Но, со кого? Новиот апостол требало да биде некој што бил со Исус во текот на целата негова служба и што бил сведок на неговото воскресение (Дела 1:21, 22). Ова било во согласност со ветувањето што го дал самиот Исус: „Вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Мат. 19:28). Очигледно, Јехова имал намера 12 апостоли кои ќе го следат Исус во текот на неговата служба на Земјата во иднина да бидат 12-те камен-темелници на Новиот Ерусалим (Отк. 21:2, 14). Затоа, Бог му помогнал на Петар да види дека пророштвото, во кое се вели „неговата надгледничка служба нека ја преземе некој друг“, се однесувало на Јуда (Пс. 109:8).
21 Како бил направен изборот? Со фрлање ждрепка, како што било обичај во библиски времиња (Изр. 16:33). Ова е последното место во Библијата каде што е кажано дека се фрлала ждрепка со таква цел. Очигледно, откако подоцна бил излеан светиот дух, оваа метода повеќе не се користела. Но, забележи зошто се фрлала ждрепка. Апостолите се молеле: „Јехова, ти кој ги познаваш срцата на сите луѓе, покажи кого од овие двајца си го избрал“ (Дела 1:23, 24). Тие сакале изборот да го направи Јехова. Ждрепката паднала на Матиј, кој веројатно бил меѓу 70-те ученици кои Исус ги испратил да проповедаат. На тој начин, Матиј станал еден од „дванаесеттемина“ c (Дела 6:2).
22, 23. Зошто треба да им бидеме подложни и послушни на оние што предводат во собранието денес?
22 Оваа случка нѐ потсетува колку е важно Божјиот народ да биде организиран. До денешен ден се избираат одговорни мажи да служат како надгледници во собранието. Старешините внимателно разгледуваат дали тие ги исполнуваат библиските барања за надгледници, и притоа се молат за водство од светиот дух. Затоа членовите на собранието веруваат дека тие мажи се именувани од светиот дух. Од нас се очекува да бидеме подложни и послушни на нивното водство и да придонесуваме за меѓусебна соработка во собранието (Евр. 13:17).
23 Сега, охрабрени откако го виделе воскреснатиот Исус и зајакнати со организациските подобрувања, овие ученици биле целосно подготвени за она што ги чекало. Во следното поглавје ќе разгледаме еден многу значаен настан што се случил набрзо потоа.
a Во своето евангелие, Лука му се обраќа на овој човек со „честити Теофиле“, што, според некои, е показател дека Теофил веројатно бил угледна личност, но сѐ уште не бил верник (Лука 1:3). Меѓутоа овде, во Дела на апостолите, Лука му се обраќа едноставно со „Теофиле“. Врз основа на тоа, некои изучувачи на Библијата дошле до заклучок дека Теофил станал верник откако го прочитал евангелието на Лука. Затоа, велат тие, Лука веќе не му се обраќа со „честити Теофиле“, туку го користи само неговото име бидејќи сега му пишува на човек кој станал негов духовен брат.
b Овде Библијата го користи грчкиот збор „тропос“, што значи „начин“, а не „морфи“, што значи „облик“.
c Подоцна, Павле бил поставен за „апостол испратен кај другите народи“, но за него никогаш не се вели дека бил еден од дванаесеттемина (Рим. 11:13; 1. Кор. 15:4-8). Тој не ги исполнувал условите да ја добие таа посебна чест затоа што не бил со Исус додека Исус служел на Земјата.