ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Мораме да му се покоруваме на Бог“
Апостолите заземаат цврст став со кој им даваат пример на сите вистински христијани
Се темели на Дела 5:12 — 6:7
1-3. а) Зошто апостолите биле изведени пред Судскиот совет, и на што се сведувала целата работа? б) Зошто сме живо заинтересирани за ставот што го зазеле апостолите?
СУДИИТЕ во Судскиот совет вријат од гнев! Пред нив стојат апостолите на Исус спремни да бидат сослушани од овој врховен суд. За што се обвинети? Јосиф Кајафа, првосвештеникот кој претседава со Судскиот совет, им се обраќа со остар тон: „Строго ви наредивме да не поучувате во тоа име“. Разбеснетиот Кајафа не сака ни да го изговори името на Исус. „А вие“, продолжува тој, „го наполнивте Ерусалим со своето учење и сакате крвта на тој човек да ја фрлите на нас“ (Дела 5:28). Неговата порака е јасна како ден — или престанете да проповедате или тешко вам!
2 Што ќе направат апостолите? Тие добиле заповед од Исус да проповедаат, а Исус добил овластување од Бог (Мат. 28:18-20). Дали ќе му дозволат на стравот од човек да ги парализира и да ги замолкне или храбро ќе продолжат да проповедаат, и покрај таквиот притисок? Всушност, сѐ се сведува на следново: Ќе го послушаат ли Бог или ќе слушаат човек? Без ронка двоумење, апостол Петар одговара во името на сите апостоли. Неговите зборови се јасни и недвосмислени.
3 Како вистински христијани, ние сме живо заинтересирани да дознаеме што направиле апостолите откако ги чуле овие закани од Судскиот совет. И за нас важи истата заповед да проповедаме. Додека ја извршуваме оваа задача од Бог, можно е да се соочиме со слично противење (Мат. 10:22). Можеби противниците законски ќе го ограничат или ќе го забранат нашето проповедање. Што ќе правиме? Можеме да извлечеме поука ако разгледаме каков став зазеле апостолите и што се случило пред да бидат изведени пред Судскиот совет. a
„Јеховин ангел ги отвори вратите“ (Дела 5:12-21а)
4, 5. Зошто Кајафа и садукеите биле „полни со љубомора“?
4 Сети се дека, кога првпат им било забрането да проповедаат, Петар и Јован одговориле: „Не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:20). По таа средба со Судскиот совет, Петар и Јован, заедно со другите апостоли, продолжиле да проповедаат во храмот. Апостолите правеле големи чуда, меѓу другото, лекувале болни и истерувале демони. Ова го правеле „во Соломоновиот трем“, кој се наоѓал на источната страна од храмот, каде што обично се собирале многу Евреи. По сѐ изгледа, Петар дури и со својата сенка ги лекувал болните! Мнозина од оние што биле излекувани ја прифатиле пораката која можела и духовно да ги излекува. Кој бил резултатот? Извештајот вели: „Им се придружуваа сѐ повеќе верници во Господарот, мноштво мажи и жени“ (Дела 5:12-15).
5 Кајафа и садукеите, верската секта на којашто ѝ припаѓал тој, „полни со љубомора“ ги фрлиле апостолите в затвор (Дела 5:17, 18). Зошто толку се разгневиле? Апостолите поучувале дека Исус бил воскреснат, а садукеите не верувале во воскресение. Апостолите кажувале дека ќе бидат спасени само оние што веруваат во Исус, но садукеите се плашеле дека Рим ќе преземе казнени мерки ако луѓето го сметаат Исус за свој Водач (Јован 11:48). Ништо чудно што биле решени по секоја цена да ги замолкнат апостолите!
6. Кој главно го подбуцнува прогонството против Јеховините слуги денес, и зошто ова не треба да нѐ изненади?
6 Исто како тогаш, и денес главно верските противници се тие што подбуцнуваат прогонство против Јеховините слуги. Таквите лица честопати се обидуваат да го замолкнат нашето проповедање користејќи го влијанието што го имаат врз властите и врз средствата за јавно информирање. Треба ли ова да нѐ изненади? Не. Нашата порака разоткрива каква е лажната религија. Кога ќе ја прифатат вистината од Библијата, искрените луѓе се ослободуваат од небиблиските верувања и обичаи (Јован 8:32). Тогаш, зарем е чудно што нашата порака честопати предизвикува љубомора и омраза кај верските водачи?
7, 8. Како сигурно влијаела врз апостолите заповедта од ангелот, и кое прашање би било добро да си го поставиме?
7 Додека биле в затвор и очекувале судењето да почне, апостолите можеби се прашувале дали непријателите ќе ги погубат (Мат. 24:9). Но, таа ноќ се случило нешто многу неочекувано — Јеховин ангел ги отворил вратите на затворот b (Дела 5:19). Потоа, ангелот им дал конкретни упатства: „Застанете во храмот и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој живот!“ (Дела 5:20). Таа заповед несомнено ги уверила апостолите дека постапувале како што треба. Можеби зборовите на ангелот им влеале сила да останат непоколебливи, сеедно што ќе се случи. Храбро и со цврста вера, апостолите влегле во храмот взори и почнале да поучуваат (Дела 5:21).
8 Би било добро секој од нас да се праша: „Дали и јас ќе имам вера и храброст да продолжам да проповедам во слични околности?“ Можеме да црпиме сила од сознанието дека ангелите ни помагаат и нѐ водат додека учествуваме во ова важно дело — додека темелно сведочиме за Божјето Царство (Дела 28:23; Отк. 14:6, 7).
„Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:21б-33)
9-11. Што одговориле апостолите кога Судскиот совет им заповедал да престанат да проповедаат, и каков пример им дале со тоа на вистинските христијани?
9 Следното утро, Кајафа и другите судии од Судскиот совет биле решени да го довршат судењето со апостолите. Без да знаат што се случило во затворот, членовите на судот пратиле стражари за да ги доведат затворениците. Замисли си колку биле изненадени тие луѓе кога откриле дека затворениците ги нема, иако затворот го нашле „заклучен и добро обезбеден и стражарите како стојат пред вратите“! (Дела 5:23). Храмскиот заповедник наскоро дознал дека апостолите повторно се во храмот и сведочат за Исус Христос — односно го прават токму тоа поради кое биле фрлени в затвор! Заповедникот и стражарите брзо отишле во храмот за да ги фатат затворениците и да ги изведат пред Судскиот совет.
10 Како што беше спомнато во почетокот на ова поглавје, разбеснетите верски водачи јасно им ставиле до знаење на апостолите дека не смеат повеќе да проповедаат. Што одговориле апостолите на тоа? Во името на сите, Петар смело изјавил: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). На тој начин, апостолите дале пример за тоа каков став треба да имаат сите вистински христијани сѐ до нашево време. Иако треба да им бидеме послушни на човечките влади, не сме должни да ги слушаме кога тие забрануваат нешто што Бог го бара од нас, или пак бараат нешто што Бог го забранува. Според тоа, ако денес властите ни забранат да сведочиме, ние не можеме да престанеме да ја проповедаме добрата вест бидејќи таа задача ни е дадена од Бог (Рим. 13:1). Напротив, ќе се трудиме на понеупадлив начин и понатаму темелно да сведочиме за Божјето Царство.
11 Не нѐ изненадува тоа што смелиот одговор на апостолите додатно ја разгорел лутината на овие судии кои веќе пламтеле од гнев. Тие биле решени „да ги убијат“ апостолите (Дела 5:33). Се чинело дека овие смели и ревносни сведоци ги чека сигурна смрт. Но, тогаш добиле помош на еден многу необичен начин!
Дела 5:34-42)
„Не ќе можете да ги спречите“ (12, 13. а) Каков совет им дал Гамалиел на другите судии, и што направиле тие? б) Како може Јехова да се заземе за својот народ денес, и во што можеме да бидеме сигурни ако тој дозволи да трпиме „поради праведноста“?
12 Тогаш станал да зборува Гамалиел, „учител по Законот... почитуван од целиот народ“. c Овој правник сигурно бил многу почитуван и од своите колеги, бидејќи од тој момент го имал главниот збор и дури заповедал „накратко да ги изведат апостолите надвор“ (Дела 5:34). Наведувајќи примери од минатото за движења кои брзо се растуриле откако останале без своите водачи, Гамалиел ги поттикнал членовите на судот да бидат стрпливи и толерантни кон апостолите, чиј водач, Исус, пред кратко време бил погубен. Зборовите на Гамалиел звучеле многу уверливо: „Не гибајте ги тие луѓе, туку пуштете ги — зашто, ако оваа замисла или ова дело е од луѓе, ќе пропадне, но ако е од Бог, не ќе можете да ги спречите — за да не се покаже дека се борите против Бог“ (Дела 5:38, 39). Судиите го послушале неговиот совет. Сепак, заповедале апостолите да бидат истепани со стапови и им наредиле „да не зборуваат во Исусово име“ (Дела 5:40).
13 И денес, исто како тогаш, Јехова може да искористи влијателни луѓе, како што бил Гамалиел, да се заземат за Неговиот народ (Изр. 21:1). Јехова може да го употреби својот дух да наведе моќни владетели, судии или законодавци да постапат во склад со неговата волја (Неем. 2:4-8). Но, ако дозволи да трпиме „поради праведноста“, можеме да бидеме сигурни во две работи (1. Пет. 3:14). Прво, Бог може да ни даде сила да издржиме (1. Кор. 10:13). И второ, противниците не ќе можат да го спречат извршувањето на Божјето дело (Иса. 54:17).
14, 15. а) Како реагирале апостолите откако биле истепани, и зошто? б) Раскажи едно искуство што покажува дека Јеховиниот народ истрајува со радост.
14 Дали апостолите дозволиле тепањето да им го згасне жарот или да им ја ослаби решеноста? Во никој случај! Тие си заминале „од Судскиот совет, радувајќи се“ (Дела 5:41). Зошто се радувале? Сигурно не поради болката што им била нанесена кога биле истепани со стапови. Тие се радувале бидејќи знаеле дека се прогонувани затоа што му се верни на Јехова и затоа што одат по стапките на својот Учител, Исус (Мат. 5:11, 12).
15 Исто како нашите браќа во првиот век, ние истрајуваме со радост кога трпиме маки поради добрата вест (1. Пет. 4:12-14). И нам не ни е мило да ни упатуваат закани, да нѐ прогонуваат или да нѐ затвораат. Но, многу се радуваме кога му остануваме верни на Бог. На пример, размисли за Хенрик Дорник, кој со години бил свирепо малтретиран од диктаторски режими. Во август 1944 год., властите решиле да ги испратат него и брат му во концентрационен логор. Противниците изјавиле: „Невозможно е да ги натераме да направат нешто. Тие се среќни што се маченици“. Брат Дорник објаснува: „Иако воопшто немав желба да бидам маченик, тоа што страдав храбро и достоинствено затоа што сакав да му останам верен на Јехова навистина ми причинуваше радост“ (Јак. 1:2-4).
16. Како покажале апостолите дека се решени да дадат темелно сведоштво, и како ние ја користиме нивната метода на проповедање?
16 Апостолите не губеле време, туку се фатиле за работа — веднаш почнале да сведочат. Тие продолжиле бестрашно да проповедаат. Извештајот вели: „Секој ден, во храмот и од куќа до куќа... ја објавуваа добрата вест за Христос“ d (Дела 5:42). Овие ревносни проповедници биле решени да дадат темелно сведоштво. Забележи дека тие им ја носеле пораката на луѓето во нивните домови, следејќи ги упатствата што им ги дал Исус Христос (Мат. 10:7, 11-14). Без сомнение, само така можеле да го наполнат Ерусалим со своето учење. Денес, Јеховините сведоци се познати по тоа што ја користат истата метода на проповедање. Ние тропнуваме на секоја врата на нашето подрачје, и со тоа јасно покажуваме дека сакаме темелно да посведочиме и секому да му дадеме можност да ја слушне добрата вест. Дали Јехова ја благословува нашата служба од куќа до куќа? Апсолутно! Во ова време на крајот, милиони ја прифаќаат пораката за Царството, а мнозина од нив првпат ја чуле добрата вест кога некој Сведок им тропнал на врата.
Соодветни луѓе водат сметка за една „потребна работа“ (Дела 6:1-6)
17-19. Каква причина за поделба се појавила, и кои упатства ги дале апостолите за да се средат работите?
17 Потоа, новото собрание се соочило со една подмолна опасност што му се заканувала однатре. Што било тоа? Многу од учениците кои се крстиле во Ерусалим биле дојдени оддалеку и сакале да научат нешто повеќе пред да се вратат дома. Учениците што живееле во Ерусалим доброволно давале средства за да им се обезбедат храна и други потребни работи на овие посетители (Дела 2:44-46; 4:34-37). Но, тогаш настанала една деликатна ситуација. „При секојдневното делење на храната“, вдовиците што зборувале грчки „биле запоставени“ (Дела 6:1). Но, вдовиците што зборувале хебрејски, не биле запоставени. Очигледно, во оваа ситуација станувало збор за пристрасност. Ова е една работа што лесно може да предизвика сериозни поделби.
18 Апостолите, во улога на водечко тело во тамошното собрание кое сѐ повеќе растело, сфатиле дека не би било мудро да ја остават Божјата реч за да делат храна (Дела 6:2). За да се средат работите, ги замолиле учениците да пронајдат седум луѓе, „полни со дух и со мудрост“, за да можат да ги постават „над оваа потребна работа“ (Дела 6:3). Барале соодветни браќа затоа што веројатно не било вклучено само делење на храна туку и раководење со пари, набавка на потребни работи и водење на точна евиденција. Сите што биле избрани имале грчки имиња, можеби за навредените вдовици да немаат причина за приговор. Откако ги разгледале препораките и побарале водство во молитва, апостолите ги поставиле седумте мажи „над оваа потребна работа“. e
19 Дали тоа што ја делеле храната значело дека тие седум поставени луѓе биле ослободени од одговорноста да ја проповедаат добрата вест? Во никој случај! Меѓу нив бил и Стефан, кој подоцна покажал дека е смел и силен сведок (Дела 6:8-10). И Филип бил еден од тие седуммина, а наречен е „проповедникот на добрата вест“ (Дела 21:8). Според тоа, јасно е дека овие седум христијани продолжиле ревносно да проповедаат за Царството.
20. Како Божјите слуги денес го следат примерот на апостолите?
20 Јеховините слуги денес го следат примерот на апостолите. Мажите што се препорачани за одговорна служба во собранието мора да покажуваат Божја мудрост и мора да се гледа дека светиот дух влијае врз нив. Под водство на Водечкото тело, мажите кои ги исполнуваат библиските барања се поставени да служат како старешини или слуга-помошници во собранијата f (1. Тим. 3:1-9, 12, 13). Затоа, за тие што ги исполнуваат условите може да се каже дека се поставени од светиот дух. Овие трудољубиви мажи се грижат за голем број потребни работи. На пример, понекогаш старешините водат сметка да им се даде практична помош на верните постари лица кога тоа е потребно (Јак. 1:27). Некои старешини се многу зафатени со изградба на сали за состаноци, со организирање на конгреси или со соработка со Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци. Слуга-помошниците се грижат за многу работи кои не се директно поврзани со поучувањето или со пастирската грижа. Меѓутоа, сите овие именувани мажи мора да бидат урамнотежени — треба да си ги извршуваат собраниските и организациските одговорности, но треба и да ја проповедаат добрата вест за Царството, како што заповедал Бог (1. Кор. 9:16).
„Божјата реч сѐ повеќе растеше“ (Дела 6:7)
21, 22. Што покажува дека Јехова го благословил новооснованото собрание?
21 Со Јеховина помош, новооснованото собрание успеало да го поднесе прогонството однадвор и да го реши проблемот што можел да предизвика поделби однатре. Било очигледно дека Јехова го благословува, бидејќи во Библијата стои: „Божјата реч сѐ повеќе растеше и бројот на учениците во Ерусалим многу се умножуваше, а и многу свештеници ја прифаќаа верата“ (Дела 6:7). Ова е само еден од неколкуте извештаи за напредокот на делото кои се запишани во книгата Дела (Дела 9:31; 12:24; 16:5; 19:20; 28:31). Зарем не сме охрабрени и денес кога слушаме извештаи за напредокот на проповедничкото дело во другите делови од светот?
22 Во првиот век, гневните верски водачи немале намера да се откажат. На повидок бил бран на прогонство. Набрзо, Стефан станал посебна мета на немилосрдно противење, како што ќе видиме во следното поглавје.
a Види ја рамката „ Судскиот совет — еврејски врховен суд“.
b Ова е првото од околу 20 места во книгата Дела каде што се спомнуваат зборовите „ангел“ или „ангели“ . Пред тоа, во Дела 1:10, за ангелите се користи изразот „мажи во бели облеки“.
c Види ја рамката „ Гамалиел — почитуван рабин“.
d Види ја рамката „ Проповедање ’од куќа до куќа‘“.
e Веројатно овие браќа ги исполнувале општите барања за старешини, бидејќи оваа задача била многу одговорна. Меѓутоа, Библијата не покажува кога точно почнале да се именуваат старешини, односно надгледници во христијанското собрание.
f Во првиот век, некои мажи имале овластување да именуваат старешини (Дела 14:23; 1. Тим. 5:22; Тит 1:5). Денес, Водечкото тело именува покраински надгледници, на кои им е дадена одговорноста да именуваат старешини и слуга-помошници.